Кривци
- За егејското село видете Кривци (Гребенско).
Кривци | |
Поглед на Кривци | |
Координати 41°32′38″N 20°31′38″E / 41.54389° СГШ; 20.52722° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Дебар |
Област | Горен Дебар |
Население | 3 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1250 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08001 |
Надм. вис. | 760 м |
Кривци на општинската карта Атарот на Кривци во рамките на општината | |
Кривци на Ризницата |
Кривци — село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Бранислав Русиќ во својата книга „Дебарско Поле“ забележал дека мештаните и соседните Македонци селото го нарекувале Кривци, додека самите Албанци го нарекувале Кривца. Во Слепчанскиот поменик, издаден во периодот 1544 и 1548 година, се наведува како Кривчин, додека во преписот на истиот поменик од страна на Бигорскиот манастир во 1863 година двапати се наведува како Кривци. Под ова име се наведува и во сите понови записи. Најстариот Македонец во селото наведува дека името на селото доаѓа затоа што „сме биле криви“, односно од коренот крив.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Дебар, недалеку од самиот град Дебар, на оддалеченост од само 2,5 километри и припаѓа на неговата рурбална зона.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 760 метри.[3] Селото се наоѓа на падините на Дешат.
Кривци има заеднички селски атар со соседното село Хаме. Се смета дека за време на отоманскиот период, овој атар припаѓал на самиот град Дебар, односно на неговото Бајрамбег-Маало. Селото се наоѓа помеѓу земјиштето на Хаме на север, Горно Косоврасти на исток, Татар Елевци на југоисток и градот Дебар на југ.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Шпела, Кошариште, Грмадиште, Песок, Чифлиг, Оградја Љаљит, Свети Никола, Забели Унџас, Туле Ѓериз, Студенец, Ливад Корчас, Ливад Чаушит, Драга, Рудина, Мала Штирна, Ливади Пишас, Вирои, Крљушка, Кокошка, Зоговец, Гуриште, Ара Шабан-Темлит, Равша, Фириште, Уљулпца, Параспор, Черешна, Мечка, Оградја или Ограда, Куковци, Странца, Стара Леска, Слива, Туни Вода и Ливад Цукас.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1202.
Земјата околу Кривци е темен варовник со наизменички шкрилци, а самата почва е растресита. Има повеќе плодна црница отколку црвеница.[2]
Северно од селото тече потокот Алакат, а јужно од него Зоговец. Понекогаш, потоците ги поплавуваат некои ниви под селото. Во минатото, вода за пиење селаните добивале од три чешми: Насуфаговске или Оломановске, Чешме Маде (Голема Чешма) и Калуѓерица (на некој стар манастир).[2]
Селото се наоѓа на осојна страна, а куќите се свртени кон запад и кон југ. Дел од куќите се издвоени од целината на селото, што се случило поради Балканските војни, кога многу од куќите биле срушени. Куќите најчесто се од камен, а само некои од порамно и пониско тло имаат на горниот кат чатма.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Кривци е населено уште од средниот век, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[4]
Во 1906 година, при борби на локалните Албанци со отоманската војска, селската џамија била разрушена.[5]
Голем дел од куќите во селото биле срушени за време на Балканските војни. Дотогаш во селото имало околу 70 куќи, од кои 12 биле македонски.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е заеднички со соседното село Хаме и зафаќа простор од 6,9 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 293 хектари, на шумите отпаѓаат 240 хектари, а на пасиштата 72 хектари.[3]
Во основа, може да се каже дека селото има полјоделска функција.[3]
Мештаните се занимавале со кираџиство („превоз на луѓе и стока“), како и со работеле надвор од селото за надници.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 60 домаќинства со 104 жители христијани (Македонци) и 95 жители муслимани (Македонци).[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кривци живееле 330 жители, од кои 250 Албанци и 80 Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кривци имало 46 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Албанци.[9]
Кривци е мало село, коешто во 1961 година имало 110 жители, а во 1994 година 54 жители, албанско население.[3]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Кривци, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Кривци живееле 9 жители, сите Албанци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Албанци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 330 | 46 | 110 | 119 | 110 | 100 | 42 | 8 | 54[б 2] | 9 | 3 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Кривци е албанско село, во кое порано имало и Македонци.[2]
Според истражувањата од 1954 година, родови во селото биле:
- Албански родови:
- Староседелци: Караметовци (2 к.), Абдушовци (1 к.) и Сеферовци (1 к.).
- Доселеници: Села (6 к.), доселени се околу 1832 година од селото Паламат во Лузнија, Албанија, на левата страна на Црн Дрим; Баша или Џило (1 к.), доселени се околу 1865 година од селото Душиште кај Пешкопеја во Албанија; Рустановци (1 к.), доселени се кога и претходниот род од некогашното село Варварица близу селото Баниште; Дардеш или Бегунец (1 к.), доселени се околу 1908 година од селото Бегунец близу Пешкопеја во Албанија. Подалечно потекло имаат од местото Дарда на Дрим; Лаловци (1 к.), доселени се од селото Селиште кај реката Мура на Црн Дрим во Албанија. Се доселиле околу 1920 година; Казијовци или Казиу (1 к.), доселени се од истото место како и Лаловци и Велијовци (1 к.), доселени се од селото Хаме во 1925 година.
- Македонски родови:
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од ова село и православното и муслиманското население се селело.[2]
Од православното население иселеници има во Скопје и Бугарија, највеќе во Софија. Потекнуваат од родот Крстевци или Новковци. Во Бугарија целосно се иселил родот Кукевци.
Од муслиманите иселеници има во Дебар (Стурцовци, 2 к.; Јусуфаговци, 5 к.; Крљуковци, 2 к. и Насуфаговци, 6 к.), Тирана (Стурцовци, 2 к.; Јусуфаговци, 1 к.; Крљуковци, 3 к. и Насуфаговци, 2 к.), Истанбул, Анкара, и во други места во Албанија и Турција (разни родови).
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Кривци било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Дебарска градска општина, во која влегувал градот Дебар и селата Баниште, Бомово, Елевци, Коњари, Кривци, Рајчица, Селокуќи, Спас и Хаме. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната Општина Баниште, во која влегувале селата Баниште, Кривци и Хаме.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0550 според Државната изборна комисија, сместено во простории на поранешната касарна во Дебар. Во ова избирачко место се опфатени и селата Баниште и Хаме.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 301 гласач.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 306 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[4]
- Алакати — средновековна некропола;
- Ограѓе — некропола од римско време и средновековна црква; и
- Опре — средновековна некропола.
- Џамии[18]
- Џамија — селска џамија
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Русиќ, Бранислав (1954). Дебарско Поле. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 159–161.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 164.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 121. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Дебар, година ІІ, број 20, 16 декември 1906, стр. 1.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 249.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 152-153.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 јануари 2023.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 6 јануари 2023.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2023-01-01. Посетено на 1 јануари 2023.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.
- ↑ Податоците за вкупното население во Пописот од 1994 година за населените места: Баниште, Горно Косоврасти, Дебар, Кривци, Отишани, Оџовци, Селокуќи, Спас, Хаме и Џепиште претставуваат збир на фактички попишаното и проценетото население.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|