[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Христо Матов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Христо Матов
Роден 10 март 1872
Струга, Македонија
Починал 10 февруари 1922
Софија, Бугарија
Дел од темата
„Контроверзни дејци на македонското револуционерно движење“

Христо Апостолов Матов (Струга, 10 март 1872Софија, 10 февруари 1922) — македонски професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација.

Се образувал во машката гимназија „Св.Кирил и Методиј" во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902 — 1905 и 1907 — 1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип. Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година.

По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот Родина. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини.

Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов. Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут.

Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Семејството на Матов

Христо Матов е роден на 10 март 1872 година во Струга, тогаш во Османлиското Царство. Негови родители Апостол и Петра имале вкупно 11 деца, но од нив преживеале само шестмина: Димитар, Христо, Милан, Марија, Агнија и Царева. Христо Матов бил роднина и на Царевна Миладинов. Христо Матов бил особено близок со својот брат Милан Матов, исто така истакнат македонски револуционер.[1]

Образование и први револуционерни чекори

[уреди | уреди извор]

Христо Матов учел во родниот град, а подоцна е еден од првите ученици на Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. По завршувањето на кратко бил директор на егзархиското педагошко училиште во Сер. Во 1894 година го отфрли предлогот на Даме Груев и Иван Хаџи Николов за зачленување во Организацијата, но по Мелничкото востание на Македонскиот комитет се предомислил и на 25 август 1895 година влегол во Организацијата [2]. Предавал во педагошко егзархиско училиште во Скопје, а во 1896 година го покрстил во Организацијата тогашниот 15-годишен Тодор Александров [3].

Борба против српската пропаганда

[уреди | уреди извор]
Корица на „Српските претензии во Западна Бугарија“.

Во 1897 година Матов под псевдонимот Дримколов ја објавил брошурата Српските претензии во Западна Бугарија, во која ги отфрли тврдењата дека Македонија е српска земја. Брошурата започнува вака:

Во таа статија сакам да споделам со читателот неколку мисли за претензиите, коишто во најново време ги подигнаа Србите на онаа наша страна, која етнографски се нарекува Западна Бугарија, а археолошки е позната подот име Македонија... Факт е, константиран веќе, дека македонските Бугари почнале порано да се будат од мизиските и тракијските. Да го оставам за тоа да зборува Дринов: Доста е, кажува тој, да се потсетам, дека Македонци се: и Паисиј, од кого се зафати историјата на бугарската преродба, и, Кирил Пејчиновиќ, Тетовец, автор на една од првите печатени бугарски книги, која што е издадена уште во 1816 г. во Будим, и Хаџи Теодоси Синаитски, татко на бугарското книгопечатание, и Хаџи Јоаким, даскал Крчовски, кој почнал прв да печати книги, напишани на народен бугарски јазик, и Неофит Рилски, патријарх на бугарските учители, и Христаки Павлович Дупничанин, и Јован Димитриевич Охридски, еден од првите бугарски кногоиздавачи во Цариград, и многу други од првите дејци по преродбата на бугарскиот народ [4][5].

Во перидот помеѓу 1895 — 1898 година бил училиштен инспектор во Скопската епархија. Во летото 1898 година, по интернирањето на Даме Груев во Битола, Матов се вработил како професор по литература во ново-отворениот трговски оддел при Солунската гимназија и заедно со Пере Тошев влегол во Централниот комитет на Организацијата [6].

Солунска афера

[уреди | уреди извор]

На 23 јануари 1901 година (стар стил) се разврзала Солунската афера. Таа ноќ турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев — Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија [7]. Набргу дошло до масовни претреси, а на 25 јануари биле уапсени Христо Матов и Пере Тошев [6].

Једи Куле

Најголемиот дел од уапсените биле сместени во истражниот затвор во Солун. Таму се нашле и Христо Татарчев, Христо Матов и Пере Тошев. Тие биле држени во одделни простории со цел преку закани и притисоци да им бидат извлечени потврди за изјавите на Милан Михајлов. По неколку дена тие биле префрлени во централниот вилаетски затвор Једи Куле и им се придружиле на поп Стамат, Димитар Паљошев и другите. На 20 февруари 1901 година било покренато обвинението против 19-мината прво-обвинети. Со него биле обвинети: Милан Михајлов, Кочо Георгиев, Коце Лазаров, Тодор Иванов Карапетков, Васил Мончев, Христо Татарчев, Христо Матов, Пере Тошев, Поп Стамат и други. Тие биле обвинетеи за државен престап во целина против Отоманското Царство сакајќи:

Да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает [8].

или во најмала рака овие три вилаети да бидат присоединети кон Бугарија [8]. Според еден документот од англиско потекло, тие било обвинети за организирање на револуционерна сила против османската власт со цел:воспоставување во Македонија автономна власт... воспоставување на нова форма на власт (влада) во Македонија [6]. Ова дело било казниво според членовите 56 и 58 од Османлискиот кривичен закон и според нив следувало смртна казна.

Како резултат на Солунската афера, било одржано судење од 26 февруари до 14 март 1901 г. на кое биле изведени 19 души, членови на Организацијата. Од нив тројца беа осудени на смрт, седум, меѓу кои и Христо Матов и Пере Тошев, на вечен затвор, тројца, меѓу кои и Христо Татарчев и поп Стамат, на петгодишен затвор со синџири, еден на затвор во траење од две години и петмина обвинети биле ослободени.

Поради пренатрупаност во солунскот затвор на 6 јули 1901 година, Татарчев заедно со 38 затвореници, меѓу кој биле Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев Иван Хаџи Николов и др., бил спроведен до паробродот Марија во сопственост на компанијата Хаџи Даут и испратен за Подрум Кале каде требало да ја издржуваат својата казна. Судскиот процес и нивното патувањето со брод во Анадолија го следел францускиот писател и новинар Пјер Д’Еспања кој ќе бил восхитен од храброто држење на Матов. По една година, францускиот писател објавил роман за македонската борба и за него ќе ја напише посвета:

На Христо Матов, филолог и учител, осуден на доживотен затвор во Будрун. На мрачните и негови славни другари по судбина, на потиснатите, на победените, на мртвите.

Задграничен претставник

[уреди | уреди извор]
Софија

Заедно со Христо Татарчев и Пере Тошев бил помилуван од султанот на 19 август 1902 година. При крајот на 1902 година е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Во почетокот на ноември „Врховистичкото востание“ спласнало и тогаш Иван Гарванов со новоназначените задгранични претставници: Христо Матов и Христо Татарчев, во тајност од другите членови на Централниот комитет се решил за востание. Матов и Татарчев веднаш откако пристигнале во Софија на својата должност започнале преговори за помирување со Врховниот комитет врз основа за проширување на востанието. Тие тврделе дека тоа е желба на Централниот комитет.

Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил окружно за одржување на Конгрес. Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други. На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание.

Во екот на востанието, Задграничното претставништво во име на Организацијата се обратило до големите сили. Преку Декларација било истакнато дека вмешувањето на големите сили е: единствено средство за се отстрани злото и да се запре пролевањето на крвта [9]. Се побарало со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на турската администрација и ќе делуваал независно од Високата Порта. Било потенцирано дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола.

Основите на Организацијата од Брут

[уреди | уреди извор]

По Илинденското востание во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. Овие средби се случувале од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, а главно прашање било правецот на делување по неуспешното востание.

На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи, едната концепција била претставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата.

Оттука Христо Матов ја создал брошурата „Основите на Организацијата од Брут“ во мај 1904 година како противтежа на Директива за идната дејност на Организацијата прокламирана од спротивната струја.

Расцеп на Македонската револуционерна организација

[уреди | уреди извор]
Главна страница на "Соопштение на мнозинството делегати на општиот конгрес на Организацијата" од јануари 1907 година.

Серската група на Сандански откако не успеа процедурално да наметне мнозинство делегати на предвидениот конгрес во Софија, се повлекла во Рила. Судирот настанал околу членот 3 од Правилникот на ВМОРО во кои било истакнато:

Секој член кои ја напуштил организациската територија, дали бил тој службено лице или не, ги губи правата сè додека е надвор[10]

Од овој член произлегувало дека голем број од делегатите кој биле предложени од конзервативната струја немале право да учествуваат во работата на предвидениот конгрес, бидејќи подолго време се наоѓале надвор од Македонија и Одринско. Меѓу овие дејци се нашле Борис Сарафов, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Гарванов и други.

Во Рилскиот манастир, конзервативната струја испратила парламентарци кои ги поканиле Серчани да испратат свој делегати на предвидениот конгрес, но Сандански го одбил таквиот предлог истакнувајќи дека со Гарванов и Сарафов не може да има компромис, отстапки или соработка.

Откако Серската група одбила да учествува во работата на свиканиот конгрес, конзервативната струја одржала неколку советувања во Софија во периодот меѓу 17 декември 1906 година и 15 јануари 1907 година. На овие советувања било решено да не се избира нов Централен комитет, туку само ново Задграничното претставништво на Организацијата во Бугарија. За нови задгранични претставници биле избрани Борис Сарафов, Христо Матов и Иван Гарванов. Меѓутоа Серската група не ги признала, а Сандански ги жигосал со зборовите неоврховисти. Последната активност на ова Задгранично претставништво е препраќање на нови чети за Македонија, а таа активност предизвикала остра реакција од Серчани. Во август 1907 година Сандански побарал Задграничното претставништво да биде укинато како орган, но таквото барање било одбиено. По одбивањето на барањето, Јане Сандански, Чудомир Кантарџиев, Георги Скрижовски и Александар Бујнов потпишале смртна пресуда за задграничните претставници, откако одлуката била поддржана од Ѓорче Петров, Пере Тошев и Петар Поп Арсов [11].

Сандански му ја доверил ликвидацијата на задграничните претставници на Михаил Даев. Меѓутоа потајно Даев бил приврзаник на конзервативната струја и сакал да ја искористи блискоста со Јане за да го ликвидира. За таа негова одлука решил да ги извести задграничните претставници испраќајќи писмо преку својот заменик и кум — Тодор Паница. Меѓутоа Паница писмото му го доверил на Сандански и поради тој заговор Даев бил осуден на смрт. Пресудата врз Даев била спроведена на 30 октомври 1907 година, но се чувала во тајност.

На 28 ноември била извршена смртната пресуда врз задграничните претставници Борис Сарафов и Иван Гарванов. Христо Матов преживеал поради фактот што задоцнил на предвидената средба [12].

Ќустендилски конгрес

[уреди | уреди извор]
Тодор Александров, Христо Матов, Георги Мончев, Владимир Сланков и Никола Иванов, во екот на Балканската војна.

Погубувањето на двајцата задгранични претставници создало пречки во помирувањето на двете крила. Конзервативната струја го организирала Ќустендилскиот конгрес[13][14] во Македонската револуционерна организација, кој се одржал од 5 до 15 март 1908 година. Конгресот претендирал дека е општ конгрес на Организацијата, но на него не присуствувал ниту еден претставник на Реформското крило. Христо Матов е избран за претседател на конгресот.

На конгресот Јане Сандански, Тодор Паница, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Георги Скрижовски биле осудени на смрт [15]. Бил избран нов Централен комитет во кој влегле Павел Христов, Ефрем Чучков и Петко Пенчев. Како дополнителни членови биле избрани Стојан Икономов, Петар Ацев и Аргир Манасиев. За задгранични претставници биле избрани Христо Матов, Михаил Дорев и Апостол Греџов, а за дополнителни членови Христо Татарчев, Пејо Јаворов и Христо Силјанов.

Низ војните

[уреди | уреди извор]

Во 1912 година при избувнување на Првата балканска војна Матов бил доброволец во Македонско-одринското ополчение, служи во Нестројната чета на 9 Велешка дружина. Поради покажаната храброст бил одликуван со сребрен крст со круна „За воена заслуга“ и со орден „Свети Александар“ VI степен. По Втората балканска војна ги формулирал барањата на ВМРО со кои македонската делегација ја обиколува Европа. Во Првата светска војна служел во штабот на бугарската војска и бил главен уредник весникот „Татковина“ во Скопје.

Во 1917 година објавил студија во која ја нападнал позицијата прифатена од бугарската дипломатија, не само за македонското прашање но и бугарското национален прашање, дека во целина таа е збунувачка и штетна по каузата за македонското ослободителното движење. Истата година тешко се разболел и со помош на ВМРО заминал на лекување во Будимпешта кај познат европски лекар кој констатирал дека боледува од депресија.

Последните години од животот ги минал во сиромаштија. Барањето за пензија бугарските власти му го одбиле, издршката паднала на неговиот брат, а добивал средства и од ВМРО. Последните години целосно се затворил во себе и не контактирал со никого. Поголемиот дел од денот го минувал во мала соба на приземна куќа, седнат на широкиот железен кревет со скрстени нозе и со постојано втренчен поглед некаде настрана. Не сакал никој да го посетува, а и самиот ретко некаде излегувал. Починал на 10 февруари 1922 година во Софија [16][17]. Иван Михајлов го именувал Матов како: најостроумниот идеолог на ВМРО во текот турскиот режим [18].

Мисли на Матов

[уреди | уреди извор]
Сличен укор е повеќе од смешен. Ние навистина не можеме да й го одземеме правото на Бугарија да се грижи за своите сопствени собраќа зад Рила, но ние ја сакаме хармонијата на нејзината политика со нашата. Особено, по таа точка не можат да се изнесат никакви конкретни обвинувања, освен земањето или неземањето на средства од официјални извори, коешто не ја условува самостојноста. [19]
Ние ви соопштивме (на Бугарија б.н)... а што ќе правите - тоа не е наша работа, ние не сакаме ништо ниту од Вас (Рачо Петров б.н), ниту од нив (бугарската влада б.н). Навикнавме да слушаме и да не веруваме на севозможни ветувања на министри, кои изјавувале дека не лажат и кои сакале да си играат со (македонското б.н) ослободително дело . [20]
Еволуционата дејност во Македонија — тоа е еден вистински апсурд. Има ли потреба да ви нагласувам, дека во таа несреќна земја недостасуваат најелементарните слободи — основа на секоја еволуциска активност? Имено, за таа основа, за политичката слобода, ние војуваме, и откако таа ќе се извојува, организацијата веќе го губи своето право на суштествување. [21]
  • „Сръбските пратеници на Македония“ (1897), под псевдоним Д. Инсаров
  • „Основи на вътрешната революционна организация“, три издания
  • „За управлението на вътрешната революционна организация“, две издания
  • „Въстанишки действия“, две издания
  • „Репресалии против гръцката въоръжена пропаганда“
  • „Пропуснати случаи“
  • „Писма за Македония отговор на г-н Янко Сакъзов“ (1910)
  • „Впечатленията от Македония на д-р Кръстю Раковски“ (1911)
  • „Христо Матов за своята революционна дейност“[22]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Братята Христо и Милан Матови са били сред стратезите на ВМРО“, в.„Сега“, 08.11.2005 г.[мртва врска]
  2. Петров, Тодор, Билярски, Цочо, „ВМОРО през погледите на нейните основатели“, Военно Издателство, София, 2002 г., стр. 108, 112, 114
  3. „Дечо Добринов, „ПОСЛЕДНИЯТ ЦАР НА ПЛАНИНИТЕ Биографичен очерк за Тодор Александров", „Македония", София, 1992 г.“. Архивирано од изворникот на 2005-01-28. Посетено на 2011-06-10.
  4. Дримколов. „Сръбскитѣ претенции въ Западна България“, Дружество „Св. Климентъ”, книжка 2. Печатница „Просвѣщение”, София, 1897, стр. 1.
  5. Дримколов. „Сръбскитѣ претенции въ Западна България“, Дружество „Св. Климентъ”, книжка 2. Печатница „Просвѣщение”, София, 1897, стр. 1.
  6. 6,0 6,1 6,2 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  7. Pierre d’ Espagnat - Avant le massacre (Roman de la Macedoine actuelle) - Македония - политическо и научно литературно списание г. I кн. VII, София, 1922
  8. 8,0 8,1 Георгиев Величко и Стайко Трифонов, Македония и Тракия в борба за свобода (XIX и началото XX век) Нови Документи, София, 1995
  9. Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  10. Правилник на ВМОРО - Според оригиналот што се чува во библиотеката на групата за Историја при Филозофскиот факултет во Скопје
  11. Атанасов, Димитър, „Войводи с пагони“, Македония прес, 2003 г., София, стр. 153
  12. Благов, Крум, „50-те най-големи атентата в българската история, 25. Убийството на задграничните представители“
  13. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  14. Во постарата литература првата групација се нарекува левица, а втората како десница. Во поновата литература двете струи се нарекуваат реформско-демократска и конзервативно-централистичка
  15. Пърличев, Кирил, „Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 г.“, “ВЕДА-МЖ”, София, 2001 г., стр. 184.
  16. Енциклопедия България, том 4, Издателство на БАН, София, 1984, стр. 104.
  17. Николов, Борис. Й. Вътрешна Македоно-Одринска Революционна Организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 101.
  18. Михайлов, Иван. Спомени II. Освободителна борба 1919 - 1924, Льовен, 1965, стр. 146.
  19. Разговор со Христо Матов по отвореното писмо на Сандански
  20. Христо Татарчев, Спомени, документи, материали, (съставител Цочо Билјарски), София, 1989
  21. В. „Ден", с., 21 февруари 1908 г., бр. 1473.
  22. в. „Македония“, бр. 7, 1992 г., стр. 5

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]