[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Григор Прличев

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Григор Прличев
Роден/аГригор Ставрев Прличев
18 јануари 1830
Охрид
Починат/а6 февруари 1893(1893-02-06) (возр. 63)
Охрид
ПсевдонимГригориос Ставридис
Занимањеславист, поет, публицист, преведувач, учител
Образованиестудирал медицина, не дипломирал
ПериодXIX век
Жанрлингвистика, филологија
Предметбеседник, хроничар, прозаист
Книжевно движењеромантизам
Значајни делаСердарот, Скендербег, Автобиографија
Значајни наградиЛаворов венец [1]
ДецаКирил Прличев
Статуа на Григор Прличев, Мост на уметноста, Скопје, Македонија

Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1830[1] — Охрид, 6 февруари 1893[1]) — истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Покрај мајчиниот македонски, творел и на грчки и бугарски, и ги обединувал во себе нивните специфични одлики, како и современите текови на класицизмот и романтизмот. Според Македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.[2].

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина[1], како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец.[1] Истата година делото излегува од печат.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание

Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора[1] и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата.

По покана од Редакцијата на цариградското Читалиште се зафаќа со препев на Хомеровата Илијада. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во Читалиште во 1872 г. ја објавува песната Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата Автобиографија. Во цариградскиот весник Право во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов Воспитание или 12 наравствени песни. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, поканет од многумина родољупци, го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помоши. Во периодот меѓу 1883-1890 г. учителствувал во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата Автобиографија, објавена по неговата смрт во Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина.

Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.

Според Симеон Радев и другите бугарски историчари, Григор Прличев бил бугарски преродбеник и писател.[3][4]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Првите години

[уреди | уреди извор]
Родната куќа на Григор Прличев

Прличев се родил во Охрид и потекнувал од сиромашно семејство. Уште како мал останал без татко му Ставре, а за фамилијата која се состоела од три машки и едно девојче се грижеле неговата мајка Марија[1] и неговиот дедо. Бедата на неговото семејство била толку голема што поради немање обувки дедо му на грб го носел до училиште [5]. Мајката на Прличев за да го прехрани семејството работела како аргатка по туѓи куќи и од неа ја слушнал поговорката: Работата е здравје и чест. Но, во својата Автобиографија со тага истакнува дека кога ја видел мајка си како го носи тешкиот килим на глава и кога никој не сакал да ѝ помогне:

... јас плачев, како некој да беше ја убил мајка... Како ќе се живеј? - си мислев јас и таа мисла остана царица на сите мои мисли[5].

Школувањето во Охрид

[уреди | уреди извор]
Родната куќа на Григор Прличев

Првата писменост ја добил од својот дедо и од него го научил да чита грчко писмо. Грчкото писмо, култура, јазик и просвета од тогаш ќе бидат повеќе од четвртина век постојано присутни во животот на Прличев и под нивно влијание се развил како интелектуална и поетска личност. Откако го совладал основното читање неговиот дедо го запишал во грчко келијно училиште и го помагал сè додека можел. За своето прво образование Прличев истакнува:

Бев едвај четиригодишен, кога дедо ми достави еден грчки буквар по најстарата метода и ме изучи на имињата од буквите алфа, вита и др., што ги распознав за неколку дена. Но кога почна да ме учи на срицање вита - алфа = ва, вита - епсилон = ве, таквото учење ми се виде сосема чудно и си мислев со слабиот мозок како е можно два цели збора да се рамни на еден слог?[5].

Пред да умре дедото на Прличев целиот свој имот го оставил на неговата мајка која морала да даде заклетва дека нема да му дозволи на Прличев да работи и дека ќе го школува. Така Прличев сè до својата осумнаесетта година е во Охрид и се школува кај неколку учители. Школувањето во Охрид неколкупати го прекинувал за да ѝ помага на својата мајка така што тој продавал муренки, препишувал грчки ракописи за богатите гркомански чорбаџии и им помагал на богатите деца во учењето. Во последните години од школувањето во Охрид негов учител станува Димитрија Миладинов.

Во Тирана

[уреди | уреди извор]

Откако го завршил школувањето тој се вработил како терзија, а малку потоа се нашол како учител во Тирана. Тогаш веќе совршено го владеел грчкиот јазик и го читал Хомер. Меѓутоа, во Албанија се задржал краток период и со заштедените пари се вратил во Охрид сакајќи да го продолжи образованието. Таму од блиските и роднините бил советуван да замине во Атина и да студира медицина. За тој судбоносен момент тој истакнува:

Тогаш ми се решаваше судбината... Не се најде ниеден да ме посоветува да одам во Русија... А пак тогаш само името на Атина и Јанино звучеше у нас[5].

Грчкиот период (1840 - 1861)

[уреди | уреди извор]

Овој период од животот и делото на Прличев е карактеристичен по тоа што поетот е приврзаник на хеленската култура и јазик, период во кој ги создал своите ремек-дела Сердарот и Скендербег, а со нив станал еден од најголемите претставници на новогрчката книжевност.

Атинскиот акропол со Партенон на врвот

Медицината не го интересирала, а најомразен од сите предмети му бил анатомија. Затоа најголемиот дел од времето го поминувал следејќи ги литературните манифестации и во читање на Хомер, како што самиот вели:

... често пишував стихови и ги изложував на црните табли на Универзитетот и со благодарност слушав пофалби [5].

Сиромаштијата го следела и во Атина. Еден угледен охриѓанец и весникар, Јоан Сапунџиев го видел во сиромашна облека и со бледо лице и му ветил дека ќе се заземе да добие стипендија од едно богато завештение на еден Македонец, наместо исклучиво за сиромашните Македончиња.[5] Но обидот останал неуспешен, а тој разбрал дека местата биле зафатени од тамошните и започнал да ги користи сопствените интелектуални способности за да се издржува. Поради таквата состојба поетот истакнува:

Му ја препишав целата филозофија на Јоан Филипов за два талира[5].

За оваа плата Прличев изјавува дека сакал од мачнина да му ја фрли во лице [5], а кога му го дале ја дале најмрачната соба во куќата, сопственикот го прашал да не е болен, на што Прличев за себе заклучил: „И имаше право, јас бев болен од сиромаштија[5]. Прличев по совет на Ангеле Групче се запишал на медицина и тоа поради благородна цел:

Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања. [5]

Тогаш во Атина најталентираниот грчки поет бил награден и овенчан со лаворов венец[1], а тоа предизвикало воодушевување кај Прличев и се јавила желба да напише поема со која тој ќе го освои венецот[1]. Но поради недостиг на пари и поради болест бил принуден да се врати во Македонија.

Учителствувањето во Македонија (1849 - 1859)

[уреди | уреди извор]

За овој период од својот живот Прличев имал малку напишано. Откако закрепнал во Охрид, решил да собере пари за да се врати во Атина и работел како учител во Долна Белица за плата од 3.000 гроша годишно. Од Долна Белица заминал за Прилеп како учител, а потоа станал учител во родниот град Охрид и таму останал шест години. Прличев успеал да собере 5.000 гроша и во август 1859 година повторно заминал за Атина каде, покрај студиите по медицина[1], продолжил да пишува и стихови [5].

Сердарот

[уреди | уреди извор]

Пискотници се слушаат од Галичник во Река. Што тешка несреќа ги збра, и мажите и жените та гласи тажна ека и навева сал коб и зла?

— Прличев, Сердарот[6]
Сердарот
Александар Ризос Рангавис

Земајќи ја предвид одбивноста на Прличев кон медицината, тој најверојатно во Атина се вратил за да се потврди на книжевен план. Тогаш во Атина за кратко време ја напишал поемата Сердарот и ја предал на конкурсната комисија во февруари 1860 година. Според автобиографијата, 25 март 1860 година во Атина се случил највозвишениот миг во творечкиот живот на Прличев. Пред многубројната публика грчкиот критичар Александар Ризос Рангавис објавил дека на анонимниот конкурс венецот се доделува за поемата Сердарот (грчки: Ο Αρμάτωλος). За тој момент Прличев тврди:

... Почувствував едно неописиво волнение какво никогаш не усетувал... Прекумерната радост е поубиствена од жалта. [5].

Гимназијархот П. Псарас ги искажал следните зборови: Општа радост е во Атина што ни се јавил Втор Хомер [5]. Додека пак главниот критичар Александар Ризос Рангавис истакнува дека Арматолос е: творба на чудотворно длето... секој стих светка како чист бисер.[5].

Меѓутоа, според некои толкувачи [7] на Прличевото дело, во тој момент на триумф започнува творечката трагична драма на поетот Григор Прличев. Самиот Прличев со горчина забележува:

Венецот стоеше на великолепно украсена маса пред Рангависа, но тој не ме повика да ми го даде пред публиката, како што стануваше другите години. Зошто? Главната причина е што не му мирисаа на грчки имињата што звучеа во поемата Стан, Раде, Неда, Галичник, Река [5].

Таквиот однос најверојатно предизвикал траума кај младиот и горд поет. Тој не ѝ се обратил на публиката дека е автор на поемата и си заминал уште пред да се растури собранието кое било собрано во чест на венецоносецот. Во својата автобиографија Прличев го опишува и своето второто понижување. Тој заминал во станот на Рангавис и му кажал дека тој е авторот на поемата, а Рангавис тогаш сфатил дека Прличев не е Грк.

По три дена Прличев бил повикан од универзитетските власти и пред нив бил принуден да ја рецитира поемата за да докаже дека е нејзин автор [5]. Откако увиделе дека тој е автор на поемата му била дадена наградата која била во сребро, а требала да биде во злато. Тој се откажал од половина од наградата за благородни цели и од месечната пензија која му била доделена од грчкиот крал Отон. Понатаму во својата автобиографија самиот поет заклучува дека тие сакале да го посветат на грчка служба и поради тоа го одбил студирањето во Оксфорд или Берлин [5].

Скендербег

[уреди | уреди извор]

Како што бура студена облаците ги носи или пак морски бранови, еден на друг валајќи потејќи се пак пред него, растурени и без ред бегале муслиманите, трештени во умот

— Прличев, Скендербеј

И покрај сета преданост кон грчката култура, при сиот творечки успех во поезијата на грчки јазик и пофалните зборови на Рангавис, Прличев бил понижен и тоа кај него предизвикало презир и раскинување со Грција[7].Меѓутоа, пред целосно да раскине со Грција, тој ја создал поемата Скендербеј, поема која ја работел речиси цела година и со неа се јавил на конкурсот за најдобар поет за 1861 година, конкурсот требало повторно да се одржи во Атина. Рангавис повторно бил главен критичар и повторно дал највисока оценка за новото дело на Прличев. Меѓутоа конкурсот во 1861 година не се одржал, а самиот поет заклучува дека конкурсот бил откажан за да не му биде даден венецот. Сите овие околности придонеле Прличев да се откаже од грчкиот јазик, култура и дух, а дополнително кај него огорченоста била зголемена поради написот во весникот Балкански лебед каде пишувало за смртта на Браќата Миладиновци [7]. За овој настан самиот поет истакнува:

Останав како статуа недвижен и безодветен, но моето срце го колнеше грчкото духовенство... Си ги прибрав рабокиве... и тргнав со цврсто решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци.[5].

По овие настани Прличев се вратил во Охрид, го напуштил својот поетски сон и се посветил на будење на народот низ просветување и со тоа завршува неговото раздобје во кој стекнува полна афирмација во грчката книжевност.

Бугарскиот период (1861 - 1883)

[уреди | уреди извор]

Смртта на Браќата Миладиновци претставувала нова етапа од животот и творештвото на поетот. Прличев раскинува со грчкиот јазик и воопшто со грцизмот и почнува да се наклонува кон бугарската идеја. Тој ќе се најде меѓу оние македонски дејци кој зеле учество во Борбата против Цариградската патријаршија и постепено почнале да се преориентираат кон бугаризмот, односно кон словенизмот и станале идејни носители на македонското преродбеничко движење. Прличев ќе биде меѓу оние кој ќе се залага за создавање на еден општ јазик за Македонците и Бугарите кога ќе настане спорот за обликот на македонскиот литературен јазик.

Од почетокот на овој период па сè до крајот на својот живот, поетот ќе се носи со бугарската идеја, но не целосно сплотувајќи се со неа. Односно Прличев себеси ќе се произнесува за Бугарин, секако под влијание на бугарската пропаганда, но никогаш нема да се откаже од својот мајчин јазик, односно македонскиот народен јазик, а поради тоа ќе биде жигосан од страна на тогашните бугарски критичари и интелигенција.

Оваа е период на борбата против Цариградската патријаршија и воопшто борба против грцизмот во Македонија. Во творечка конотација, ова е период кога Прличев целосно раскинува со грчката идеја, тогаш ја испева Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето, ја преведува Илијадата, го препева Сердарот, а кулминација на овој период е обидот за создавање на еден општ јазик, кој се гледа во одата Рабов освободитељу посветена на рускиот цар Александар. Влијанието на бугарската идеја кај поетот се гледа во песната По възражданьето в град Охрид:

До кога, братя мили българи,
До кога гърците ще ни тъпчат,
Чрез своето фенерско духовенство,
Милото наше отчество? [8]

Борба против Цариградската патријаршија

[уреди | уреди извор]
Охрид

Во тој период влијанието на митрополитот Мелетиј и фанариотите сѐ уште било силно, но охридското граѓанство ја започнала борбата за ослободување од црковната власт на Цариградската патријаршија.

Борбата против Цариградската патријаршија била водена заеднички од страна на населението во Македонија и Бугарија, а меѓу главните барања кој биле поставувани во оваа борба е обнова на Охридската архиепископија. Спомените за Архиепископијата биле особено силни во Охрид и неговата околија, оттука охриѓани биле едни од најжестоките противници на Патријаршијата и погрчувањето кое таа го носела со себе.

Оваа борба со текот на годините сè повеќе се разгорувала и самиот поет зел учество во неа. Во летото 1866 година Прличев успеал да ги убеди ќурчиските трговци и занаетчии да создадат финансиска каса за поддршка на борбата против фанариотите.

Од овој период е и необјавена песна Охридски џган насочена против фанариотите:

...Оној што целиот (град) го управува...
Не прифаќа одлични совети,

Tуку од страв си ја затворил устата,
Изгледа дека е најлошиот и сега и порано,

И поголем пријател го смета оној
Кој место својата татковина...

Меѓу другото поетот се обраќал на народот и го повикувал на борба против Патријаршијата. Кога зборува усно пред своите сограѓани Прличев се користел со народниот говор, односно македонскиот народен јазик.

А ние бедни, само името го слушаме оти викает светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, ание не разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик, јазик свој си имавме и го погазивме, сите народи си учат свој јазик, а само ние учиме јазик чужди најм’чен. Децата пеет на училиште и не рзабирает, затова учет без севда и слепи останвет [9].
Григор Прличев, (седи лево) и Димитар Узунов (седи десно), таткото на познатиот македонски револуционер Христо Узунов

Едно од тие слова е онаа и за св. Климент кое било објавено во цариградскиот весник Македонија на 22 јули 1867 година. Следната година во истиот весник на 24 мај заедно со Јаким Сапунџиев ја објавува статијата за состојбата на школството во Македонија.

Прличев увидувајќи дека слабо го владее писмениот јазикот што преку цариградските бугарски весници бил ширен во Македонија решил да замине за Цариград и таму да се поучи на словенски [5]. Таму пет месеци учи кај бугарскиот учител и новинар Иван Најденов, а потоа се враќа во Македонија. Тогаш во Охрид веќе се започнало со воведување на бугарскиот јазик во црквите и училиштата. Сета оваа дејност била на штета на Патријаршија и затоа митрополитот Мелетиј го наклеветил Прличев пред турската власт и таа го затворила.

Потоа некое време Прличев бил затворен во дебарската зандана, а потоа кај дебарскиот владика и во април 1869 година се вратил во Охрид. Во овој приод поетот ја твори Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето. Поемата која и денес е актуелна и со задоволство се изведува и се пее ширум Македонија, зборува за судбината на последниот архиепископ на Охридска архиепископија, Арсениј, кој во таа далечна година со ираде, т.е. со указ на турскиот султан, е разрешен од духовната функција, а Црквата е укината.

Според историските записи и народни сведоштва со кои располагал и Прличев, секако, овој настан не е случаен и се должи на големо инволвирање на тогашните грчки владици од Цариград. Имено, Цариградската патријаршија не можела да се помири со фактот дека и покрај вековното ропство македонскиот народ со помош на својата црква опстојува, и со свој јазик и писмо, посветено го слави Господа, мечтаејќи истовремено за своја слобода. Во песната, Прличев не зборувал за обичните Грци, туку за расипаност на грчките духовници, кои сакале да ја исползуваат својата група во Цариград, на дворот на султанот, за да може преку клевети и лаги да уништат еден свој црковен противник. Целта и последиците од таквата политика, еден век подоцна, Прличев ги опеал во следните стихови од 1762 лето:

...Ќе пратит владици Грци, лицем светци, срцем в,лци
Ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе млзат до крв
 
Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,
Да се мрази син со татка и со брата брат.
 
И ќе викнете до бога и крило не ќе најдете
Смирени ќе наведнете глави доземи
 
Ќе ми бидете сираци, така било записано
Елате ми да ве гушна за последен п,т...

Оваа песна покрај македонската јазична основа има и бугарски и црковнословенски елементи.

Препевот на Илијада

[уреди | уреди извор]

На повик на цариградското бугарското списание Читалиште Прличев се нафатил со препевање на Хомеровата Илијада. До списанието испратил дел од препевот и истакнал:

Да се преведе Хомер е едно од најзнаменитите дела што би докажало дека нашиот народ напредува... Но знаете дека Хомер е долгословец и многупати дреме. Ќе се потрудам, по возмножност, да ги одбегнувам неговите недостатоци. Ќе бидам строг кон сè што е излишно... Не ќе напишам ниеден стих излишен или студен, така што дејството да врви со испослински чекори... Би било безумно да преведувам точно, буквално. Тогаш мојата цел никако не е постигната. И така, преводот ќе биде слободен.

Списанието уште во почетокот препевот на Прличев го поздравило како книжевно дело што ќе направи епоха во нашата народна книжнина. Меѓутоа Нешо Бончев кој бил прв литературен критичар кај Бугарите во Периодично списание го критикува и иронизира препевот на Прличев. И според него Прличев:

не го преведувал Омира, туку острижен им го предложил на Бугарите и го дополнил и украсил по свој вкус.

Бончев во својата критика особено го нападнал јазикот на Прличев, начинот на препевање и произволните скратувања на Илијадата. Оваа критика силно го погодила Прличев и за тоа случување самиот тој во својата автобиографија пишува:

Критикот пишуваше долго против мене. Не требаше толку. Бидејќи сакаше да ме порази и да препорача свој превод, можеше да го каже само ова Прличев не знае бугарски, и тогаш јас навистина би бил поразен.

Ваквото случување ќе го натера да се откаже од печатење на препевот, а самото дело го фрлил во оган [7].

Препевот на Сердарот и Скендербег

[уреди | уреди извор]

Прличев бил длабоко разочаран од приемот на бугарскиот литературен круг во кој меѓу другите влегувале Христо Ботев и Љубен Каравелов. Тие двајца во еден фељтон го исмевале и истакнувајќи дека е неспособен писател, а самиот Прличев ќе се создаде една творба под наслов Гр. С. Прличев, убитиј б’лгарами. Сето тоа придонело да се повлече во себе и опкружен со книги ќе се нафати на препевање на своите поеми Сердарот и Скендербег.

Првата поема ја препеал неколкупати и во овие препеви ќе се чувствува родниот јазик на Прличев, но постепено ќе еволуира во општословенскиот есперанто што сакал да го создаде.

Конфликтот со митрополитот Натанаил Кучевишки

[уреди | уреди извор]

Борбата против елинизмот во Македонија прв ја повел Димитар Миладинов, а Прличев ја прифатил и ја водел од 1861 година.

Во 1874 година верниците на Охридската епархија со гласање решиле да се потчинат на Бугарската егзархија, Македонците бегајќи од Цариградската патријаршија која со себе го носела погрчувањето се приклонувале кон Егзархијата, но наишле на егзархиска стапица која била поставена врз словенска основа но со тенденција да бугаризира[10], а подоцна на таквата егзархиска црковно-просветна пропаганда Македонците се спротивставиле. Така во Охрид доаѓа Натанаил од Бугарската егзархија, која охриѓани ја прифатиле како словенска црква. Прличев дури напишал и песна во негова чест [11]:

Бога вишњаго да славим и честитаго Царја
и с’с радост да посрештнем добраго ни пастирја
Како прежде богом пратен Моисеј за Израил,
така сега царем пратен пастир наш Натанаил.
Окајанному народу врата раја отворил,
горки с’лзи стогодишни во вселјее претворил,
Сега кости миросани Патрика Арсенија
веселјатсја б’лгарскаго ради в’скресанија,
Добре ни дош’л си, Отче, слава нам и лепота!
Посетил си народ скрбен, что лежал во т’мнота.
Наши дрехи великденски пред тебе би постлали,
Но нам пастири л’жевни дрехи не оставили.
Пред стопи твои, Владико, цветја би усејали,.
но, под зверско им дишенје; цветја нам увенали. [5]

Но набрзо се покајал за убавиот пречек. Како што пишува самиот:

Какво беше неговото владикување, кои беа неговите погрешки, како отворено се разобличи, тука не е место да опишувам. Ќе го кажам само ова: уште во првата година на Натанаиловото владикување училиштето се разори... Он (Натанаил) прати свој заптија, Турчин вооружен, којшто ме фати за мишки и при пискоти од моите ученици ме свлече по стрмната скала... Колку чудно е што грчкиот владика Мелетија, најнепомирливиот мој непријател, цели осумнаесет години ме трпеше... и никогаш не ме паделе, а првиот бугарски митрополит, очекуваниот месија, бесчесно го нападува Прличев од неговата татковина [12].

Поради овој конфликт Прличев останал без својата служба во Охрид (Варош) и морал да замине како учител во Месокастро (сега дел од градот Охрид). Овој настан придонел да се зголеми разочарувањето кај Прличев кое и онака постоело. Во Месокастро како учител останал три години и потоа заминал во Струга за учител поради притисокот на митрополитот Натанаил.

Таму во 1878 година Прличев ја создава на општословенски јазик со изразени руски елементи одата Рабов освободитељу посветена на рускиот цар Александар. Во Струга успеал да собере 4 000 лири од кој половина испратил дома, а со останатите заминал во Бугарија на повик на македонската емиграција.

Во Бугарија

[уреди | уреди извор]

Надевајќи се дека ќе најде поприште за своите литературни амбиции, после 1870 година Прличев го свртел своето внимание кон Цариград и кон тогашните бугарски весници и списанија, затоа што во Македонија во тоа време не постоеле книжевни центри, ниту можност за книжевна дејност.

Пишува дописки од Македонија за весниците Право, Македонија, Зорница и за списанието Читалиште. Подоцна, (меѓу 1879-1881 година) минал извесно време во бугарската средина, и соработувал со софискиот весник Балкан [13]. На повик на македонската емиграција Прличев заминал за Софија. Меѓутоа кога пристигнал во Бугарија родољупците кој го поканиле станале невидливи.

Прличев набргу бил назначен за учител по грчки јазик во Габровската гимназија, а кога грчкиот јазик како наставен предметен бил укинат, тој себеси се понудил за помошник директор на Народната библиотека во градот но неговото барање не било прифатено. Тогаш Прличев се почувствувал како туѓинец [5] во бугарската средина и кај него се јавил конфликт меѓу бугарското сознание и чувството дека ни Бугарите не го прифатиле како свои [7].

Македонскиот период 1883 - 1889

[уреди | уреди извор]
Прличев со останатите професори од Солунската гимназија

Во последните години од својот живот, Прличев целосно се посветил на својата татковина Македонија. Тој станал учител на македонската младина, односно воспитувач на илинденската генерација, генерација која целосно раскинала со туѓите идеи и влијанија, тие целосно се посветиле на самобитноста на Македонија и македонскиот народ. Додека Прличев учителствувал Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери и дејци: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Петар Поп Арсов и бардот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков. Оваа своја македонска позиција Прличев ја афирмира некаде по 1882, по враќањето од Бугарија. Тогаш, ќе се настани за постојано во Солун, па од таму, во едно писмо до жена си ќе го запише и ова:

Солун е срце, а ние вените на Македонија! [14].

Истата година, во 1882 година, во еден допис до цариградскиот протестантски весник Зорница ќе се застапува за македонските гледишта врз јазикот и правописот на Словените во Европска Турција. Во овој период, ја напишал, како одговор на барањето за соработка со софискиот неделен весник Балкан, автобиографски интонираната Мечта на еден старец, а една година подоцна таа ќе биде развиена во Автобиографија.

Од Битола до Солун

[уреди | уреди извор]

По враќањето во Македонија најпрво бил учител во Битола, а по две години бил повторно назначен за учител, како што тој самиот вели во својата татковина, во Охрид, а во учебната 1883/84 година станува учител во Солунската егзархиска гимназија.

Солунските години

[уреди | уреди извор]

За учителските години во Солун постојат многу малку научни истражувања поради немањето интерес на грчката и бугарската наука за овој период, а од друга страна солунските години не се опфатени во неговата Автобиографија и покрај тоа што таа била создадена во Солун. Во последните години за овој период од животот на Прличев се занимава науката во Македонија која што се обидува да даде дополнително светло за овие настани бидејќи во Солун бил сконцентриран најголемиот интелектуален потенцијал кој станал подвижник на најзначајните процеси во македонската национална историја[15].

Влијанието врз младата македонска интелигенција

[уреди | уреди извор]
Портрет на Григор Прличев

Каков бил погледот на самиот Прличев за градот Солун и Македонија дознаваме од неговото слово на Св. Кирил и Методија кое го одржал на прославата на 1 000 годишнината од смртта на Методиј во Солунската егзархиска гимназија.

Благодарение Вам, мили мои колеги, что оставихте татковината си и дојдохте да послужите на нашата татковина, или подобро да кажа, на татковината на св. Кирил и Методиј, и да празднувате в самиј Солун праздникот на Солунските светии... Оскудело нам мудрих мужеј число... Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж. Срдечно благодарение Вам, мили мои сотрудници, что дојдохте да целувате светата земја, дето стăпнали нозете на св. Кирил и Методија. Ниту нужда имаше от нашето благодарение. Доволно сте наградени от самата си сăвест. Даже и блаженство е вселено во срацата Ваши, дето служите на Кириловото отечество. Идењето Ваше во Солун надали е подолно од поклонение на Божиј гроб... којто ќе произведе оште много Кириловци и Методиевци, които ќе бăдат светила на училштата ни, ќе бăдат благолепие на црквите ни, ќе бăдат стăлпци на верата, и ќе прославјат Македонското име... Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила светите Кирил и Методија. Не сте ли уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот? Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението...[14][15][16].
Мајка Македонија многу е ослабнета. Откако го породи великого Александра, откако ги породи светите Кирила и Методија, оттога мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнеможена, совршено примрена Мајка што родила великого сина надали ќе може да роди и другего? Затоа толку ретки се на светот великите мажи. Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж... [17].

Во Машката егзархиска гимназија Св. Кирил и Методиј Прличев станал воспитувач на илинденската генерација во македонското националноослободително движење кое преку Лозарите и револуцијата водела до Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски. Дополнително светло за животот и делото на Прличев во овој период дознаваме од неговиот колега Петар Данилович Драганов и ученикот Јоан Крајничанец.

... Иако беше учител во Бугарска гимназија и иако се борел и страдал за бугарштината, тој, како што вели самиот во својата автобиографија, не можеше да го совлада бугарскиот јазик и повеќе си зборуваше и пишуваше на брсјачко наречје. Тој нè тераше да изговараме во нашите преводи од грчки и француски јазик не: винóто, водáта, млјакото, туку како што е во брсјачкото наречје: ви́ното, вóдата, млéкото. Во IV клас ни ја предаваше на грчки Одисејата и преводот му беше одвај разбирлив, така што од Одисејата ништо не можевме да разбереме[18].

Ова сведоштво на Крајничанец потврдува дека Прличев никогаш не се откажал од своето македонско наречје, или попрецизно охридското брсјачко. Прличев до крајот на својата учителска кариера па и во Солунската гимназија предавал на македонски и ги терал учениците да изговараат според гласовниот систем на македонски јазик [15].

Имено Прличев во сите свои јавни настапи на разни свечености и во други случаи, па и во своите ракописи од тоа време, со исклучок на својата автобиографија која била напишана на бугарски јазик и најверојатно била наменета за публикување во Бугарија, ја користел родната реч. Прличев во Солунската гимназија предавал на македонски јазик, свесно и настојчиво[15].

Дека е тоа така потврдуваат и писмата на самиот Прличев кои главно биле пишувани на сосем правилен грчки јазик - строг катаревус [19], но истовремено сите свои слова ги држел на својот македонски јазик. Во одбрана на својот јазик Прличев застанал во уште во 1871 година кога весникот Право, јазикот на Прличев го нарекува смърдел от Гъцизм и Арнаутизам [20]. Прличев, Одисејата ја предавал според својот превод, иако учениците мачно го разбирале.

Според некои толкувачи на делото и животот на Григор Прличев се поставува прашањето: како еден полиглот да не може да го совлада најблискиот јазик на македонскиот! Односно постои претпоставка дека Прличев намерно ја избегнувал употребата на бугарскиот јазик во своите дела и работа [15] и таквото настојувањето да го употребува македонскиот јазик во наставата била причина за судир со егзархиските луѓе во Солун [15].

Сведоштво за овој период од животот на Прличев дава тогашниот директор на егзархиската гимназија Георги Кандиларов кој меѓу другото пишува дека на 6 мај 1885 година, во рамките на една прослава на 1 000 годишнината од смртта на Методиј, Прличев одржал говор по кој дошло до инцидент меѓу учениците. Прличев ги изговорил следните зборовите: Нека молкне Аристотел пред нашите браќа св. Кирил и Методија, нека молкне Демостен пред нашите браќа св. Кирил и Методија, нека молкне Омир, Платон и другите [18]. Во тој момент во салата дошло до превирања и Кандиларов го замолил да го прекрати својот говор и поради тоа Прличев се налутил и се заканил и со оставка [18]

Всушност, вистината е друга. Во својот говор Прличев, како што е познато, мошне ресно и јасно ги одделил дојденците од Македонците и проговорил за македонскиот културен развиток и македонската перспектива. Тоа не можело да го остави рамнодушен Бугаринот Кандиларов, особено кога видел како тој говор го примаат младите Македонци што токму во тие години ги почнаа своите бунтови имено против бугарскиот јазик и бугарската егзархиско-софиска пенетрација во Македонија. Особено пак кога Прличев словото го кажувал на многу убав македонски јазик што имало специфичен резонанс во таа свечена атмосфера [15]

Обид за издавање на Илијадата

[уреди | уреди извор]

Во 1886/87 година Прличев се нашол повторно во Бугарија со цел да го објави својот препев на Илијадата и со написот Критик и преведувач, во кој биле изложени погледите на Прличев за неговиот јазик, концепцијата за општословенски јазик и одговор кон критиката на Бончев и др. Но бидејќи писмениот јазик на Прличев немал ништо општо со тогашниот бугарски литературен и книжевен јазик не можел да најде издавач и овој обид останал неуспешен.

Врските со претставниците на македонскиот национален сепаратизам

[уреди | уреди извор]

Од коресподенцијата на Прличев дознаваме дека тој определено време бил близок со раководителот на Македонската лига Васил Дијамандиев, како и со еден од основачите на Тајниот македонски комитет Коста Групче, а најверојатно и со третиот охриѓанец Темко Попов и стружанецот Наум Евро. Од друга страна Прличев бил во роднински врски со Димитар Македонски и организаторот на Културно-просветното друштво Св. Климент од Охрид, Димитар Христо Узунов. Според некои, сите тие врски не биле врски само по роднокрајска линија и дека Прличев починал на прагот на новата македонска епоха[15].

Осамнување и смрт

[уреди | уреди извор]

Со децении бил навредуван, дразнет и унижуван, а очекувал дека тоа најмалку ќе се случи. Бил лично незадоволен од својот живот (неговата девиза е Совршенство или смрт), а на литературен план не го реализирал родниот литературен јазик и сето тоа придонело во последните години да се повлече и дистанцира од луѓето. Во 1890 година Прличев се пензионирал и се повлекол во родниот град Охрид. На 6 февруари 1893 во Охрид поетот починал[1]. Смртта на Прличев означувала крај на една ера и почеток на нова ера во која дел од неговите ученици ќе ја основаат Македонската револуционерна организација, а Крсте Петков Мисирков ќе ја создаде За македонцките работи.

Гробот на Глигор Прличев се наоѓа зад црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, а спомен-домот посветен на него се наоѓа исто така во Охрид, на улицата Самоилова, близу до црквата Света Софија.

Јазикот на Прличев

[уреди | уреди извор]
Света Богородица Перивлепта
Гробот на Прличев
Плоча паметник

Во поглед на неговиот мајчин јазик и јазик за секојдневна комуникација, Григор Прличев го користел македонскиот јазик и охридскиот говор, дијалект кој го користел и во своето книжевно творештво и социјално општење. Што се однесува за литературното творештво, Прличев творел на грчки јазик и бугарски јазик [21].

Ваквото шаренило во поглед на јазикот се должи на неколку причини, пред сè во недостатокот на стандарден македонски литературен јазик и неговото отсуство од училиштата. Така, прв литературен јазик со кој се сретнал Прличев бил грчкиот јазик кој го користел до објавувањето на Сердарот, кога ја согледува грчката фанариотска политика и се откажува од тој јазик.

Бидејќи желбата за творење не му згаснала Прличев имал потреба и понатака да пишува, тој бил принуден да користи и стандарден словенски јазик покрај родниот. Бидејќи немало македонски стандарден јазик во образованието, тој нашол спас од фанариотите во словенството преку најблискиот во тоа време стандарден јазик, бугарскиот. Поради тоа, тој често кажувал за јазикот со кој доаѓал во пресрет дека ужасно го нервирале граматичките грешки во говорот на неговите професори и дека му се чинело како да паѓа небото и таквите грешки ги поправал. Увидувајќи дека бугарскиот јазик се користи во општествените установи во Македонија.

Односот на Прличев кон јазикот од една страна е специфичен. Тој се приврзува за јазик што е сосема надвор од неговото словенско потекло, за грчкиот јазик но не докрај и не на некој ексклузивен начин. Не треба да се заборави дека Прешерн има германско–латински фази, и дека Бранко Радичевиќ пишува стихови на германски [22]. Грчкиот јазик е јазик на кој Прличев се школувал, интелектуално созреал и бил во тек со балканските книжевни случувања. Потоа го отфрлил грчкиот јазик, а според некои научници тоа бил единствениот јазик на кој можел да го искаже своето книжевно определување и јазик на неговата книжевна судбина. Откако го напуштил панхелинизмот тој се приклонил кон пансловенизмот и неговото јазично определување има таква подлога [22].

Прличев во своето размислување сам себеси си дава забелешка оти употребува стари зборови секому достапни, како што е плот. Притоа тој дава одговор истакнувајќи дека ако некој не знае нека праша кого сака во Македонија и овој ќе му каже што значи[23]. И не само за тие зборови туку и за формите во трето лице еднина сегашно време што свршуваат на т: молет, носет, лежит, да престанет, да поет ( од Рабов освободитељу). Оваа општословенската и руска одлика лежи во охридскиот говор [23]. Дека не го знаел добро книжевниот бугарски јазик Прличев и самиот тоа го истакнува во својата автобиографија со следните зборови:

и бидејќи не можев да пишувам на бугарски, пишувах на старобугарски... Во дуќанот на Ангела Групчев, кој служеше како читалиште, се научив на бугарско читање и јазик... (Бев, и како и денес сум уште слаб со бугарскиот јазик)... преведував на бугарски не како сакав, туку како можев... Знаев дека тој превод не мирисаше многу на бугарски, но кога сум слаб со бугарскиот, тој не можеше да стане поинаков. [5].

Тоа значи дека при изградбата на единствен пансловенски јазик секогаш пред него стоел јазикот на Македонија, Охрид, Битолско, Овчеполско односно јазикот и песната од тие краишта [23]. Прличевиот панславизам за историјата на македонскиот јазик и народна мисла означува степен понапред во развојот на идејата за самостоен македонски јазик [23], како една од тенденциите за македонски литературен јазик во минатото. Таа не значела само опозиција спрема бугарското туку и спрема другите посегања во јазиците на другите народи [23].

види:Спор за обликот на македонскиот литературен јазик

Творештво

[уреди | уреди извор]

Романтизам

[уреди | уреди извор]

Раздобјето во кој Прличев книжевно се формирал и раздобјето кои на тоа формирање му претходело во пошироки рамки се означува со поимите класицизам, предромантизам, патријархален романтизам, сентиментализам, неразвиен романтизам, проторомантизам, класичен романтизам и др. Во македонската наука за ова раздобје се користи поимот преродба. Според некои научници овој поим не е сосема соодветен за модерната периодизација во книжевноста бидејќи поимот „преродба“ се врзува само за националното движење. Од друга страна се смета дека поимот романтизам може поточно да ја одреди стилската формација.

Во книжевниот опус на Прличев се гледа дека тој извонредно ги познавал: античкото, средновековното (византиско и словенско), македонското и грчкото усно народно творештво како и современата грчка книжевност. Постојат извесни разлики во творечките периоди, но факт е дека главни естетски влијанија, особено во стилот и јазикот се ХомеровитеИлијада“ и „Одисеја“, како и македонското народно творештво.[24]

Нивното влијание се гледа пред сè во начинот на транспозиција на тематиката и мотивите во Прличевото творештво [24]. И покрај тоа што во творештвото на Прличев има извесни елементи на класицизмот и сентиментализмот но според некои научници творештвото на Прличев во целост спаѓа во романтизмот [24]. Прличев како автентичен романтичар живеел во духот на својата епоха и народ. Тој го оставил следниот запис кои може да се земе како пример за неговиот романтизам:

Секој писател треба да пишува по духот на народот свој и на својата епоха [24].

Романтичарските идеи ги добил првенствено од својот учител Димитрија Миладинов меѓутоа тие идеи лесно можел да го дознае и од својот врсник Константин Миладинов или од основачот на модерната грчка поезија Дионисиј Соломос околу кој бргу се собрале грчките поети како што се: Спиридон Трикупис, Александар Ризос Рангавис, Демостен Валаванис, Аристотел Валаоритис и други[25]. Некои од тие идеи Прличев не можел да ги примени во своето творештво и покрај неговата идеја за создавање на еден општословеснски јазик (словенски есперанто). Најверојатно, Прличев ја прифатил романтичарската пансловенска идеја.[24]

Хомеровиот дух во Прличевото творештво

[уреди | уреди извор]
Статуа на Хомер

Хомер оставил неизбришлива трага во творештвото на Прличев, белег што постојано ќе ја открива и потврдува таа љубов и восхит, а сето тоа Прличев го потврдува со сопствените зборовите: Освен Хомер и мајка Богородица, пред која се клањавме, не љубев ништо на светот. Сознанието пак дека е сметан за δεύτερος Όμηρος е најласкавото признание за Прличевите напори и стремежи за совршенство.[26] Хомер, според зборовите на Прличев претставувал:

поет од кого нема подобар на светот... сонце што никакви петна не можат да го заменат... патеводна ѕвезда и учител кој ќе го научи да биде бескрајно бестрашен [26].

Хомеровото влијание во делото на Прличев се чувствува во структурата, композицијата, стилот, поетиката и прифаќањето на епот како рамка за излевање поетските пориви [26]. Оваа влијание прв го истакнал Александар Ризос Рангавис во својата рецензија по повод пријавата на Скендербеј на поетскиот натпревар во 1861 година. Истото тоа влијание било потврдено и од други, а и од самиот Прличев подоцна во едно писмо [26]. Хомеровото влијание најдобро се гледа преку споредба на поемата Скендербеј и Илијадата, а тука се дадени следните примери:

Како што бура студена облаците ги носи
или пак морски бранови, еден на друг валајќи
потејќи се пак пред него, растурени и без ред
бегале муслиманите, трештени во умот

Скендербеј, 3517-3520 [27]

наспроти споредбата во Илијадата:

Овие отишле в час како виорен ветер и бура
што по Зевсовиот грмеж низ полето долу се спушта
па се со грамаден букот со морето меша и многу
бранови згрбени внатре во морето шумно и бучно
вријат и бели од пена се влечкаат едни по други
така и Тројанците полно пристигнале едни по други
сите блескајќи во туч со војводите оделе ведно

Илијада, XIII 795-601 [28]

Кај Прличев се среќаваат и други развиени споредби кои асоцираат на Хомер. Со што се гледа дека Хомер длабоко проникнал во свеста на Прличев кој знаел напамет и во оригинал големи делови од Илијадата. Сето тоа придонело некои од научниците да го постават прашањето: Свесно ли Прличев се стремел кон имитација или спонтано му се наметнало тоа! [26]. Најверојатно одговорот лежи и во двете прашања. Иако Хомер бил идеал во творештвото на Прличев сепак тој бил свесен за својата поетска дарба и се стремел да се доближи до Хомер иако сметал дека Хомеровото творештво е недостижно[26].

Панславизам

[уреди | уреди извор]
Кратка словенска граматика од Прличев

Во македонистиката многу малку е пишувано за обидот на Прличев да создаде општословенска граматика и јазик односно еден вид на општословенски конгломерат и да твори со таквиот сесловенски есперанто [23]. Еден дел од кижевните историчари, пред сè бугарските кои го присвојуваат охридскиот балкански нобеловец[23], како и некои македонски, го сметаат ваквиот обид на Прличев за антинародна утопија на човек што не научил друг словенски јазик освен народниот [23], но знаел грчки, француски, турски и други јазици, а треба да се истакне дека некои од македонските филолози ваквиот потфат го оценуваат дури и како реакционерен [23].

Прличевиот општословенски јазик има и теориска и практична реализација во предговорот кон општословенското издание на Илијада и критичко размислување во Критик и преведувач [23]. Во нив де наоѓа основната идеја за општословенската граматика. Идејата за панславизмот кај Прличев се гледа во неговата јазично најопштословенска песна Рабов освободитељу [29]. Во оваа песна Прличев ги поздравува ослободителите на Бугарија - Русите и ја велича нивната борба и оружје надевајќи се дека тие ќе донесат слобода и за неговата татковина Македонија[23] и тоа со следните зборови:

Русија е со нас...(Тој народ б.н) братољубец и херој (заедно со царот е б.н) е втор Месија на робовите, кој спаси милиони христијани и муслимани! [30].

Со оваа песна Прличев пратил порака за ослободување на сите словенски народи со помошта на Русија и создавање на една општословенска заедница во која сврзно ткиво би требало да претставува општословенскиот јазик со руски елементи како и елементи од другите словенски јазици [23]. Каков требало да биде тој јазик дознаваме од препевите на Илијадата како и од есејот Критик и преведувач. Тука на прашањето: Како едно наречје ќе стане општо за сите! Одговара: Како што стана општо едно од четирите елински и десетте италијански.

Прличев ја чувствувал македонската основа на старословенскиот јазик, јазикот на охридската книжевна школа, кој имал најдолга традиција токму во охридскиот дијалект. Токму тој говор сакал да го реконструира и да му ги врати изгубените падежи [23] и таквиот јазик требало да ја претставува основа за идниот јазик на сите Словени и Бугари и дека таа идеја не е бесплодна. Во граматиката која ја создавал Прличев сакал да ги врати падежите иако и неговиот охридски говор ја отфрлил таквата практика [23]. Некои му забележувале зошто го користи ја наместо аз на што Прличев одоговорил дека ја'.[31]

... е збор у Словените и во Македонија се слуша ја (како што ја б.н) е во нашата народна поезија, во песната, попленил ми Скендер-паша Овчеполе битолско[31].

Овие зборови, според некои научници докажуваат дека при изградбата на општословенската јазична концепција пред Прличев секогаш стоел јазикот на Македонија, Охрид, Битолско, Овчеполско, односно народната песна и народниот творечки јазик на тие краишта од каде црпел инспирација за своите генијални дела на грчки јазик [23].

Во текот на својот живот Прличев создал голем број на дела и неколку патни имал обиди за преведувања и препејувања на Хомеровата Илијада. Во зависност од раздобјето и културното влијание, делата биле создавани на различни јазици, дополнително на тоа создал и бројни статии за весниците и списанијата со кои соработувал. Голем дел од делата на Прличев во текот на неговиот живот не биле објавени, а со текот на годините се откриваат нови поеми и песни кои останале заборавени и непознати за јавноста, таков пример е забранетата и неодамна објавена песна Охридски џган.

Поема Сердарот - создадена на грчки јазик, а подоцна препеана на бугарски јазик [32] и на општословенскиот јазик кој Прличев го создавал, јазик чија основа бил македонскиот народен јазик, поточно охридското наречје. Поема Скендербег - создадена на грчки јазик и обид за нејзино препевање на општословенскиот јазик. Песна В хилјада и седемстотин шездесет и второ лето - има македонска јазична основа со бугарски и црковнословенски елементи. Превод и препев на Хомеровата Илијада - првиот препев бил направен врз основа на македонскиот јазик со бугарски и црковнословенски елементи. Откако ќе ја прифати идејата за создавање на еден општословенски јазик повторно ќе ја препее оддалечувајќи се од македонскиот јазик, а во овој препев силно се чувствувале рускиот и црковнословенскиот елемент. Автобиографија Мечта на еден старец која подоцна ќе се трансформира во Автобиографија - создадена на бугарски јазик [5][33]. Есеј Критик и преведувач, во која зборува за преводите што ги врши самиот и својот литературен јазик.

Погледи за неговото творештвото и живот

[уреди | уреди извор]
Прличев, дел од споменикот Лавови во Скопје

Прличев е еден од ретките литературни творци од Македонија што истовремено припаѓаат кон три различни литературни истории. За делото на Григор Прличев е создадена богата литература во Бугарија, Грција и Македонија. Меѓутоа денес во Грција тој е речиси заборавен како поет бидејќи не бил Грк. Во Бугарија е почитуван како бугарски преродбеник и уметник [34]. Според македонските толкувачи на неговото дело, Прличев во Бугарија се присвојува поради национални заблуди и се велича повеќе реторично како будител на бугарскиот дух додека пак неговиот талент, поетска висина и местото во литературата се запоставуваатж[5]. Во Македонија е почитуван како македонски преродбеник, борец против црковно-просветната пропаганда на Цариградската патријаршија и воспитувач на илинденската генерација. Во Албанија се развива посебен интерес меѓутоа само за епосот „Скендербеј“ и тоа повеќе од национални отколку од естетски и поетски мерила.

Наметнатите полемики околу Григор Прличев и понатаму продолжуваат. Меѓутоа, ако треба да се оценува Прличев тоа треба да се прави преку неговите дела, или како што истакнува Костас Кулуфакос:

Нема да ја повториме овде грешката на седумте стари грчки градови кои спореа, тврдејќи секој од нив дека Хомер е нивен граѓанин. Хомер беше граѓанин на сите седум и на сите други градови во Грција, а подоцна и на целиот свет, благодарение на своите дела. Исто и на поетот на кого денес му оддаваме почит, поради своите дела е сечовечки симбол на збратимувањето на народите. Тој му припаѓа како на Крајот и народот што го родил и го воспитал, така и на народот чиј јазик го избрал за да се изрази и на Крајот што му одаде почит, доделувајќи му ја пред 125 години првата награда и лавровиот венец на поетскиот конкурс. И пошироко од нашите два народи, поетот што му оддаваме почит, му припаѓа на човештвото. Зашто поезијата и духот на слободата што ја изразува - се сечовечки. Впрочем, тоа што ги прави потомците да се интересираат за татковината на поетите, како и за разните подробности од нивниот живот - тоа се нивните дела [35].

Цитати за Прличев

[уреди | уреди извор]
Тој, по ген роден во Македонија, пишува поема од македонскиот живот на грчки јазик, главниот херој во епосот Скендербеј му е легендарниот јунак на Албанците, самиот мисли дека ѝ припаѓа на бугарската народност, а детските песни ги објавува во Романија. Тоа е изразит пример на едно балканско, црно рондо, од едно матно време, што му ја матело и свеста и судбината и на нашиот поет. Но, во сето тоа има и една светла нишка: тоа покажува дека суштински не страдал, барем во поезијата, од национални предрасуди, така што, може да се рече дека е поет на целиот Балкан. Во таа насока има и нешто позначајно: во епосот Скедербеј говори и за помошта на Албанците и од Србите, Црногорците и Дубровчаните. Така при сета драма во животот, тој во поезијата навестува меѓу првите и една балканска филозофија за опстанок [5]
Сепак, можеби е дајмонска работа што нашиот поет запеал на вонвременскиот и вонпросторен јазик на бесмртните? И во тој чин има трагична, драмска мимес, Григор Ставридов ја соблекол својата ропска, страдалничка кожа, се преобразил, се возвеличил; овенчан тој Станал δεύτερς, друг а не втор, станал слободен, како поет. На стариот поетски јазик тој проговорил на нов начин, занесно, романтичарски, болно и борбено, за нови занеси, за нова света Слобода[36]
Григор бил со отворена природа, бунтовен и нескротлив, според многумина имал независно мислење и се стремел да го искаже. Ако направиме една паралела меѓу него и првите македонски книжевници, тогаш тој, секако е поблизок до Кирил Пејчиновиќ отколку Јоаким Крчовски, близок по желбата зад себе да се остави трага со која делото и писателот ќе го сочуваат од заборав[37]
Прличев, како трагична личност, како човек што е непрестајно во конфликти со средината, со своето време, со големците и моќниците на политичката и црковната власт, како човек нервчик, избувлив, како болмик, како човек со тешка судбина - непрестајно не наведува да го согледаме како осаменик, како исклучок, како човек со силно изразена индивидуалност. Во голема мера тоа е точно и тоа е така кога се говори за поетот. Но кога се говори за делото на тој поет, за неговите творечки и интелектуални творби, согледуваме, ни се чини, дека тој припаѓа кон една поширока поетска заедница, дека неговата судбина има свои сопатници и сопаталци низ целиот балкански простор. Тој не е осамен, тој не е исклучен, тој е во магистралниот тек. [22]

Чествување на ликот и делото на Прличев

[уреди | уреди извор]
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Автобиографија - Григор Прличев
  2. Македонска Енциклопедија
  3. Радев, Симеон (2013). Макеодонија и Бугарската Преродба (Македония и българското Възраждане) (бугарски). София: Захарий Сотянов.
  4. Raymond Detrez, Автобиография ли е Автобиографията на Григор Пърличев (бугарски)[мртва врска]
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 5,19 5,20 5,21 5,22 5,23 5,24 Григор Прличев, Автобиографија, Библиотека атлас, Македонска книга, Скопје, 1967
  6. Сердарот
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Душко Наневски, Драмата на поетот Прличев, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  8. Сборник за народни умотворения, наука и книжнина, Книга XIII, София, 1896, Научен отдел, стр. 650.
  9. Слово на Русална среда
  10. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  11. Е. Спространов, Во воздраждането на град Охрид. СБНУНК, кн. 13, 1896.
  12. Григор С. Прличев, Одбрани страници, Скопје, 1959 г.
  13. Гане Тодоровски: „Македонската книжевност во 19 век“, стр. 149, 1990 г., Наша Книга, Скопје
  14. 14,0 14,1 Архив МАНУ, фонд Г.С. Прличев, арх. ед. 68.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 15,5 15,6 15,7 Д-р Блаже Ристовски, Кон проучувањето на солунските години на Прличев, Животот и делото на Григор Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986.
  16. К. Г. Пърличев, Къмъ характеристиката на Гр. С. Пърличев (по спомени, сведения и документи) Македонски прегледъ, IV, 2, София, 1928, 116 - 118.
  17. Гане Тодоровски, „Македонската книжевност во 19 век“, стр. 158. 1990 Скопје
  18. 18,0 18,1 18,2 Иванъ П. Крайничанецъ, Спомени отъ изминали пжтъ въ живота ми, I, Скопие, 1942, 15.
  19. В. Тилева, во цит. Избрани произведения, 450.
  20. Блаже Коневски, Кон македонската преродба. Македонските учебници во 19 век, второ издание, Скопје, 1959, 69.
  21. Tomasz Kamusella - "The Politics of Language and Nationalism in Modern Central Europe", 2008, Palgrave Macmillan, page 248 Grigor Prlichev (1830-1893), an intellectual writing in Bulgarian and Greek, hoped to counter the dominance of Greek culture and language...
  22. 22,0 22,1 22,2 Слободан Мицковиќ, „Прличев во словенски и балкански рамки“, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  23. 23,00 23,01 23,02 23,03 23,04 23,05 23,06 23,07 23,08 23,09 23,10 23,11 23,12 23,13 23,14 Драги Стефанија, Панславизмот кај Григор Прличев, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  24. 24,0 24,1 24,2 24,3 24,4 Prof. Dr. Radomir Ivanović, „Poema Serdar, Grigora S. Prliceva u kontekstu teorije Romantizma“, во: Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  25. „ENCYCLOPEDIA OF ROMANTIC NATIONALISM IN EUROPE“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2010-05-21.
  26. 26,0 26,1 26,2 26,3 26,4 26,5 Љубинка Басотова, Хомеровата пролепса во Прличевиот Скендербеј, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  27. Григор Прличев, Скендербеј, од грчкиот оригинал препеал Михаил Д. Петрушевски, Македонска книга, Скопје, 1974.
  28. Хомер, Илијада
  29. Напишана во 1878, а посмртоно издадена во спиаснието Лоза (весник)Лоза во 1894 годинаво Софија
  30. Г. С. Прличев, Одбрани страници, избор и уредник Тодор Димитровски, Скопје, 1959.
  31. 31,0 31,1 Григор Прличев, Есеј Критик и преведувач
  32. Bulgarians: Webster's Quotations, Facts and Phrases", 2008, Icon Group International, Inc., ISBN 0-546-68879-9, ISBN 978-0-546-68879-5, стр. 45;In 1870 Parlichev translated his award-winning poem, "The Bandit", into Bulgarian in an attempt to popularize his earlier works, which were written in Greek, among the Bulgarian audience
  33. Пърличев', Г., Избрани произведения, София, 1980, Български писател
  34. Речник на българската литература", Том 3, Издателство на Българската академия на науките, София, 1982, стр. 155.(бугарски)
  35. Костас Кулуфакос, Прличев му припаѓа на човештвото, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  36. Елена Колева, „Мимесис во поетиките на Хомер и Прличев“, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  37. Д-р Милорад ЈевриҺ, Облици рецепције Григора Прличева, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  38. Блаже Конески, 'Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 11-12.
  39. „Манифестацијата „Прличеви беседи“ во чест на охридскиот поет и преродбеник“ (пристапено на 16.4.2021)
  40. www.grigorprlicev.edu.mk (пристапено на 16.4.2021)
  41. „komspi.mk (пристапено на 16.4.2021)“. Архивирано од изворникот на 2021-04-16. Посетено на 2021-04-16.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Григор Прличев, Автобиографија, Библиотека атлас, Македонска книга, Скопје, 1967.
  • Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986.
  • Г. С. Прличев, Одбрани страници, избор и уредник Тодор Димитровски, Скопје, 1959.
  • Драги Стефанија, Прличевиот панславизам, Езерски глас, февруари 1976, IV/32, 6 - 7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Дела
Информации


Статијата „Григор Прличев“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).