[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Фондација (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фондација
Foundation
Корица на португалското издание.
АвторИсак Асимов
ЗемјаСоединети Држави
ЈазикАнглиски
СеријалСеријал Задужбина
ЖанрНаучна фантастика, политичка драма
ИздавачГном прес
Издадена
1951
МедиумПечатена (тврд и мек повез)
Страници255
СледнаЗадужбина и Царство 

„Фондација“ (англиски: Foundation) — трилогија на американскиот писател Исак Асимов од 1951-1953 година. Трилогијата е преведена на сите поголеми јазици и продадена во тираж поголем од 20 милиони примероци, а покрај тоа, ја добила наградата „Хјуго“ за најдобар научнофантастичен серијал на сите времиња.[1]

Фондација (прв дел)

[уреди | уреди извор]

Првиот дел на трилогијата, објавен во 1951 година, се состои од пет дела.

Прв дел. Психоисторичарите

[уреди | уреди извор]

Математичарот Гал Дорник пристигнува на планетата Трантор со цел да му се придружи на познатиот научник Хари Селдон, кој работи на голем научен проект. При разгледувањето на градот, тој запознава еден човек, кој му се претставува како Џерил, а кога пристига во хотелот, таму веќе го чека д-р Селдон кој му кажува дека непознатиот човек всушност е агент на Комисијата за јавна безбедност. Исто така, Селдон му соопштува дека неговите психоисториски истражувања покажуваат дека планетата Трантор ќе биде уништена по три века, како последица на низата економски кризи, граѓански немири и војни. Утредента, Дорник е уапсен, а неговиот адвокат му кажува дека во меѓувреме е уапсен и Селдон. За време на нивното судење пред членовите на Комисијата за безбедност и мала група високи аристократи, Селдон тврди дека Трантор и целото Галактичко Царство ќе пропаднат по што ќе настапи долг мрачен период, исполнет со анархија, војни и намалување на населението. Токму поради тоа, тој го започнал својот проект — подготовка на огромното дело Енциклопедија Галактика која треба да го собере целокупното знаење на човештвото со цел тоа да не пропадне во иднина. Утредента, двајцата имаат уште една средба со Комисијата во која нејзиниот претседател Линге Чен му поставува ултиматум на Селдон: смртна казна или прогонство на далечната, пуста планета Терминус, каде нему и на неговите илјадници соработници ќе им биде овозможено да работат на Енциклопедијата. Селдон прифаќа да замине во прогонство, а потоа му кажува на Дорник дека, всушност, сето тоа го предвидел и дека прогонството е дел од неговиот план.[2]

Втор дел. Енциклопедистите

[уреди | уреди извор]

Педесет години подоцна, Луис Пирен, претседателот на управниот одбор на Фондацијата (кој раководи со работата на Енцикопедијата, но ја има и власта во Терминус), ги средува материјалите за Енцикопедијата чиј прв том треба да биде објавен за пет години. Него го посетува градоначалникот на Терминус, Салвор Хардин, кој го известува дека планетата Анакреон и неколку други планети на периферијата на галаксијата се прогласиле за кралства. Утредента, во градот пристига пратеникот од Анакреон кој бара отворање воена база на Терминус и користење на дел од неговото плодно земјиште. Хардин го користи своето влијание врз весникот и предизвикува масовен протест, па управниот одбор на Фондацијата е принуден да му дозволи да учествува на седниците. Притоа, Хардин бара од управниот одбор да преземе мерки за заштита на Терминус од заканата на Анакреон, чиј крал во меѓувреме им испраќа ултиматум. Хардин е свесен за големата опасност и, соочен со неспособноста на управниот одбор, подготвува државен удар со цел да ја преземе власта на планетата. На денот кога се одбележува 50-годишнината од почетокот на работата на Енциклопедијата, управниот одбор ја открива гробницата на Хари Селдон. Во таа прилика, пред членовите на управниот одбор се појавува снимка на Селдон, кој им соопштува дека идејата за Енциклопедијата била само вешта измама со која ја прикрил својата вистинска намера: предвидувајќи ги стагнирањето на галактичката цивилизација, неизбежното пропаѓање на Царството и настапувањето на периодот на варварството, тој го смислил планот за испраќање на определен број луѓе на некоја далечна планета, кои подоцна ќе бидат зародиш на Второто галактичко царство. Тој им укажува на присутните членови на одборот дека работата на Енциклопедијата не е воопшто важна, туку дека треба да почнат да дејствуваат самостојно, подготвувајќи се за иднината. Тогаш, управниот одбор ја признава својата грешка, а кај Хардин се заврстува решеноста да направи нешто за одбраната на Терминус.[3]

Трет дел. Градоначалниците

[уреди | уреди извор]

Триесет години по државниот удар, градоначалникот Хардин ја има целата власт во Терминус. Кај него доаѓа делегација од неколку члена на Градскиот совет, предводена од Сеф Сермак, која бара оставка од него, незадоволна од попустливата надворешна политика. Имено, кога на Терминус пристигнала војската на Анакреон, Хардин се здружил со трите останати кралства од галактичката периферија по што војската се повлекла. Потоа, Хардин одржувал пријателски односи со четирите кралства, споделувајќи ги со нив научните знаења на Терминус и така обезбедил траен мир. За таа цел, тој основал научна религија која, исто така, му овозможила да се одбрани од околните кралства. На Терминус пристигнува првосвештеникот Поли Верисов, кој истовремено ја извршува функцијата на амбасадор на Терминус во кралството Анакреон, со вести дека Анакреон подготвува напад врз Терминус, барајќи од Хардин да преземе мерки за одбрана. Хардин го одбива неговото барање, водејќи се од планот на Селдон за идниот развој на настаните во Галактичкото царство. Во истото време, на планетата Анакреон, намесникот Винис го убедува својот внук, малолетниот крал Леполд I, да се подготви за војна против Терминус. Луис Борт, еден од припадниците на опозиционата партија на Терминус, се враќа дома по посетата на Анакреон и го известува Сермак за силното дејство на религијата врз населението на Анакреон. Во градскиот совет, Сермак бара оставка од Хардин, но неговиот предлог не добива мнозинство од гласовите. Тогаш, Хардин заминува на Анакреон за да присуствува на крунисувањето на Леполд I. Таму, тој е заробен од Винис, кој му соопштува дека воената флота на Анакреон веќе се упатила кон Терминус. Меѓутоа, Хардин веќе го предвидел тоа и точно на полноќ, свештенството ја прекинува електричната енергија на планетата и така ја прекинува церемонијата на крунисувањето. Истовремено, населението, предводено од првосвештеникот Верисов, ја опколува кралската палата и бара да биде ослободен Хардин и да запре војната против Фондацијата. За тоа време, свештеникот Апорат го проколнува главниот брод во состав на анакреонската флота со кој управува синот на Винис, а тогаш, свештенството од Анакреон со далечинска врска го умртвува бродот. Војниците му се потчинуваат на Апорат, кој го принудува заповедникот на бродот да нареди целата флота да се врати назад на Анакреон и така пропаѓа нападот на Терминус. Очаен од пресвртот, Винис се убива, а Леполд I е принуден да потпише спогодба со Терминус. Набргу, Хардин потпишува спогодби за ненапаѓање и со трите други кралства и така го обезбедува мирот на Терминус, со што се зголемува неговата политичка популарност. На 80-годишнината, повторно се отвора гробнивата и повторно се појавува снимката на Селдон, кој им се обраќа на присутните со пофалба за успешно надминатата криза, но им наговестува и други предизвици во иднина.[4]

Четврти дел. Трговците

[уреди | уреди извор]

Трговецот Лимар Поњец добива известување дека неговиот пријател, трговецот Ескел Горов, кој истовремено е таен агент на Фондацијата, е притворен на планетата Аскони, каде го очекува смртна казна зашто се обидел да тргува. Поњец веднаш заминува за Аскони и му дава злато на владетелот како откуп за Горов, а истовремено на големецот Ферл тајно му продава машина за претворање на железото во злато. Така, Горов е ослободен, а Поњец, служејќи се со уцена и измама, склучува многу поволен трговски договор со Ферл.[5]

Петти дел. Владетелите-трговци

[уреди | уреди извор]

Седумдесет и пет години подоцна, Џорејн Сут, секретарот на градоначалникот на Терминус, го испраќа трговецот Хобер Малоу на тајна задача на Корелиската Република за да ја открие причината за исчезнувањето на три трговски брода на таа планета. Веднаш потоа, Сут одржува состанок со секретарот за надворешна политика, Публис Манлио на којшто разговараат за престојната криза на Терминус. Истовремено, Малоу одржува состанок со Хаим Твер, водачот на една политичка партија, кого го убедува да му се придружи на патувањето во Корелиската Република. Неколку дена подоцна, кога вселенскиот брод на Малоу пристига на својата цел, во бродот доаѓа еден свештеник, а набргу бродот го опколува војската на Корелиската Република, барајќи од Малоу да им го предаде свештеникот. Наспроти негодувањето на Твер и офицерите, Малоу го предава свештеникот и тогаш, по седумдневно чекање, веднаш добива покана за средба со владетелот на Републиката, Аспер. На состанокот со него, Малоу му нуди голема заработка, ако дозволи слободна трговија меѓу Републиката и Фондацијата. Вечерта, Аспер ги гани Малоу и неговиот екипаж на голема гозба во својата палата. Утредента, пак, Малоу и Твер посетуваат една челичарница при што, за време на претставувањето на машината за обработка на челик, Малоу забележува дека Корелиската Република поседува нуклеарно оружје, грабнато од вселенските бродови на Галактичкото Царство. По заминувањето од Корелиската Република, Малоу го напушта својот вселенски брод, оставајќи извештај за Фондацијата, и сам се упатува на планетата Сивена. Таму, тој случајно го среќава Онум Бар, поранешен угледен човек а сега само осамен, напуштен старец, кој го известува за бурната историја на Сивена, исполнета со немири и војни, како и за деспотскито режим на планетата. Откако Бар му го дава својот пасош, Малоу се упатува во најблискиот град, каде разгледува една нуклеарна централа. Шест месеци подоцна, Малоу, кој во меѓувреме станува многу богат, сака да биде избран за градоначалник и бара помош од поранешниот министер Анкор Џел. За да се ослободи од него, Сут го обвинува за смртта на свештеникот во Корелиската Република, но на јавното судење Малоу успешно се одбранува, докажувајќи дека лажниот свештеник бил припадник на тајната служба на Корелиската Република. Така, Малоу стекнува голема популарност на Терминус. Некоја година подоцна, Аспер одлучува да ја нападне Фондацијата и уништува неколку нејзини вселенски бродови. Во тоа време, Малоу е веќе градоначалник на Терминус, а Сут е водач на опозициската Религиозна партија. Сут бара остра акција против Корелиската Република, додека Малоу се залага за трпеливост и употреба на трговијата како средство за контрола на другите планети, сметајќи дека прекинот на трговијата со Корелиската Република ќе предизвика голема економска криза и незадоволство на населението, а со тоа и крај на војната. Бидејќи Сут не сака да соработува, Малоу наредува тој да биде затворен. По тригодишно војување, економски исцрпената Корелиска Република се предава, а благодарение на успехот, Малоу стекнува огромна популарност на Терминус, како владетел кој ја решил кризата, станувајќи великан рамен на Хари Селдон и Славор Хардин.[6]

  1. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017.
  2. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017, стр. 7-46.
  3. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017, стр. 47-90.
  4. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017, стр. 91-154.
  5. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017, стр. 155-181.
  6. Isak Asimov, Zadužbina. Beograd: Čarobna knjiga, 2017, стр. 182-266.