Тениско топче
Тениско топче е топче наменето за тенис, со пречник од околу 6,7 cm (2,7 инчи) и обично има флуоресцентно светла жолто-зелена боја,[1][2] а за рекреативни игри може да биде речиси во сите бои. Тениските топчиња се обложени со мек влакнест филц кој ги определува нивните аеродинамични својства.
Историја
[уреди | уреди извор]Во 1480 година, Луј XI од Франција, забранил тениските топчиња да се полнат со креда, песок, струганици или земја и изјавил дека тие треба да бидат направени од квалитетна кожа и наполнети со волна.[3] Други првобитни тениски топчиња биле направени од страна на шкотските занаетчии од желудник на овца или коза, обвиткан со волна и врзан со јаже. Топчињата пронајдени на дрвениот покрив на Вестминстер Хол за време на неодамнешната реставрација, се смета дека биле изработени од мешавина на стакларски кит и човечка коса и дека датираат од периодот на владеењето на Хенри VIII.[4] Во шкотските замоци се пронајдени примероци кои датираат од XVI век и во кои се употребени материјали како животинско крзно, јаже направено од животински црева и мускули и чамовина. Во XVIII век волнени ленти од ¾ инчи цврсто се намотувале врз јадро направено со намотување на голем број ленти во мало топче. Потоа топчето од сите страни се заврзувало со конец и врз него се шиело бело платно. Тоа објаснува зошто современите тениски топчиња сѐ уште имаат платно (за време на почетоците на тревниот тенис било многу тешко платното да се прилепи цврсто за гумата). Ваков тип топче со платно и јадро од плута сѐ уште се употребува за првобитниот тенис кој денес се нарекува вистински тенис. Со воведувањето на тревниот тенис во седумдесеттите години на XIX век, вулканизираната гума првпат била употребена за производство на топчиња, кои најчесто биле пакувани во туби по четири, а името на марката не било напишано.
Стандардизација
[уреди | уреди извор]Со цел да бидат одобрени за регуларна игра, тениските топчиња мора да задоволат одредени критериуми за големина, тежина, деформација и отскокнување. Меѓународната тениска федерација (ИТФ) одредува официјалниот пречник да биде од 65,41 mm до 68,58 mm (од 2,575 до 2,7 инчи). Тежината на топчињата мора да биде од 56 g до 59,4 g (од 1,975 до 2,095 унци). Единствените бои одобрени од Тениската асоцијација на САД и од Интернационалната тениска федерација се жолта и бела. Најголем дел од произведените топчиња се со флуоресцентна жолта боја која првпат е воведена во 1972 година по истражувањето кое покажало дека топчињата со таа боја се повеќе видливи како за играчите, така и за ТВ преноси.
Тениските топчиња се наполнети со воздух и се обложени со гума прекриена со филц материјал. Филцот е изработен од волна од новозеландски овци. Истиот претставува надворешен слој кој во себе го задржува воздушниот млаз, го намалува воздушниот отпор и го подобрува движењето на топчето.[5][6] Најчесто, покрај името на марката, топчињата имаат и број на нив. Тоа помага една група топчиња да се разликува од друга група топчиња од истата марка на соседните игралишта.[7]
Тениските топчиња ја губат нивната моќ на отскокнување веднаш штом ќе се отвори кутијата на тениското топче и може да се тестираат за да се одреди нивната моќ на отскокнување. Топчето се тестира на тој начин што се пушта да падне на бетон од висина од 100 инчи (2,54 m). Прифатливо е отскокнување помеѓу 53 и 58 инчи (од 1,3462 до 1,4732 m), ако се тестира на просечна надморска височина и температура од 20 °C / 68 °F. Топчињата од голема висина имаат различни одлики кога се тестирани на просечна надморска височина. Современите тениски топчиња пред да почнат да се употребуваат, се чуваат во конзерви под притисок (приближно две атмосфери).
Топчиња без притисок
[уреди | уреди извор]Традиционалните топчиња без притисок најчесто се потврди на допир отколку топчињата со притисок и не отскокнуваат толку високо колку сосема новите топчиња со притисок. Но, за разлика од топчињата со притисок, тие не ја губат моќта на отскокнување со текот на времето. Всушност со оштетувањето на надворешната обвивка тие стануваат полесни и повеќе отскокнуваат. Со оштетувањето на надворешната обвивка се менуваат нивните одлики на движење, отскокнување и вртење, во споредба со општите одлики на тениските топчиња.
Посовремените топчиња без притисок, како што се TreTorn MicroX, имаат најголеми сличности во допирот и играта со топчињата со притисок и траат многу подолго отколку традиционалните тениски топчиња. Топчето TreTorn Series+ е моментално официјално топче на АТП Челинџер серијата.
Пакување
[уреди | уреди извор]До 1925 година, тениските топчиња се завиткувале во хартија и се пакувале во картонски кутии. Во 1925 година компанијата за спортска опрема, Вилсон Вестерн, вовела картонски туби. Во 1926 година компанијата за производство на гума од Пенсилванија, лансирала херметички затворена метална туба со притисок во која имало три топчиња и имала отворач на врвот. На почетоккот на осумдесеттите години на XX век почнале да се употребуваат пластични кутии (од рециклиран полиетилен терефтилат (ПЕТ)), со отворач на врвот и пластично капаче, во кои можеле да се сместат три или четири топчиња. Топчињата без притисок најчесто се пакуваат во мрежи или торби (поради тоа што не мора да бидат затворени под притисок).
Производство
[уреди | уреди извор]Секоја година се произведуваат приближно 300 милиони топчиња и се создава отпад од околу 20.000 тони кој многу тешко биолошки се разложува. Во минатото тениските топчиња не се рециклирале. Луѓето најчесто правеле отвор на топчето и го прицврстувале за ногалките на столчињата во училиштата, во домовите за стари лица, со цел да се заштити подот од стружење и гребење. Топчињата од Вимблдон се рециклираат и се прават живеалишта за загрозениот вид на глушец.[8] Постојат организации како на пример reBounces, кои нудат комерцијални услуги за обновување и рециклирање на тениските топчиња. Мастерсот во Индијан Велс станал партнер со reBounces и FedEx Ground во 2010 година за да соберат 15.000 топчиња од покровителите на турнири во 25 држави на САД и шест други земји.
Побавни топчиња
[уреди | уреди извор]Целта на кампањата „Играј и остани“ на ИТФ е да се зголеми бројот на луѓе кои тренираат тенис насекаде низ светот, преку подобрување на начинот на кој почетниците се запознаваат со играта. Кампањата ја промовира употребата на помали игралишта со побавни црвени, портокалови и жолто-зелени топчиња, најчесто наречени топчиња на Сунѓерот Боб, кои им овозможуваат повеќе време на играчите и им даваат поголема контрола за да можат да сервираат, да разменуваат удари и да освојуваат бодови од првиот тренинг.
Користејќи побавни топчиња, почетниците имаат повеќе време и поголема контрола за да си ја направат поинтересна играта во почетната фаза. ИТФ препорачува црвено, портокалово и зелено напредување за почетниците. Ова напредување се фокусира на избор на побавни топчиња и различни димензии на тениски терени, за да бидат ефективни почетоците и на децата и на возрасните.
Користењето на овие побавни топчиња ќе им помогне на играчите да ја развијат најефикасната техника и да се служат со најразлични тактики за време на натпреварите. Најчесто тоа е тешко да се изведе со користење нормални топчиња на терен со стандардни димензии.
ИТФ препорачува сите играчи (освен исклучителните) кои имаат десет години или помалку, да користат побавно црвено, портокалово или зелено топче за време на тренинзите и натпреварите.
Други намени
[уреди | уреди извор]За други спортови како израелскиот национален спорт сличен на тенис на плажа, спортови во кои се игра со рака наместо со рекет (слични на сквош), ирскиот фудбал (сличен на хокеј), се користи тениско топче. Исто така популарно се користи во Индискиот Потконтинент и во Карипските Острови за крикет заради тоа што добро отскокнува. Во Индија непрофесионалниот крикет се игра со тениски топчиња. Се организираат натпревари за крикет со тениско топче на училишно ниво. Постои варијанта на крикет каде се употребува тениско топче завиткано со електрична лента. Во Канада тениските топчиња се користат за играње хокеј на трева.
Голем број државни средни училишта ги користат старите искористени тениски топчиња како заштитен слој на ногалките од столчињата и клупите. Тоа е одличен начин за да се заштитат подовите од гребење и да се продолжи употребливоста на тениското топче. Тениските топчиња исто така може да се употребат за формирање жонглерски клубови.
Тениските топчиња се користат и како играчки за кучиња. Меѓутоа, материјалот кој го покрива тениското топче може да ги ослабне кучешките заби и поголемите кучиња може да се задават со тениски топчиња.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „U.S. Open Tennis Ball F.A.Q.“.
- ↑ „ITF Tennis - TECHNICAL“. International Tennis Federation. Архивирано од изворникот на 2015-05-12. Посетено на 4 June 2015.
- ↑ Morgan, Roger (1995): Tennis, The Development of The European Ball Game, ISBN 0-9510251-8-X
- ↑ http://www.parliament.uk/about/living-heritage/building/palace/westminsterhall/architecture/the-hammer-beam-roof-/
- ↑ „Golf Balls, Cricket Balls and Tennis Balls“. Princeton University. 5 October 2005. Посетено на 2009-10-20.
- ↑ Dr. Rabi Mehta of NASA-Ames, entitled Aerodynamics of sportsballs, Annual Review of Fluid Mechanics, 17:151–189, 1985.
- ↑ „Colors & Numbers on Tennis Balls“. Epic Tennis Academy. Посетено на 2 September 2015.
- ↑ "New balls, please" for mice homes