[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Ткаење

Од Википедија — слободната енциклопедија
Основен принцип на ткаење - нишки на основата (вертикални) и на јатокот (хоризонтални)

Ткаење — технолошки процес на изработка на ткаенини со преплетување на два жичени системи. Едниот систем на жици се протега по должината на ткаенината и се нарекува основа, а другиот по ширината на ткаенината се нарекува јаток.

Со различно вкрстување на овие два системи, се создаваат ткаенини со различни својства, изглед и структура.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Постојат различни претпоставки за тоа кога човекот почнал да ткае. Повеќето народни преданија ширум светот го поврзуваат потеклото на ткаењето со човечкото набљудување на природата и воочување на можноста за преплетување на гранки од дрвја или лисја од бамбус. Покрај тоа, легендите на многу култури го поврзуваат изумот на техниката на ткаење со почетокот на нивната сопствена историја. Асирците таа чест ѝ ја укажале на кралицата Семирамида, Египќаните на божицата Изида, која е претставена со совалка во раката или на главата, античките Грци на божицата Атина, а Римјаните на Минерва.[2]

Ткаење во Стар Египет

Создавањето ткаенини било возможно благодарение на два факти: пронаоѓање соодветни влакна и упредувањето на кратките влакна во нишки со помош на вретена.[3] Фрагменти од најрано изработени ткаенини, археолозите ги процениле како стари повеќе од 10000 години, т.е. дека датираат од неолитот и се пронајдени во Езерската област во Швајцарија.[4]

Со векови, жиците на основата се подигале со прсти, кревајќи ја секоја жица поединечно. Со воведувањето на еден вид штичка што овозможувала веднаш да се подигне група на жици од основата и на тој начин да се формира зев, процесот на ткаење бил значително подобрен, но сепак постојано се користела едната рака на ткајачот. За да може ткајачот да ги ослободи двете раце и да може да го користи совалката со навитканиот јаток, неопходно било да се откријат и применат тркалото и лостот[5], со што довело се овозможила изградба на современ разбој.

Разбоите што ги користиме денес се во суштина слични на оние од пред илјада години, а многу од денешните ткаенини се направени во структури стари илјадници години.

Првите и најстарите разбои биле вертикални. Ткајачите ги врзувале нишките од основата за греда или гранка, а на долните краеви на нишките врзувале камења (тегови) за да постигнат затегнатост на основата.

Тегови за ткаење (Музеј на керамиката во Атина)
Реконструкција на првобитниот разбој (Музеј на праисторијата во Милано)

Овој тип на разбој е присутен кај повеќето антички народи. Се среќава во Скандинавија, Стара Грција, Индија, Северна Америка (Индијанци), Пуебло Индијанци, Египет, Перу, итн. Софистицираните вертикални разбои сега се користат за изработка на таписерии, килими, теписи и простирки.[6] Подобрувањето на хоризонталниот рачен разбој било постепено. Најпрво бил дополнет со кросно за основата, кросно за ткаенината и брдо (Кина, 1500 - 1000 пр.н.е.), а потоа со ништи во кои основата била воведувана за да се формира зев. Разбојот со ништи претставувал голем чекор во развојот на ткаењето, бидејќи го овозможил првиот покомплексен модел на ткаенини во однос на релјефот, фигурацијата и бојата. Најстариот разбој со ништи датира од 400 година пр.н.е. (Кина).[7].

Експонат во Музејот на Војводина во Нови Сад

Подготовка за ткаење

[уреди | уреди извор]

Подготовка за ткаење вклучува подготовка на основата (сновење и воведување во разбојот) и подготовка на јатокот.

Подготовката на основата вклучува избор на предиво, техничка пресметка која го одредува бројот на жици на основата потребни за да се добие ткаенина со одредена ширина и должина. Точниот број на жици на основата се добива кога ширината на ткаенината изразена во cm се множи со бројот на жици на 1 cm, што зависи од густината (финост, нумерација) на брдото. Пресметувањето на должината на основата го подразбира збирот на саканата должина на ткаенината, процентот на вткаеност и потрошена основа за врзување на кросното за навивање на ткаенината. Дополнително, се одредува редоследот на боите на основните нишки, по што следи постапката на сновење.

Подготовка на јатокот вклучува избор на предиво и премотување на јатокот на совалка.[8]

Најчесто за основа се користи кончено предено, заради јачината и способноста да издржи големо триење и напрегнатост на жиците, а за јаток може да се користат најразлични материјали во согласност со саканите одлики на ткаенината. За ткаење се користи предено од влакна од растително потекло ( лен, коноп, сисал, рафија, памук); од животинско потекло (свила, волна, разни животински влакна); вештачки произведени влакна (органско потекло - целулоза и неорганско потекло - најлон, дралон, перлон, акрил).

Основни принципи на ткаење

[уреди | уреди извор]
Основа и јаток

Најважно за процесот на ткаење е жиците на основата да се држат оптегнати, така што да лежат во линија во една рамнина. Основните аспекти на рачното ткаење останаа непроменети до ден-денес. Со зголемената употреба на свила и памучно предено, постепено во употреба влегуваат две кросна (вратила) преку кои е намотана основата, која сега се поставува хоризонтално. На краевите на секое кросно е врзана врвца во облик на јамка. Едната јамка се врзана околу дрво, а другата околу половината на ткајачот. Со потпирањето назад на јамката или појасот, ткајачот ја затегнувал основата и ја менувал затегнатоста на жиците според негова желба.

Ткаење пончо во Мексико (околу 1914 година)

Пред ткаење на разбој со хоризонтално поставена основа, жиците на основата се поставуваат на основиното кросно (основна осовина), поминуваат преку основиниот мост (мост на основата) и помеѓу две шипки за вкрстување, па се воведуваат во ништите, брдото, и се врзуваат на ткаенинското кросно.[9]

Процесот на создавање ткаенина на разбојот вклучува низа континуирани дејства како што се: формирање зев (подигање и спуштање на ништите), провирање на јатокот низ отворениот зев, постепено затворање на зевот, набивање на јатокот со брдото до линијата на создадената ткаенина, намотување на новосоздадено парче ткаенина ткаенинското кросно и одмотување на основата од основиното кросно за онолку колку што е потрошено за време на процесот на ткаење.[10]

Преплетување на ткаенините

[уреди | уреди извор]
Различни геометриски дезени од Горен Египет, ткаени со техника и на рачни разбои кои не се променети од времето на Стариот Египет

Преплетите ја сочинуваат конструкцијата на ткаенината, т.е. тие го претставуваат начинот на вкрстување на основата и јатокот (нивната меѓусебна положба во ткаенината) и ја одредуваат конструкцијата на ткаениот материјал.[11] Освен тоа, покрај преденото што се користи за основа и јатокот, и преплетите, исто така, влијаат на изгледот и особините на ткаенината.

Преплетувањето се определува според големината на односот (R) на основата или јатокот, што претставува најмал број на различно поврзување на жици на основата на површината (лицето на ткаенината), може да се види кој систем е повеќе застапен, што го дефинира ткаењето како основино (доминантна основа), јаточно (доминантен јатокот) и еднакво (и двата системи се подеднакво застапени).[12]

Различни шеми на преплетување

Покрај оваа поделба, преплетите може да се поделат во пет различни групи, и тоа: основни (платно, кепер и атлас), изведени (рипс, панама, појачан, повеќекратен, скршен, одземен, мрежест, засенчен кепер), комбиниран, жаккар и сложени преплети.

Сите наведени преплетувања се графички прикажани на посебен тн. ткајачка хартија која се одликува со квадратна поделба, каде што вертикалните колони ја претставуваат основата, а хоризонталните колони - јатокот.

Цртањето на преплетите во ткајачката хартија се врши на одреден начин, така што местото каде што основата е на лицето на ткаенината се означува со полно поле или некој знак, додека местото на јатокот, на лицето на ткаенината, останува празна на цртежот.[13]

Различни дезени на ткаенини

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 19.
  2. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 11, 12
  3. https://www.knjizara.com/pdf/135146.pdf
  4. https://www.britishmuseum.org/pdf/BMTRB_5_Higgitt_et_al.pdf
  5. http://www.veljkomilkovic.com/Docs/Veljko_Milkovic_Moguc_izum_veci_od_tocka.pdf
  6. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 26.
  7. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 27.
  8. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 53.
  9. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 31.
  10. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 20.
  11. Samples, Figuratione, 1973 | Images | Objects | Collection of Cooper Hewitt, Smithsonian Design MuseumПредлошка:Ботовски наслов
  12. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 61.
  13. Миланка Николић, Стручна књига Београд ИД – 743621244160 pp. 62.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Уметност и техника ручног ткања Миланка Николић, Стручна књига Београд 1999 ИД – 743621244160
  • Living with Decorative Textiles, Nicholas Barnard, James Merrell, THAMES & HUDSON. 1995.  978-0-500-27821-5.
  • Weaving & spinning / Ručno tkanje (prevod i obrada Margareta Legaš) - Mladost Zagreb 1977. Weaving & spinning / [edited by Yvonne Deutch]. London [etc.] Marshall Cavendish. 1977.  978-0-525-70070-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]