Ковач
Ковач[1][2] — занаетчија специјализиран за обработка на железни метални предмети како што се врати од ковано железо, разни решетки, мебел, скулптури, оружје, украсни и свети предмети, кујнски прибор и алати. Вообичаено, ковачите не работат со други метали освен железо, како што се калај, бронза, бакар и слично. Само високо специјализирани занаетчии се занимаваат со нивна обработка. Во почетокот ковачите речиси и не правеле украсни предмети (поради релативно брзото рѓосување на железото). Со пронаоѓањето на не’рѓосувачки челик, тоа многу се променило.
Техника
[уреди | уреди извор]
Ковачите работат со загревање на парче метал (ковано железо или челик) додека не стане доволно меко за да се обликува по желба на наковалната со помош на чекан или друга алатка. Греењето се врши со користење на пропан, природен гас, ќумур, или кокс. Современите ковачи користат оксиацетиленски факели и специјални електрични печки за загревање на металите. Освен што се користи за омекнување на метали, греењето може да се користи и за други металуршки цели.
Со помош на мев, ковачот добро го разгорува оганот во кој ги става парчињата метал што сака да ги обработи. Потоа, кога металот ќе стане доволно мек за да се обработи, се зема со специјална клешта и се става на наковалната. Со едната рака ги држи клештите со парчето метал, а со другата рака со помош на чекан го удира - обработува - обликува. Мора да биде брзо, бидејќи парчето брзо се лади и повторно станува цврсто. Па повторно го става во оган. Понекогаш, кога ќе заврши обработката, парчето се потопува во масло додека е уште топло и на тој начин се кали. Со калење, парчето железо станува потврдо, но и покршливо.
Кога станува збор за обработка на поголемо парче каде што е потребна поголема снага, тогаш ковачот работи со помошник. Ковачот го држи и го врти парчето по потреба и го удира со помал чекан, притоа означувајќи го местото за неговиот помошник, кој со две раце со голем чекан удира на местото што му е покажано. Во исто време, наизменично се слушаат два различни звуци на мал и голем чекан.
Работа со челик
[уреди | уреди извор]
Особеноста на ковачката е тоа што кога се работи со челик, може да се загрее, а потоа да се потопи во вода. Целта на ова е да се добие специфична структура на металот. Со потопување во вода, кршливиот челик зајакнува, но и станува посоодветен за обработка. Ова бара загревање на металот до одредена температура . Во многу видови челик, за време на овој процес може да се види боја на оксидација на површината на металот. Различните употреби бараат различни комбинации на сила и отпор, а со тоа и различни методи на обработка на метал. Вештите ковачи можат да го обработуваат истото парче метал на неколку места на различни начини. На пример, предниот дел на чеканот е секогаш потврд од задниот дел што ја прави алатката издржлива и цврста. Во Јапонија, ковачите прават катана мечеви со исклучително силно предно сечило, додека другиот дел од сечилото останува помек.
Ковачки производи
[уреди | уреди извор]Некогаш (на почетокот на 20 век) палетата на ковачки производи бил многу широк. Ковачите изработувале:
- земјоделски алат: плугови, брани, мотики, секири, лопати, српови, коса, вили, грибла, секири,
- предмети за огниште: вериги, пирустии, маши, вршници
- предмети за домаќинството: ножеви, бричови
- разни други ковачки производи: треперки, метални делови за кола, градежни клинци, потковици, секири, длета, сврдли
Ковачите и денес на некои места сè уште прават потковици за коњи и волови, секири, мечеви и ножеви. При ковањето, материјалот понекогаш се витка и се истенчува, па истото се повторува, како кога домаќинка меси тесто. Материјалот станува слоевит и многу цврст. Постои приказна (легенда) дека при изработката на катана (познатиот самурајски меч), материјалот е виткан, кован и кален 500 пати. Се вели и дека самурајскиот меч е готов кога може да се користи за сечење шајка без да се остави гребнатинка на мечот.
Некои ковачи вршеле и потковување на коњи и волови. Потковицата се прицврстува на копитото на коњот или волот со помош на клинци. Се разбира, потковиците за коњи и волови не се исти. Притоа, мора да се внимава да не се повреди копитото. Ова е исто така опасна работа бидејќи коњот може да го клоцне и да го повреди потковувачот. Постоеле и мајстори потковувачи кои се занимавале само со потковување на коњи и волови (крави).
Некогаш се носи нова фабричка секира кај ковачот за да ја „клепа“. Тоа значи дека врз основа на потребите на сопственикот кој ја донел, тој повторно ја става, особено сечилото, в оган и го кали за да го направи сечилото потврдо или помеко.
Ковачки алат
[уреди | уреди извор]- Чекан
- Наковална (алатка)
- Менгеме
- Клешти
- Француски клуч
- Брусилка
- Турпија
- Дупчалка
- Бургија
- Пила за железо
- Секач
- Обележувач
- Одвртувач
- Врезница
- Нарезница
- Сечица
- Ножици за лим
Ковачи уметници
[уреди | уреди извор]Со доаѓањето на масовното производство, дошло до намалување на пазарот за ковачи, освен во Африка, Индија, Југоисточна Азија и Јужна Америка каде што многу занаетчии продолжиле да се занимаваат со традиционалните занаети. Големата побарувачка за уметнички предмети од ковано железо довело до појава на нов тип на занаетчии, т.н. ковач уметник. Пионер на овој вид уметност е Филип Симонс од Чарлстон, Јужна Каролина.
Најпознатиот ковач во античката митологија (види: грчка митологија и римска митологија ) бил грчкиот бог Хефест, или неговиот римски еквивалент Вулкан. Како ковач на боговите, тој ги направил сите нивни оружја, особено молњите на Зевс (т.е. римскиот Јупитер), кои ги фрлал на земјата.
Верувања
[уреди | уреди извор]Да се најде некаде користена потковица што паднала од коњ се смета за среќа. Таквата потковица се прикова над влезната врата од куќата и се смета дека носи среќа.
Наковалната имала посебен карактер како култен предмет. Имало верување дека наковалната треба да ја коваат девет ковачи.
Ковачот како мотив во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Ковачница“ — песна на северноирскиот поет Шејмас Хини.[3]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „ковач“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „ковач“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Шејмас Хини, Песме. Београд: Цицеро, Земун: Писмо, Нови Сад: Матица српска, 1993, стр. 20.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Стари занаети: Ковач (АгроТВ - Официјален канал)
- Сосема природно: Ковачи (РТС, 27.05.2012)
- Ковач во средниот век, холандски документарен филм на YouTube
- Ковачи, семејна заедница, РТС Квадратура круга - Официјален канал
- http://www.metalgarden.ca
- http://www.donasbee.comАрхивирано на 26 јули 2022 г.
- http://www.abana.orgАрхивирано на 23 јули 2022 г.
- http://www.blacksmithsjournal.comАрхивирано на 28 септември 2022 г.
- http://www.keenjunk.comАрхивирано на 14 април 2021 г.
- http://www.key-to-metals.com/Articles.htm
- http://www.julianwadsworth.co.uk
- http://www.anvilfire.comАрхивирано на 15 септември 2019 г.
- https://web.archive.org/web/20150206074926/http://simmons.abana-chapter.com/
- http://www.kovanogvozdje.net
|