[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Глобализација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ресторан Мекдоналдс во Фрајбург, Германија

Глобализација е поим кој се користи за да ги опише промените во општествата и светската економија како резултат на драматично зголемената трговија и културна размена. Во конкретен економски контекст, таа се однесува речиси исклучиво на ефектите на трговската либерализација, односно на слободната трговија. Помеѓу 1910 и 1950, по серија на политички и економски проблеми и колапси, значењето и интензитетот на трговската размена биле сведени на минимум. По Втората светска војна, светската економија зајакнала и драматично се зголемила, сето тоа со помош на меѓународните економски институции и програми.

Значење на поимот „глобализација“

[уреди | уреди извор]

„Глобализацијата“ може да означува неколку процеси:

Формирање на едно глобално село — поблизок контакт помеѓу различните делови на светот со растечки можности за лична размена, меѓусебно разбирање и пријателство помеѓу „светските граѓани“ и создавање на глобална цивилизација. Светската банка ја дефинира глобализацијата како „слобода на поединците и компаниите да иницираат доброволни економски трансакции со државјани на други држави“.

Економска глобализација — слободна трговија и растечки односи помеѓу членовите на една индустрија во различни делови на светот (глобализација на индустријата) со кореспондирачка ерозија на националниот суверенитет во економската сфера. Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) ја дефинира глобализацијата како „растечка економска меѓузависност на држави ширум светот преку зголемен број и начини на прекугранична транскација на стоки и служби, послободен меѓународен економски проток и побрза и поширока дифузија на технологијата“ - (од ММФ, Поглед на светската економија, мај 1997).

Негативните ефекти на т.н. „за профитмултинационални корпорации — употребата на супстанцијални, легални и финансиски средства за да се заобиколат локалните закони и стандарди со цел да се контролира трудот и услугите на нееднакво развиените региони меѓу себе.

Ширењето на капитализмот од развиените земји до земјите во развој.

Глобализацијата дели голем број на одлики со интернационализацијата и се користи без никаква разлика во контекстот, меѓутоа некои претпочитаат да го користат зборот глобализација со цел да ја нагласат ерозијата на националната држава или националните граници. А глобализмот пак, доколку го сведеме само на економски аспект, е во контраст со економскиот национализам и протекционизмот. Поврзан е со капитализмот и неолиберализмот.

Глобализацијата е повеќедимензионален и комплексен процес, кој денес има значајна големина и се манифестира преку различни форми на интернационализација на производството, странските директни инвестици, мултинационалните корпорации, трансферот на технологија, движењето на капитал, миграциските текови, зголемената конкуренција помеѓу инвеститорите и поврзување на пазарите.[1] Глобализирањето на економските активности се однесува на сѐ поголемата меѓузависност на националните економии во делот на транснационалното движење на производи, услуги, нови технологии и финансиски средства. Економската глобализација вклучува глобални производствени активности, конкурентост на глобално ниво, глобална технолошка размена и продажба. Како катализатори за интеграцијата треба се странските директни инвестиции кои со посредство на мултинационалните компании од развиените земји се трансферираат во помалку развиените.[2]

Историја на глобализацијата

[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа што зборот има и техничко и политичко значење, различни групи имаат различни погледи кон историјата на глобализацијата. Во најчеста употреба, како во економијата така и во политичката економија е историјата на растечка трговија помеѓу нациите втемелена врз основните институции кои им дозволуваат на поединците и на компаниите во различни држави да разменуваат стоки со минимални пречки.

Поимот „либерализација” стана збор кој ја означува комбинацијата на капиталистичката економска теорија и отстранувањето на трговските бариери. Ова доведе до зголемена специјализација на нациите за извезување на стоки, и притисоци да се отстранат протективните царински давачки и други трговски бариери. Периодот на златниот стандард и либерализацијата во 19 век често се нарекува „Прва ера на глобализацијата”. Според многумина како што растела индустријализацијата, така сè повеќе се развивала „Првата ера на глобализацијата”. Златниот стандард се појавил во неколку земји помеѓу 1850 и 1880, меѓутоа која земја кога се наоѓала во вистински златен стандард е прашање за дебата. „Првата ера на глобализацијата” се смета дека се распаднала во повеќе стадиуми започнувајќи со Првата светска војна, а колабирала целосно со кризата на златниот стандард од доцните 20-ти и раните 30-ти години.

Глобализацијата во ерата по Втората светска војна е управувана од многу кругови на преговори за светската трговија, примарно под правилата на Општата спогодба за трговија и царини, кој доведе до серија на договори за отстранување на рестрикциите на „слободната трговија”. Најважен круг на преговори е Уругвајскиот, која доведе до формирањето на Светската трговска организација (СТО) со цел да посредува при евентуални меѓународни спорови. Други билатерални трговски спогодби се Мастришкиот договор и Северно Американската спогодба за слободна трговија кои се потпишани со цел да се намалат царините и бариерите во трговијата.

Знаци на глобализацијата

[уреди | уреди извор]

Глобализацијата сè повеќе се идентификува со број на трендови, од кој најголемиот број се развиле по Втората светска војна. Овие трендови вклучуваат поголемо меѓународно движење на стоки, пари, информации и луѓе и развојот на технологијата, организациите, легалните системи и на инфраструктурите потребни за сето тоа движење: (Постоењето на некои од овие трендови е дискутабилно)

• Пораст на меѓународната трговија со поголемо темпо отколку порастот на светската економија.

• Пораст во меѓународниот проток на капитал вклучувајќи и странски директни инвестиции.

• Поголем прекуграничен проток на податоци, преку користење на технологии како Интернет, комуникациски сателити и телефони.

• Притисокот на многу правни лица за Меѓународен кривичен суд и меѓународни движења за правда.

• Поголема културна размена, на пример преку извозот на филмови од Холивуд (САД) и Боливуд (Индија).

• Некои сметаат дека и тероризмот потпаднал под влијание на глобализација. Терористички напади се забележани низ целиот свет.

• Ширење на мултикултурализам и подобар пристап до културна разновидност, додека од друга страна се намалува културната разновидност преку асимилација, хибридизација, американизација, и вестернизација на културите.

• Ерозија на националниот суверенитет и националните граници преку меѓународни спогодби кои доведуваат до формирање на разни организации (ОПЕК, СТО).

• Пораст на меѓународниот туризам и патување.

• Поголема имиграција, вклучувајќи и илегална имиграција.

• Развој на глобална телекомуникациска инфраструктура.

• Развој на глобални финансиски системи.

• Пораст на делот од светската економија под контрола на мултинационалните корпорации.

• Зголемена улога на меѓународните организации како СТО, СОИИ, ММФ кои се занимаваат со меѓународни трансакции.

• Пораст во бројот на меѓународни стандарди кои се глобално прифатени: на пример - авторски права.

Бариерите на меѓународната трговија се значително намалени по Втората светска војна преку спогодби како глобалниот договор за трговија и тарифи. Еве некои посебни иницијативи како резултат на потпишаниот Општ Договор за Трговија и Царини (ГАТТ) и на СТО, за кои ГАТТ е основа:

• Промоција на слободната трговија:

° На стоки: редукција или елиминација на царини конструкција на слободни трговски зони без или со сосема мали тарифи на давачки.

° На капитал: редукција или елиминација на контрола на капитал.

° Редукција, елиминација или хармонизација на грантови за локални бизниси.

• Рестрикции на интелектуалната сопственост:

° Интернационална хармонизација на законите за интелектуалната сопственост (со повеќе рестрикции).

° Супранационално признавање на рестрикции на интелектуалната сопственост (на пример, патентирани производи од Кина би биле признаени во САД).

Глобализацијата во економијата

[уреди | уреди извор]

Економска глобализација

[уреди | уреди извор]

Во економијата, поимот глобализација го означува меѓународното (прекуграничното) движење на стоките, услугите, капиталот и трудот:[3]

  • стоките - движењето на стоките од една во друга земја се нарекува меѓународна трговија и, веројатно, тоа е првиот и најзначајниот елемент на глобализацијата.
  • услугите - голем дел од услугите, на пример туризмот и консултантските услуги, се извршува надвор од границите на една земја.
  • трудот - луѓето една земја одат да работат во други земји.
  • капитал - инвеститорите од една земја купуваат реални и финансиски средства во други земји.

Иако, поимот „глобализација“ е од поново време, нејзините елементи се присутни одамна. Според некои автори, првата ера на глобализацијата се случила во 19 век, но сепак, глобализацијата зела најголем замав во 20 и 21 век, како последица на неколку социоекономски и технолошки фактори:[4]

  • крајот на Втората светска војна предизвикал повеќе економски и политички промени, како: поголемото мешање на САД во европските и светските настани, почетоците на мултилатерланата тгровска соработка меѓу земјите во рамките на ГАТТ, подемот на мултинационалните корпорации, итн.
  • трговските спогодби имаат големо значење за порастот на меѓународната трговија, почнувајќи од мултилатералните трговски спогодби во рамките на ГАТТ и СТО до регионалните спогодби за слободна трговија, како: НАФТА, АСЕАН, ЕЕЗ итн. Како резултат на спогодбите за слободна трговија, вкупната светска трговија забележала просечен годишен раст од 15 % во последните 50 години.
  • распадот на социјалистичкиот систем го забрзал процесот на глобализација зашто политичките и економските слободи во поранешните социјалистички земји предизвикале поголема економска соработка со странство.
  • подемот на Азија, исто така, предизвикал пораст на економската соработка во светот; Во 1970-тите, Јапонија била првата азиска земја која станала една од водечките земји во меѓународната трговија и во глобалите финансиски текови, а потоа следеле другите азиски економии (Јужна Кореја, Сингапур, Хонгконг), додека во поново време Кина се наметнува како најголем светски извозник и увозник.
  • телекомуникациската револуција овозможила полесно надминување на државните граници во трговијата (електронската трговија), но особено во извршувањето на услугите и во финансиските текови; на пример, благодарение на телекомуникациската технологија, инвеститорите од една земја можат лесно да тргуваат на берзите во другите земји.

Финансиска глобализација

[уреди | уреди извор]

Во 1995 година, глобалните текови на капиталот изнесувале 1,4 трилиони американски долари, во 2000 година изнесувале од 3,8 трилиони долари, а во 2007 година достигнале 12,4 трилиони американски долари, што претставувало највисоко регистрирано ниво на меѓународните текови на капиталот. Потоа, како последица на Светската финансиска криза, во 2010 година, глобалните текови на капиталот паднале на нивото од 6,4 трилиони долари, а во 2016 година изнесувале 4,3 трилиони долари. Притоа, во периодот 1990-2000, глобалните текови на капиталот изнесувале 5,3% од светскиот БДП, а во периодот 20001-2010 нивното ниво скокнало на 11,5% од светскиот БДП. Притоа, некои економисти, како Хелен Реј, Кармен Рајнхарт и Морис Обстфелд сметаат дека постои „глобален финансиски циклус“, т.е. тековите на капиталот, кредитниот растеж и цените на хартиите од вредност се движат заедно во иста насока во голем број земји. Овие циклуси често се мерат со помош на одредени показатели, од кои најчесто користени се индексите VIX и VXO.[5]

Антиглобализација

[уреди | уреди извор]

Различни аспекти од глобализацијата се сметаат за штетни од страна на активистите за јавниот интерес како и за националистите од моќните држави. Ова движење нема унифицирано име. „Антиглобализација“ е терминот кој се претпочита во медиумите. Самите активисти сметаат дека ова име е бесмислено и безначајно, со оглед на тоа што целта на ова движење е да се глобализира правдата. Впрочем „глобално движење за правда“ е исто така распространето име. Многу активисти се обединети под слоганот: „Друг свет е можен“.

Има широк спектар на различни видови на антиглобализација. Воглавно, критичарите тврдат дека резултатите на глобализацијата не се она што се предвидувало да бидат кога започнале обидите за слободна трговија, и дека многу институции вклучени во системот на глобализација не ги земаат предвид интересите на посиромашните нации и на работничката класа.

Економските аргументи од страна на теоретичарите на слободната трговија тврдат дека неограничената слободна трговија ги бенефицира оние со поголема финансиска моќ, односно богатите на сметка на сиромашните.

Многу „антиглобализациски“ активисти гледаат на глобализацијата како промоција на корпоративната агенда, чија намера е ограничување на слободата на поединците во име на профитот. Тие исто така тврдат дека растечката автономија и силата на корпорациските ентитети сè повеќе ги обликуваат политиките на националните држави.

Некои „антиглобализациски“ групи тврдат дека глобализацијата е империјалистички проект и дека таа е една од главните причини за Ирачката војна и дека поради глобализацијата, мнозинството на финансии се влеваат во државната каса на САД наместо во државните каси на сиромашните држави во развој.

Протестите од страна на глобалните движења за правда принудија средбите на високо ниво да се одржуваат надвор од големите градови каде што вообичаено се одржуваа односно да се преместат во далечни локации каде што протестирањето е непрактично.

Некои „антиглобализациски“ активисти сметаат дека моменталната „глобализација“ ги глобализира парите и корпорациите, и во исто време одбива да ги глобализира луѓето и синдикатите. Ова може да се види од недостигот на работнички права во многу држави, како и од стриктните имиграциски контроли во целиот свет во развој.

Проглобализација (глобализам)

[уреди | уреди извор]

Поддржувачите на демократската глобализација можат да се наречат проглобалисти. Тие сметаат дека првата фаза на глобализацијата која беше пазарно ориентирана, треба да биде завршена со фаза на градење на глобални политички институции кои ја претставуваат волјата на „светскиот граѓанин“. Разликата со другите глобалисти е тоа што тие не дефинираат однапред една идеологија која ќе ја ориентира оваа волја, туку треба да биде оставена на слободниот избор на граѓаните преку демократски процес.

Поддржувачите на слободната трговија посочуваат кон тоа дека слободната трговија води до поефикасно распределување на ресурсите, со вклучување на сите земји во трговските бенефициии. Воглавно тие тврдат дека ова доведува до пониски цени, повеќе вработувања и поголемо производство.

Либертаријанците и другите промотери на капитализмот сметаат дека повисоки нивоа на политичка и економска слобода во форма на демократија и капитализам во развиениот свет доведуваат до повисоки нивоа на материјално богатство. Тие ја гледаат глобализацијата како бенефиција на демократијата и капитализмот.

Критичарите сметаат дека антиглобализациските движења користат недокажани аргументи за да го поддржат нивниот поглед и дека напротив светските одлики силно ја поддржуваат глобализацијата. Еден ефект на глобализацијата е што бројот на луѓе од земјите во развој кои живеат со помалку од 1$ дневно се преполовил. Други ефекти: просечната должина на животот во земјите во развој по Втората светска војна скоро се зголемил двојно, и почнува да се ближи кон бројката на развиениот свет, каде напредокот е значително помал. Детската смртност е намалена во речиси секој регион на светот. Нееднаквоста на приходите во светот како целина речиси исчезнува.

Многу прокапиталисти се критичари и на Светската банка и на ММФ, сметајќи дека тие се корумпирани бирократи контролирани и финансирани од држави наместо од корпорации. Многу заеми биле дадени на диктатори кои никогаш не ги извршиле ветените реформи туку ги оставиле обичните луѓе да платат за долговите подоцна. Затоа тие гледаат малку капитализам во глобализацијата. Исто така тие сметаат дека дел од одбивноста кон глобализацијата доаѓа од специјалните определени групи од Западот со конфликтни афинитети и интереси.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. Donciu, E., (2013), ‘’Globalization and Foreign Direct Investments’’ , CES Working Papers, Vol. 5, Issue 2, pp. 177-186.
  2. Donciu, E., (2013), ‘’Globalization and Foreign Direct Investments’’ , CES Working Papers, Vol. 5, Issue 2, pp. 326.
  3. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 2.
  4. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 2-5.
  5. Александар Стојков, „Финансиски трендови“, Економија и бизнис, година 20, број 234/235, декември 2017/јануари 2018, 39-41.