[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Тодор Александров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тодор Александров
4 март 188130 август 1924

Портрет на Александров во 1912 г.
со автограм и посвета на Пејо Јаворов
Прекар:Стариот
Роден во:Ново Село, Отоманско Царство
Починал во:Сугарево, Бугарија
Служба во:Македонско национално движење
Период на служба:18981924
Чин:Раководител на Скопскиот револуцонерен округ на МРО  • Неформален шеф на бугарското воено разузнавање на групата западни армии  • Член на Централниот комитет на ВМРО
Командува/л со:Македонска револуционерна организација  • ВМРО
Битки/војни:Прва балканска војна  • Втора балканска војна  • Прва светска војна
Други занимања:учител

Тодор Александров Поп-Орушов (Ново Село, 4 март 1881Сугарево, 31 август 1924) — македонски политички водач, војвода и еден од водачите на ВМРО.[1]

Во 1898 година се приклучил во ТМОРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров (1905) и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев-Кочански (1907), окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМОРО (1911), член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.

По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија.

Дејствувал против политиката на земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис.

Рани години

[уреди | уреди извор]
Родната куќа на Тодор Александров

Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година, во Ново Село, штипско, во семејството на свештеникот Александар Поп-Орушев и Марија. Таткото на Тодор бил учител во Радовиш, просветител и надарен човек, црковен пејач, поет, собирач на народни умотворби. Тој бил ученик во бугарското машкото 3-то класно и педагошко училиште во Скопје и таму како ученик, Тодор Александров се вклучува во македонското револуционерно движење.

Во македонското револуционерно движење

[уреди | уреди извор]
Дел од темата
„Контроверзни дејци на македонското револуционерно движење“

Македонците се обединија околу нивната стара институција ВМРО, која како и секогаш предизвикува сеопшто восхитување. Тодор Александров, сакан и уважуван од целиот народ, го зеде во свои раце раководењето со движењето. Роден е во Македонија, 42 годишен. Тодор Александров го посвети својот живот на македонската кауза уште кога беше на 18 годишна возраст. Тој е учител, човек со нескротлива енергија и строга моралност, народот го вика СТАРИОТ и го почитува. Војводите и комитите му се предани до крај. Таа предност е објаснението за неуспехот на српските и грчките власти, да му ги откријат скривалиштата и покрај тоа што Србија, за неговата глава таксува 700.000 динари. Тодор Александров се движи низ цела Македонија како АПОСТОЛ, тој ги посетува сите предели еден по друг. Влегува во села и градови ги собира жителите, им говори, ги советува. Тој никогаш не организира мерки за лична заштита, селаните му се предани, сите знаат каде оди и никој не помислува за предавство, напротив, сите жители на Македонија го чуваат на штрек. Александров е опкружен од една сила која не дозволува негово факање

— Колинз, Чикаго [2]

Македонска револуционерна организација

[уреди | уреди извор]

Во редовите на организацијата влегуваат нови, свежи сили, кои ќе ги надминат своите учители. Меѓу многуте, ќе го споменам името на само еден од нив: тој е Тодор Александров — слабото даскалче. На изглед никој не би се посомневал дека во таа женствена надворешност се крие револуционер по душа, одличен организатор со цврст карактер и челична волја. Скромен, разумен и тактичен, познавајќи ја одблиску народната душа и болка, тој доминира на народните маси. Строг, пред сè кон себеси, тој е роден за народен водач. На него се полагаат големи надежи...

— Даме Груев, Сè за Македонија, Зборникот документи за Тодор Александров [3]
Тодор Александров
Затвореник во Скопје (бр. 53)

Во учебната 1897/98, на возраст од 15 година, за време на своето школување во педагошката гимназија во Скопје бил вклучен во редовите на Организацијата од страна на тогашниот директор на гимназијата, Христо Матов. Во 1903 г. Александров учествува во снабдување на дел од експлозивот за Солунските атентатори. Во тоа време соработувал со Павел Шатев кој во своите спомени забележал:

Тој ми остави впечаток на многу разумен, трезвен ум и подготвен за сите жртви пред олтарот на ослободувањето [4].

Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 години затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан.

По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Наскоро потоа е назначен за главен учител на II-ро класно училиште во Штип. Александров заедно со Тодор Лазаров и Мише Развигоров деноноќно работел за организирањето на штипскиот револуционерен реон. Резултатите од неговата активност се забележани и од турските власти, кои во ноември 1904 година му забрануваат да учителствува. На 10 јануари 1905 година неговата куќа е заградена од многуброен аскер, но Александров успева да се измолкне од војничкиот кордон и се присоединува кон четата на Мише Развигоров, на која што станува секретар. Александров бил делегат на штипскиот реон на Скопскиот конгрес.

Неговото расклатено здравје го тера да стане учител во Бургас во 1906 година, но разбирајќи за смртта на Мише Развигоров, тој го напушта учителството и заминува за Македонија. По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ (ноември 1907) е избран за еден од окружните војводи на овој округ. По внатрешните поделби на Организацијата, Александров се приклонил кон конзервативното крило и како таков учествувал во работата на Ќустендилскиот конгрес кога дошло до дефинитивен расцеп. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.

Обид за обнова на Организацијата

[уреди | уреди извор]

Тогаш на чело на оваа организација застанал Тодор Александров, кој користејќи го вакуум просторот во раководните структури на македонското револуционерно движење, сè повеќе се наметнувал како авторитет...

— Предавствата и атентатите во македонската историја[5]

По Младотурската револуција, Реформска струја се откажала од вооружените методи и решиле својата борба за Македонија да ја продолжат по пат на легални методи преку Народната федеративна партија. Наспроти нив, конзервативната струја предводена од Христо Матов ги запазила старите принципи на Организацијата и сметале дека ослободувањето на Македонија може да се изврши со помош на Бугарија.

Оваа групација го задржала старото име ВМРО и со вооружени методи продолжила да дејствува против Младотурците. Бил формиран Централен комитет во кој влегле Тодор Александров, Христо Чернопеев и Петар Чаулев, а за резервен член бил избран Александар Протогеров. Од оваа групација подоцна ќе произлезе ВМРО (Автономистичка).

Магарешки атентати

[уреди | уреди извор]

Јас си замислував да сретнам еден страшен управувач, фанатичен и егзалтиран. Но, пред мене стоеше сосема поинаков човек. Слаб, доста висок, бледо лице, правилен профил, со прошарена брада, живи очи, понекогаш умислени, но постојано нежни. Тодор Александров, кој е на 42 години зборува спокојно, слатко, без гестови дури и за најважните прашања, за татковината и за себе. Неговото спокојство и ладнокрвноста предизвикуваат задоволство. И покрај тоа што тој човек е душата на Македонската револуција, има една железна волја, а неговиот решителен дух не престанува да ги восхитува оние кои го опкружуваат

— Пол Ерно, Париз, 1924 г.[6]
Поретрет на Александров
Тодор Александров, Христо Матов, Георги Мончев, Владимир Сланков и Никола Иванов во Димотика во Балканската војна.

Во предвечерието на Првата балканска војна, тој организирал серија атентати познати како Магарешки атентати.

Еден од ваквите атентати се случил во почетокот на 1912 година во Штип, на 1 август 1912 во Кочани, а кон крајот на истиот месец во Дојран. Според некои историчари цел на атентатите: била возбудување на турскиот фанатизам за масовни масакри врз недолжниот македонски народ, од чиишто средини произлегувале и атентаторите. Додатно на ова, прогонувајќи ги четите по селата, и власта од своја страна прибегнувала кон терор и разоружување на населението во местата каде што се случувале атентатите [5].

Учество во војните

[уреди | уреди извор]

Патувањата на Тодор Александров се рамни на царски патувања, таму каде Ќе стаса Тој, на пример, во некоја далечна долина, долината добива живот, зад секое дрво будно стои стражар, секој жбун во шумата крие две очи, а селаните се собираат крај патеките изговарајќи ги во шепт зборовите: Тодор ќе минува оттука

— генерал Томсон, Лондон 1923 г. [7]
Александров во четничка униформа
Чета на Тодор Александров во Првата светска војна

Сенародниот собир во Софија во август 1912 година, под претседателство на Александар Протогеров, извршил морален притисок врз Бугарија да и објави војна на Турција. Истовремено со објавувањето и текот на општата мобилизација во Бугарија во втората половина на септември 1912 година, Тодор Александров, Александар Протогеров, Тодор Лазаров, полковник Стефан Николов, Петар Дрвингов, Христо Матов и други, биле повикани кај началникот на Штабот на бугарската армија, генералот Иван Фичев, од кого добиле заповед веднаш да пристапат кон организирање на доброволечки македонски оружени чети.

Под раководството на Александров и Протогеров биле регрутирани повеќе илјади Македонци во рамките на т.н. Македонско-одринско ополчение, кои поради нивната бројност и стравот дека би можеле да го издигнат лозунгот за автономна Македонија, од страна на бугарската воена команда биле испратени да се борат на фронтот во близината на Одрин, наместо во Македонија [5]. Во целокупната балканска мешаница, соодветна улога одиграла и македонската емиграција во Бугарија, која до 1912 година, во поголемиот дел била интензивно вклучена во политичката и револуционерна активност на ВМРО и во сите нејзини струења што се развиле во тоа време. Меѓу тогаш позабележителните жртви на веќе започнатите меѓусебни истребувања на кадрите во ВМРО, кои подоцна ќе добијат грозоморни размери, бил и Герасим Огненов. Тој бил убиен во 1912 година во Аржинското блато, по наредба на Тодор Александров.

Пред почетокот на Втората балканска војна во 1913 година, оваа политичко-воена групација предизвикала вооружени акции и востанија во делот од Македонија под српска власт, а по почетокот на војната се борела во рамките на бугарската војска.

Во време на Првата светска војна, десно-ориентираната ВМРО привремено престанала да постои, а нејзините раководители, четничкиот и војводскиот кадар ја формирале т.н. 11 македонска дивизија, која броела над 30.000 луѓе со сопствен офицерски состав и се борела во рамките на бугарската војска.

Во 1913 г. Александров е началник на разузнавачката служба на бугарските војски во Штип, а за време на Првата светска војна тој е член на Штабот на партизанските одреди на 11. Македонска дивизија како офицер за нарачки. Има средби со сите големи личности во тоа време, а со германскиот цар Вилхелм се среќава дури и двапати, добивајќи од него високи германски воени одликувања.

Tодор Александров и Георги Мончев во 1912 г.
Александров и Пејо Јаворов

Поетот Пејо Јаворов, пред својата смрт му се обрати на Тодор Александров со проштално писмо, со желба да биде погребан во македонска комитска облека. Желбата му е исполнета и тој е погребан на 14 октомври 1914 година. Александров со Пејо Јаворов останале пријатели до крајот на животот на поетот. Се смета дека револверот и отровот кои послужиле во самоубиството на Јаворов биле обезбедени од страна на Тодор Александров по молбата на поетот. Долгогодишното пријателство меѓу Александров и Јаворов било криено и пребегнувано во историската наука [8]

Неформално, тој е неприкосновен шеф на бугарското воено разузнавање на групата западни армии и како таков во април 1917 година напишал белешки за состојбите во Дебарско истакнувајќи:

Навикнати со векови наназад да бидат слободни како птици во нивните непристапни планини, Албанците се посебно огорчени дека им се бара крвавиот данок и тоа за една кауза, која тие ја сметаат за туѓа. Посоченото негодување на Албанците се пројавува низ една тајна организација, за чие постоење има сериозни навестувања. Таа организација има пошироки размери и врски со албанското население во Австрија (се мисли на Република Албанија, под австриска администрација - н.з.). Имајќи го предвид националниот темперамент на Албанецот кој лесно се наведува на вооружена пресметка, тогаш нема ништо чудно ако еден ден осамнеме со бунтови во тој крај. Неопходни се брзи и ефикасни мерки! [9].
Однесувањето на Албанците, особено на оние од гр. Дебар станува застрашувачко. Поранешните симпатии кон нас не само што исчезнаа, туку им го отстапија местото на нескриените негодувања и закани. Фразите, како што се ги надминавте Србите (се мисли на ѕверствата што ги правеле Србите врз албанското население - н.з.), ќе се одмаздиме и слични на нив, се слушаат на секој чекор [9].

Охридското востание

[уреди | уреди извор]

Колку голема била љубовта на Тодор Александров кон својата татковина, за да може да го победи како очајот, така и тешката болест на неговите ослабени гради и да вдахне вера кај цел еден народ, да го исправи одново на нозе подготвен за борба? Каква голема човечка особина и каква железна енергија е потребна да го поведеш одново еден осакатен народ по толку преживеани катастрофи. Факт е дека Тодор Александров во тој однос е единствениот историски пример. Дури сега го разбираме смисолот на искажаните зборови од странец кој вели дека не познава помаркантни личности на векот од Лав Толстој и Тодор Александров. Секој еден од тие титани беше единствен не само во своите татковини туку и во светот. А такви луѓе во историјата не се повторуваат. Ете зашто е толку голема тагата за великиот Тодор Александров. Ете зашто цел народ со стравопочит и благослов го шепоти името на “СТАРИОТ” на верниот свој водач. А за младите: ја преобразува тагата што ги стега во срцата, во волја и енергија за предана служба кон народот

— Т.Александров во издание на македонската Студентска корпорација, Скопје,1943 [10]
Петар Чаулев

Во неколку наврати преговара со албанските првенци за борба против Србите и Турците, а како водач на ВМРО уште во март 1911 г. има средба со членовите на албанските организации во Цетиње, Црна Гора.

Резултат на средбите е меѓусебна спогодба, како и Охридското востание во септември 1913 г., кое ВМРО го кренала против српските поробувачи, а во кое значајно учество земаат и албанските револуционери.

Востанието кое избувнало во југозападна Македонија раководено од Петар Чаулев, Павел Христов, Милан Матов и други зафатило широк простор меѓу Охрид, Кичево, Дебар и Струга.

Слабите српски сили на овој терен, во првиот момент, не можеле да се спротивстават на македонско-албанските востаници. На 12 септември 1913 година, Петар Чаулев и Христов со своите чети влегле во Охрид.

На 6 октомври 1913 година, Битолскиот окружен началник известува дека положбата во граничните реони се смирувала. Бунтовниците биле разбиени и се повлекувале во Албанија. Според Иван Катарџиев:

Тоа што ВМОРО на Тодор Александров била иницијатор на овие бранувања не менува ништо. Тој бил во најтесна врска со владата на В. Радославов и особено бил заинтересиран Бугарија да има силна влада способна да се бори за решавање на бугарското национално прашање во Македонија.

Тодор Александров ја продолжил својата активност и по востанието во југозападниот дел на Вардарска Македонија, сè до влегувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централниот сојуз.

Валандовска афера и учество во Првата светска војна

[уреди | уреди извор]

Тој нема да го остави оружјето се дотогаш, додека Македонија не добие слобода. Неговата верба Ќе издржи пред било што. Стари жени, деца, сите работат за ослободителното дело, сите се еднакво предадени на делото и умеат да ги чуват тајните што им се доверени. За комитите на Тодор Александров животот не значи ништо, кога се работи да се посвети за тоа свето дело, за слободата

— Коментар на публицистот Лонг, 06.01.1924 г.[11]
Портрет на Александров во војводска облека

Бугарската влада на Радославов добила од Австроунгарија 25 милиони златни круни, а бугарската влада од своја страна ги дала на Тодор Александров. Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македодонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитетски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт.

Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австроунгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт. Притоа првичната цел на нападот била да се уништи мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово.

На чело на четите на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу 1.000 души.

По вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна, Александров се вклучува во администрирањето на ново-освоените подрачја. Во пролетта 1917 година Александров раководи со задушувањето на Топличкото востание во Србија.[12]

Со своите високи квалитети, и покрај физичките страдања поради болест, која не простува, Александров беше станал легендарен конспиратор, кој дејствуваше неуморно на планините во Македонија. Неговата врховна цел беше независноста на Македонија, која во една самостојна држава Ќе ги вклучи деловите кои сега припаѓаат на Југославија, Грција и Б’лгарија, и така создавање на еден нов фактор за мир и балканска спогодба. Грчката и српската политика по тој начин го принудија Тодор Александров и Македонската организација да започнат една енергична борба. Во еден период од три-четири години македонскиот шеф ги сплоти околу себе сите малцинства, незадоволни од режимот установен во Македонија после мировниот договор

— Весникот Трибун де Женев, 24.09.1924 г. [13]
Александров во комитска облека
Александров со својата чета

По идеја на Тодор Александров, Петар Чаулев и Александар Протогеров на 20 декември 1919 година е обновена Македонската револуционерна организација под името Внатрешна македонска револуционерна организација. Претставката Одринско од името на организацијата бил отфрлен, бидејќи во Одринска Тракија се формирала Внатрешната тракиска револуционерна организација на чело со Тане Николов.

Без да се свика конгрес, Александров, Протогеров и Чаулев биле избрани за членови на Централниот комитет на ВМРО, а за членови на Задграничното представителство биле избрани Георги Баждаров, Наум Томалевски и Кирил Прличев [14].

Според Иван Катарџиев: самиот процес на создавање автономистичка ВМРО и наметнувањето на Тодор Александров за нејзин раководител бил проследен со отпори. Во тоа време, Тодор Александров ја немал поддршката на емиграцијата. Против него и неговите наметливи методи застанала група ветерани на македонското национално и револуционерно движење. Александров и Протогеров биле обвинети за узурпаторство, а поентата на обвинувањата била дека без конгрес не може да се избира раководство, а таков не бил одржан од 1908 година. Со тоа што отпорот спрема Александров бил силен и немало шанса легално да биде избран на чело на ВМРО, за да се внесе страв кај противниците, некои од нив биле убиени [15].

На 3 февруари 1920 година Тодор Александров, Александар Протогеров, Иван Каранџулов, Никола Стојанов, Георги Баждаров, Михаил Монев, Аргир Манасиев, Наум Томалевски и други, решиле да се обноват четничките акции во Вардарска и Егејска Македонија [14].

ВМРО на чело со Тодор Александров сè повеќе започнала да се наметнува помеѓу македонските емигранти во Пиринска Македонија, но и во цела Бугарија. За кратко време, користејќи ги старите канали и врски од илинденскиот и предилинденскиот период, оваа организација успеала да создаде разгранета мрежа, која толку се проширила, што територијата на Пиринска Македонија била целосно претворена во нејзина база. Со помош на воено-офицерската лига во Бугарија, ВМРО успеала да се обезбеди со големо количество на оружје, за која цел биле добиени финансиски средства и од одредени кругови во Италија [5].

Во мај 1920 година организацијата разполага со 17 чети во Вардарска Македонија и 5 во Егејска, составени од по 15 четници и тројца во резерва. Биле обновени и револуционерените окрузи: Скопски, Битолски, Струмички, Серски и Солунски, со околиските и селските реони. По целата граница на Бугарија со Вардарска Македонија биле создадени пунктови и канали. Во времето кога Александров влегувал и дејствувал во Вардарска Македонија, кралска Југославија ангажирала 35.000 војници, жандари, граничари, четници, жандарски станици и гранични пунктови.

Од вкупно 17.000 жандари што ги имало во Југославија, 12.000 биле распоредени во Македонија. Кон крајот на 1922 година, неговата глава во Белград е проценета на 250.000 динари.

Покрај агитирањето меѓу македонските емигранти и бегалци со декларативни изјави дека ќе се бори за автономна Македонија, ВМРО создала поголем број на комитски чети и селска милиција по примерот на старата Организација, од кои првите имале за задача по претходно утврден план да вршат вооружени акции во Вардарска и Егејска Македонија, а милицијата да ја обезбедува нејзината доминантна улога во Пиринска Македонија [5].

По почетните атентати врз поединци во македонското националноослободително движење, претежно направени по наредба на ЦК на ВМРО, меѓусебните убиства се засилиле со создавањето на нова соперничка вооружена организација, составена од луѓе што се отцепиле од ВМРО. Новосоздадената МФРО (Македонска федеративна револуционерна организација) предизвикала уште поголема борба за престиж во хиерархијата на македонското револуционерно движење, а со тоа и уште повеќе акти на тероризам помеѓу двете спротивставени страни. Во тие вооружени пресметки кои однеле многу човечки жртви и пролеана македонска крв,превласт успеала да направи ВМРО, поради поголемиот вооружен потенцијал и подобрата организираност [5].

Акциите и атентатите на Тодор Александров 1920-1924 година

[уреди | уреди извор]

Какви се плановите на тој човек, кој само со еден гест може да ја крене Македонија на нозе? Каде се наоѓа Тој? Поставете ги прашањата на кого сакате, никој не може да Ви одговори. Белградската влада нуди огромна сума пари на оној што Ќе го донесе жив или мртов Тодор Александров, а тој независно од големите опасности го продолжува своето дело како АПОСТОЛ. Денес тој е највлијателниот меу сите Македонци кои се стремат кон независност на Македонија. Неговиот живот е легендарен, тој носи иста униформа како и неговите комити, живее ист живот со комитите, се движи пеш како и другите, спие на земја, честопати се храни само со леб, носи пушка со 250 патрони, бомби, двоглед и раница во којашто е сместена архивата. Тој е војник и дипломат истовремено, тој е шеф на партизанските одреди. На прашањето: дали не се плаши, Тој ни одговори: Ни најмалку. Јас знам ни рече Тој сè што се случува на 20 километри од околу нас. Македонија сака независност со главен град Солун. Македонците денес бараат независност во границите на Македонија пред 1912 г., тоа е нашето барање пред Европа. За Србите има само два начина за да ни одговорат: или дефинитивно да не уништат, или да ја признаат нашата независност

— Весник Журнал, септември 1923 г. [16]
Портрет на Александров
Расписка на ЦК на ВМРО со потпис на Александров
Документ на ЦК на ВМРО за наградување на Јанко Стоjaнчов со значка со црвено знаме за заслугите кон македонското ослободително дело со потписот на Тодор Александров.
Факсимил - Тодор Александров
Од лево на десно, прв Ѓорче Петров, четврт Тодор Александров, шести Андреј Љапчев, седми Симеон Радев, осми Војвода Стаматов

Во период од 1920 до 1924 година по ВМРО на чело со Александров извршила повеќе акции и атентати. Во овој период биле ликвидирани голем број значајни дејци на македонското револуционерно движење, бугарски општествени дејци и членови на бугарската влада. На 28 јуни 1921 година бил убиен еден од најистакнатите членови и идеолози на ТМОРО, Ѓорче Петров. Неговото убиство било извршено од страна на Реџеп, Турчин по националност, а член на ВМРО. Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање [5]. По ова убиство, на 16 јули 1921 година бил убиен кочанскиот војвода Симеон Георгиев - Кочански, припадник на ВМРО и близок пријател на Тодор Александров. На 5 октомври 1921 година во близина на селото Саса бил разоружан и убиен кратовскиот војвода на ВМРО, Дончо Ангелов. Во 1921 година бил убиен Митруш Циклев, којшто најпрвин бил војвода на ВМРО, а потоа преминал во српска служба. Оваа убиство создало опозиција кон Александров.

Покрај убиствата на дејци од македонското движење, ВМРО на Тодор Александров е најверојатно вмешана во убиствата на истакнати бугарски политичари. Министерот за внатрешни работи Александар Димитров бил убиен на 22 октомври 1921 година од страна на Иван Јанев-Брло. На 4 октомври 1922 година бил убиен активистот на БЗНС, Александар Панов. Во Прага, Чешка, на 26 август 1923 година бил убиен поранешен министер Рајко Даскалов. На 30 октомври 1923 година бил извршен атентат врз бугарскиот политичар и еден од основачите на партијата Народно единство, д-р Никола Генадиев. Сепак најспектакуларно било убиството на бугарскиот премиер Александар Стамболиски.

За неговото убиство постојат неколку верзии, а според една од нив: ... главната улога во тоа ја имала ВМРО, повикувајќи се на податокот дека во вилата на Стамболиски во селото Славовица од страна на капетан Харлаков му била прочитана смртната казна на водачот на земјоделците од името на ВМРО и Воената лига, по што и покрај противењето на Стамболиски започнале сурови измачувања врз него и неговиот брат. Главен инквизитор бил скопскиот војвода на ВМРО, Величко Велјанов- Чичето, заштитен и обезбедуван од 30-тина четници на Организацијата. Бугарскиот премиер и неговиот брат биле измачувани, постојано биле принудувани да се збогуваат, биле натерани да си ги ископаат своите гробови, за да на крајот откако со нож му биле исечени ушите и носот, со десетици убоди, Стамболиски бил најѕверски убиен. Измачуваниот земјоделски водач, веројатно со крајни, натчовечки напори пред да почине успеал со крв на еден камен да го напише часот, денот, месецот и годината на неговото убиство: 12 ч. 14 јуни 1923 година...[5]. Според Иван Катарџиев:

Кога по соборувањето на Стамболиски од власт, акција во која ВМРО одигра битна улога, Тодор Александров се обиде да биде кадровик и влијателен фактор во создавањето на надворешната политика на државата, беше поттурнат од центрите на моќта. Кога, пак, се дрзна да се оддалечи од контролата на бугарската влада и се поврза со Коминтерната, беше организирано неговото убиство, подвлекува Катарџиев, нагласувајќи дека бугарските иредентистички кругови со помош на четите на Тодор Александров од 1919 до 1924 година создале вистински пекол во вардарскиот дел на Македонија. Во тој период имало 60 четнички влегувања, а во судирите на комитските чети и српската власт настрадале над 500 невини луѓе, стотици биле затворени и малтретирани, десетици осудени [15].

За време на Септемвриското востание во 1923 година од страна на ВМРО на чело со Александров биле убиени голем број на Македонци - комунисти. Меѓу убиените биле Тодор Чопов, внукот од сестра на Гоце Делчев, браќата Борис, Кирил и Димитар Костовски од село Кочариново, Коста Сандев од село Зарево, Солунско, Никола Иванов од Хисарлак, Сотир Лазаров и Јанчо Хајдушки од Горна Џумаја, Игнат Николов од Цариброд, Васил Коритаров од Босилеградско, Ташко Малев, Јордан Клинчаров и Атанас Георгиев од Горна Џумаја, Иван и Георги Савов од Ќустендил, Стефан од Одринско, Петар Ичков од Горна Џумаја, Петар Здравков од Велес, Евгениј Георгиев, Сотир Календерски и Иван Марков од Горноџумајско, Никола Тодоров Нучков и Стојко Стоилов од Горна Џумаја, Ристо Стојков, Ѓорѓи Иванов Хаџијски, Борис Давитков, Илија Катачки, Методи Мазнев и Петар Димитров.

За време на истите настани од припадниците на ВМРО, Михаил Монев (зет на Тодор Александров), Васил Мечкуевски и Иван Караџов во Горна Џумаја (Благоевград) биле убиени комунистите: Димитар Ацев-учител, Никола Лисичков - адвокат и нотарот на градот Стефан Велинов. Тие биле обесени, а нивните тела биле оставени да висат неколку дена во градот[5].

Атентатите на ВМРО (Автономистичка) на чело со Александров во втората половина на 1923 и првата половина на 1924 година продолжиле. Во 1923 година бил ликвидиран архитектот Никола Јуруков, еден од водачите на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). На 8 јули 1923 година во Софија бил убиен Таската Спасов - Серски. „Убиството било извршено при неговата операција на слепо црево од страна на професорот Станишев, човек близок до ВМРО, при што Спасов, исечен бил оставен да искрвари и да умре на операционата маса.“ [5][17][18]. На 26 мај 1924 година од атентатор на ВМРО бил убиен Милан Грашев, автор на брошурата „Мафиите и катастрофите“. На 30 јули 1924 година во Виница бил убиен Мите Соколарски-Суџукаро.

Мајски манифест

[уреди | уреди извор]

Со своите високи квалитети, и покрај физичките страдања поради болест, која не простува, Александров беше станал легендарен конспиратор, кој дејствуваше неуморно на планините во Македонија. Неговата врховна цел беше независноста на Македонија, која во една самостојна држава Ќе ги вклучи деловите кои сега припаѓаат на Југославија, Грција и Бугарија, и така создавање на еден нов фактор за мир и балканска спогодба. Грчката и српската политика по тој начин го принудија Тодор Александров и Македонската организација да започнат една енергична борба. Во еден период од три-четири години македонскиот шеф ги сплоти околу себе сите малцинства, незадоволни од режимот установен во Македонија после мировниот договор

— Весникот Трибун де Женев, 24.09.1924 г. [13]
Портрет на Александров
Декларацијата на ЦК на ВМРО од 5 август, вестник „Прапорец“.

Мајскиот манифест бил донесен на 6 мај 1924 година со неговото потпишување од страна на членовите на ЦК - Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. На манифестот му претходел договор за обединување на македонски револуционерни сили. Александров се обврзал дека ќе се откаже од своите неодамнешни терористички активности и ќе заземе за македонските интереси. Меѓу другото во овој манифест било истакнато:

Браќа Македонци! Македонија, во своите природни географски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, Охридското Езеро, планината Грамос, реката Бистрица и Егејското Море, со едно пространство од 65.000 кв. километра, пресечена од реките Места, Струма, Вардар, Дрим, Бистрица и надарена со најразнообразни природни богатства и благопријатни климатски услови; со своето 2.302.000 население, рознооброзно по својот етнографски состав, со својата централна економска и стратегиска положба на Балканите, меѓу басените на реката Дунав, Егејското и Јадранското Море - ги има сите услови и права за самостојно палитичко постоење, како независна држава што се управува самостојно, која ќе послужи како обединувачка, политкчка и економска алка меѓу народите и државите на Балканското Полуострово [19].
Зацртувајќи го во општи линии својот однос кон државните фактори на општоевропската и балканската политика, ВМРО изјавува дека таа се бори и ќе се бори со сите средства на револуционерната борба: 1. За ослободувањето и обединувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни, географски и етнографски граници... [19].
ВМРО изјавува дека во својата борба за независна Македонија и Балканската федерација смета, пред се, на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност... [19].

Тогаш е потпишана и посебна декларација според која иднината на Македонија да не се поврзува со Бугарија, туку во една наполно самостојна држава, обединета во нејзините етнички граници. Со овој манифест не се согласила влада на Александар Цанков. На 5 август ЦК на ВМРО се произнел по Манифестот со Декларација бр. 772, објавена во весникот "Прапорец", во која било истакнато:

Во првиот број на весникот “La Fédération Balcanique”, кој излегува во Виена е напечатен еден манифест, кој и се препишува на Централниот комитет на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Овој документ не е на Централниот комитет. Од содржината и формата на овој манифест секој може да види, дека тој е дело на егзалтирани комунисти. Остриот јазик против владата на Бугарија и апелот кон сите Македонци и Бугари да поведат најрешителна борба против неа, како да е таа главната пречка за ослободувањето на Македонија, исто така ги издава партизанските чувства на неговите автори. Во септември минатата година, Централниот комитет на ВМРО во своја декларација го изложи карактерот на македонското ослободително движење. Во неа се кажува: Револуционерната организација ги обединува сите класи на македонскиот народ без разлика на народност, религија, пол и политички убедувања... Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ќе продолжува да следи една линија на независно поведение. Таа смета за успехот на својата кауза на слободољубивото мислење на целиот свет и на сите организации и групи, коишто ја напишале на своите знамиња заштитата на правото за слободното самоопределување на народите... Внатрешната Македонска Револуционерна Организација не може да му служи на никоја држава и на никоја партија, во која и да е држава. Таа смета на помошта и поддршката на сите држави во нејзината борба против угнетувачите на Македонија и против непријателите на македонската слобода. За таа цел таа влегува во врски со сите големи и мали политички фактори во светот... Што се однесува до Бугарија, Централниот комитет, кога изјавува дека не е работа на ВМРО да се меша во внатрешниот и политичкиот живот, но дека ќе се бори со сите сили и средства против непријателите и злоупотребителите со нејзиното име и престиж, кои и да се и каде и да се наоѓаат тие, смета, дека е време, сите политички партии и фактори да разберат дека ВМРО е единствена компетентна да ја насочува својата дејност во преследувањето на својот идеал - слободна и независна Македонија... Тоа било, тоа е и денес становиштето на Централниот комитет. Сите други манифести, декларации и др., коишто се појавуваат или би се појавиле од негово име, ги ангажираат само нивните автори и никого друг. [20]

Марија Коева, ќерка на Тодор Александров, истакнала: „Навистина, мојот татко се откажа од потписот на Мајскиот манифест, бидејќи не сакаше ВМРО да се болшевизира и да биде партија, туку да си остане татковинска патриотска организација сè додека Македонија не стане држава.

Убиство на Тодор Александров

[уреди | уреди извор]

Судбината ни определи уште една од најтешките жртви, која ги раскина срцата на сите прогонети Македонци и ја потопи во јад нашата намачена страна (Македонија). Злокобната вест за тоа грозоморно дело што го прекина животот на најдостојниот и најголемиот син на револуционерна Македонија, ја порази со својата одвратност целокупната македонска емиграција во Америка, која што е растреперена, восхитена од великото дело на ВМРО и благовее пред подвизите на нејзиниот прв водач и татко, Тодор Александров. Тој железен човек го обединуваше во себеси целокупното величие на македонскиот дух Историјата на неговиот живот е и историја на револуционерното движење. Потомците ќе им ги запишат имињата на оние (на убијците) со презир на нови ЈУДИ и нови Херостратовци затоа што тој е најсаканиот наш брат, татко и другар носител на народниот маченички крст и на светиот стремеж за самозачувување и поради тоа и сите оние од Европа и од другите страни, а кои се восхитуваат од големото во човекот, за слободата на народите Ќе ги симнат шапките (пред делото на тој покојник). Тодор Александров ја носеше татковината во срцето, во крвта и во целото тело. Александров Ќе биде спокоен и во гробот, бидејќи тој не беше и не е сам. Светиот блесок на неговиот подвиг Ќе го озорува патот на илјадниците следбеници се дотогаш додека не се извојува слободата на нашата несреќна борбена татковина. Поклон пред големината на светоста на АЛЕКСАНДРОВОТО ДЕЛО

— ЦК на Македонските политички организации, Индијанополис 24 септември 1924 г. [21]
Тодор Александров поставен во ковчег по убиството
Гробот на Александров на Пирин Планина

Новиот курс кој Александров го зазел за решавањето на Македонското прашање како и откажувањето од потписите на Мајскиот манифест, придонеле да се создадат услови за ликвидација на Александров и негово остранување од раководната позиција на ВМРО.

Тодор Александров на 31 август 1924 година, кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен. За убиство и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Според едната верзија:

На едно планинско изворче, групата застанала да ги освежи своите сили со храна. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколкупати ја делел храната со другите негови соборци. По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат [5].
Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански. Александар Протоѓеров изненаден од брзината на дејствијата се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума[5].

Историчарите и понатаму водаат полемики околу тоа кој стои за убиството на Александров и се истакнува:

Кој е нарачателот на атентатот врз Тодор Александров? Ако реално се погледнат работите, фактите и развојот на настаните, пред и после атентатот, многу е тешко, речиси невозможно и после толку долг временски период да се даде одговор на ова прашање. Но сепак врз основа на се можат да се посочат два центри кои би можеле да бидат можните интелектуални убијци на Тодор Александров: Комунистичката интернационала заедно со БКП и другите левоориентирани партии, движења и струи во Бугарија и воено-политичките фактори блиски до бугарската влада на премиерот Александар Цанков [5].

Историски погледи

[уреди | уреди извор]
„Виенска стапица: Историја на преговорите меѓу СССР и ВМРО на Тодор Александров“. Историчатот Жила ги обработува врските меѓу СССР и ВМРО на Александров.
Посочувајќи го Мајскиот манифест, како завршен чин во живописот на Тодор Александров, кој се втурна во македонското револуционерно движење како припадник на десницата, трансформиран во тврд бугарски националист, тесно поврзан со политиката на бугарскиот цар Фердинанд во Бугарија, тој и таков Тодор Александров, со прифаќањето на документите на обединувањето и на Мајскиот манифест, се издигна на позицијата на највисок носител на политиката на македонскиот политички сепаратизам по Првата светска војна. Ваквата еволуција во политичката сторија на Тодор Александров ја определи и неговата животна судбина. Бугарската држава никогаш не ги толерирала политичките носители на македонското национално-ослободително движење, во чија програмска агенда се наоѓале идеи и активности спротивни на државните интереси на Бугарија. Носителите на ваквите идеи и активности речиси редовно биле политички изолирани, често и физички ликвидирани. Убиството на Тодор Александров и на водечките личности на левицата, како што се, Димо Хаџи Димов, Арсение Јовков итн. во исто време значело и крај на идеологијата на автономистичката ВМРО. Местото на Тодор Александров, со помош на бугарската влада, го зафаќа Иван Михајлов, на местото на автономистичката - доаѓа михајловистичката ВМРО [15]
Историчноста на името и делото на Тодор Александров беше загатка на повеќе историографии и историчари. Неговата контрозерзност беше производ на епитетите и квалификациите што доаѓаа, пред се, од непријателите на Македонија и на слободата на македонскиот народ. Меѓутоа, мора да се каже дека во дводецениската револуционерна и водачка дејност името на Тодор Александров стана синоним на ВМРО и главен организатор и душа на организацијата. Едни го нарекуваа: генијален водач, најголем воин на Балканот, фанатичен патриот, најсилна појава на борбениот македонски дух, Последен Мохиканец на Балканот, Робин Худ на Балканот, голем апостол, и легенда на ВМРО, додека за други беше: врховист, предавник на македонското дело, родоотпадник, главорез и сл. И покрај се, во народните песни остана опејуван како единствен борец за слободата на Македонија [3]
Неговата фотографија, на прославите и свеченостите на македонските емигрантски организации и братства во Бугарија во меѓувоениот период, секогаш го заземаше централното место, како неизбежна иконографија, далеку пославен и од Гоце Делчев.Меѓутоа, мора да се признае, а тоа историските документи и го потврдуваат, дека по наредба на Тодор Александров се убиваа министри, партиски водачи и политички противници на ВМРО, се заплашуваа со смрт кралеви и претседатели на влади, се ослободуваа и окупираа градови и села.Во својата политичка програма да се дојде до слободата на Македонија Тодор Александров соработуваше од крајно рекционерни-буржоски до прогресивно-комунистички движења и партии и секогаш диктираше и поставуваше свои услови и барања [3]

Чествување на Александров

[уреди | уреди извор]
Споменик на Тодор Александров во Борисовата градина, Софија
Сè за Македонија

Во Бугарија постојат бројни споменици на Александров. Бугарските историчари сметаат дека нема никакви дилеми за односот што го имал Александров кон Бугарија. Според нив, тој сета своја волја ја насочувал за заштита и спасување на македонската бугарштина, која во неговите претстави била исконски дел од општобугарското духовно и етничко пространство. Бугарите отсекогаш, а и денес го слават Тодор Александров. Неговото име го носат улици и школи во Бугарија. За време на окупацијата на Македонија во Втората светска војна, тие во Штип поставија спомен-плоча на местото на неговата родна куќа, која своевремено ја посетуваа претставници на Македонската патриотска организација. Според бугарскиот претседател Георги Прванов:

Јане Сандански... и Тодор Александров се две страни на еден ист медалјон.[22]

Во Македонија се смета дека Тодор Александров е контроверзна фигура. Според професорот Тодор Чепреганов тој се чувствувал како Бугарин и работел за бугарските интереси. Од друга страна професорот Владо Поповски вели дека речиси целокупната фактографија по 1919-1920 година зборува за самостојност на позицијата и на улогата на ВМРО. Тодор Александров според него ја чувал самостојноста и сувереноста на ВМРО во однос на делото за ослободување на Македонија од власта на балканските држави и нејзино обединување и создавање независна македонска држава.

Во март 2008 година во Велес била откриена биста на Тодор Александров. Таа била илегално поставена од месниот Бугарин Драги Каров, кој го решил ова на оригинален начин, со ставање на споменикот како декор во сопствениот двор. Според градоначалникот Аце Коцевски ова било голем срам за градот и подоцна бистата била урната под притискот на локалните власти.

Во јули 2012 година било решено неговото има да го носат скопска улица и мост, а потоа Тодор Александров се здобил и со своја бронзена скулптура во градот под името „Македонски војвода на коњ“. Опозиционерите од СДСМ ја обвинија власта дека на пиедестал го става најголемиот противник на македонската кауза. Во октомври на споменикот во скопската општина Кисела Вода бил поставен натписот „Тодор Александров“, со што властите ги расчистија дилемите за кој војвода станува збор..[23]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Дел од писмо во кое Александров ги обвинува тесникот - болшевик Х. Димов, анархистот - мрзливец Герџиков, шмеќерот - велзевул Ѓорче, предавниците во минатото и сега на бугарскиот народ санданисти кои говорат и агитираат дека треба да се бара автономија на Македонија, зашто таа е одделна економска и географска единица со самостоен македонски народ со сопствена историја во вековите...

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Енциклопедија ВМРО, Скопје, 2015, стр. 3
  2. Весник Дејли Њуз
  3. 3,0 3,1 3,2 Воведот во книгата на Зоран Тодоровски
  4. Шатев, П., „В Македония под робство“, София, 1983, трето издание.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 Виолета Ачковска и Никола Жежов, Предавствата и атентатите во македонската историја, Скопје, 2004
  6. Весник Журнал'
  7. Весник Тајмс
  8. Пейо Яворов и Тодор Александров - Приятели в живота, съратници в борбата, Цочо Билярски, УИ "Св. Климент Охридски"
  9. 9,0 9,1 КОРУМПИРАНАТА МАКЕДОНСКА ВЛАСТ И АЛБАНСКИОТ РАДИКАЛИЗАМ ЌЕ ПРЕДИЗВИКААТ МЕЃУЕТНИЧКА ВОЈНА! (в-к "Фокус", бр. 165, година IV, 14.8.1998)
  10. Т.Александров во издание на македонската Студентска корпорација Скопје, 1943
  11. во унгарскиот Весник, Еко Де Данјуб
  12. Dimitar Bechev, "Historical Dictionary of the Republic of Macedonia", Scarecrow Press, 2009, p. 10.
  13. 13,0 13,1 Весникот Трибун де Женев од 24.09.1924 г.
  14. 14,0 14,1 Тюлеков, Димитър. „ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001.
  15. 15,0 15,1 15,2 Контроверзиите и вистините за Тодор Александров (1)[мртва врска]
  16. Весник Журнал
  17. Енциклопедия България, том 6, Издателство на БАН, София, 1988 (статия Атанас Спасов)
  18. Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993
  19. 19,0 19,1 19,2 Мајски манифест
  20. Декларација од Централниот комитет на ВМРО против Манифестот од 1924 година В М Р О Слобода или смрт N 772 1 август 1924 г. Македонија
  21. ЦК на Македонските политички организации, Индијанополис 24 септември 1924 г.
  22. Бранко Цървенковски: "Какво общо има Тодор Александров с НАТО?" [мртва врска]
  23. Тодор Александров: од бугарски шпион до најголем македонски револуционер Архивирано на 19 февруари 2014 г.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Алберт Лондр, „Комитаџии, Тероризмот на Балканот“, Култура, 1997.
  • Виолета Ачковска и Никола Жежов „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.
  • Ленина Жила: Виенска „стапица“, Скопје, ИНИ, 2014

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]