[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Васко Попа

Од Википедија — слободната енциклопедија

Васко Попа (Гребенац, 29 јуни 1922Белград, 5 јануари 1991) бил српски поет.

Васко Попа

Животопис

[уреди | уреди извор]
Спомен-плоча на зградата во Белград во која живеел Васко Попа

Васко Попа е роден во селото Гребенац, во близината на Бела Црква, Банат, во 1922 година. Од 1927 до 1940 година, учел основно училиште и гиманзија во Вршац. Студирал француска, германска и југословенска книжевност, со прекини во периодот 1940-1949 година, и тоа на повеќе места: Белград, Букурешт и Виена. Во 1949 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Во 1955 година, кога се појавило списанието „Дело“, Попа бил еден од неговите уредници. Истата година, првпат го посетил Париз, а подоцна повеќе пати патувал во Париз, низ Средна Европа и во словенските земји. Во 1958 година ги посетил Грција и манастирот Хиландар.[1][2]

Творештво

[уреди | уреди извор]
Васко Попа, „Непочин-поље“. Београд: Просвета, 1963.

Попа настапил на југословенската поетска сцена во 1951 година, кога ги објавил своите први песни во „Књижевне новине“ и во весникот „Борба“. Истата година, во списанието „Младост“ бил објавен неговиот прв циклус песни „Список“ (српски: Списак), кој веднаш го привлекол вниманието на книжевната јавност. Неговата прва збирка песни, со наслов „Кора“, излегла во 1953 година, во издание на „Нопок“ од Белград (второто издание го објавила издавачката куќа „Нолит“ во 1956 година) и следната година за неа ја добил Бранковата награда. Во неа, тој го прикажал човекот во близок однос со космосот, прикажувајќи ја љубовта како животворна сила и творечки принцип на светот. Оваа збирка била пречекана со бурни реакции кои се движеле од воодушевување до остра критика. Во 1956 година се појавила неговата втора збирка „Непочин-поле“ (српски: Непочин-поље), во издание на „Матица српска“ од Нови Сад за која ја освоил Змајевата награда. Таа е посветена на разните видови игри, својствени за човекот како биолошко и општествено суштество. Во неа, Попа прикажува доследни слики на „алогизмот на обичното“ при што го поместува значењето на разни идиоми поврзани со игрите и со голема доза на хумор во поетскиот јазик, тој отвора нови митски претстави и слики. Истата година се појавила „Антологијата на српската поезија“ на Зоран Мишиќ во која поезијата на Попа зазела истакнато место. Во 1958 година ја составил збирката со народни умотворби „Од злато јаболко“ (српски: Од злата јабука), издание на „Нолит“ од Белград. Една година подоцна, поезијата на Попа првпат била преведена на странски јазик: книгата „Rens-moi mes chiffons“, преведена на француски јазик од Зоран Мишиќ и Ален Боске. Оттогаш, неговите дела биле преведени на повеќе јазици: полски, унгарски, германски, словачки, чешки, романски, словенечки, итн. Во 1960 година, Попа се јавил како приредувач на зборникот на поетски хумор, „Уребесник“ (издание на „Нолит“), а во 1962 година и на зборникот со поетски фантазии, „Полноќно сонце“ (српски: Поноћно сунце). Истата година, Попа го подготвил изборот на песни на Момчило Настасијевиќ со наслов „Седум лирски кругови“ (српски: Седам лирских кругова). Во 1965 година се појавила збирката „Песни“, која претставува избор од неговите први две збирки, дополнета со новите песни од книгата „Земја исправена простум“ (српски: Усправна земља) која тогаш сè уште се наоѓала во подготовка. Збирката „Споредно небо“ од 1968 година е посветена на шегата која го опфаќа целиот свет при што во седумте циклуси Попа со голема доза на хумор пее за разни теми: настанувањето на светот, условите на човечкото постоење, неговиот однос кон тие услови, обидите на луѓето да пронајдат спасител и спасувањето. Во збирките „Исправена земја“ од 1972 и „Волчја сол“ (српски: Вучја со) од 1975 година, Попа се потпира врз српската претхристијанска традиција. Во 1975 година, Попа ја објавил и збирката „Куќа на средината од патот“ (српски: Кућа насред друма), која била создавана речиси четврт век. Во неа, митската симболика, карактеристична за претходните две збирки, се вкрстува со историското при што историските настани се прикажуваат во контекст на митот и добиваат митска димензија. Во збирката „Живо месо“, исто така од 1975 година, Попа за првпат проговорил со гласот на своето идентификувано „Јас“. Оваа збирка е метафора од овој груб, суров материјал од којшто се создава модерната поезија: емпириското „Јас“ на поетот, секојдневниот говор, кокнретните личности и настаните од стварноста. Неговите поетски збирки се објавени на француски, на полски и на германски јазик.[1][3][4]

Врз основа на стиховите на Попа се компонирани неколку музички дела: 13 кроки за 13 изведувачи со наслов „Список“ (српски: Списак), дело на Душан Радиќ од 1952 година; истиот композитор во 1955 година го компонирал мелодрамот за рецитатор и за клавир, „Предели“; една година подоцна, Радиќ ги компонирал песните за женски хор и два клавира „Опседната ведрина“ (српски: Опседнута ведрина); а во 1957 година и кантатата „Ќеле-Кула“ (српски: Ћеле-Кула); додека во 1958 година, Милко Келемен го компонирал циклусот за баритон и гудачи, „Игри“ (српски: Игре).[5]

Поетските циклуси на Попа

[уреди | уреди извор]

Една од основните обележја на поезијата на Попа е приврзаноста кон поетските циклуси. Цикличната организација на неговите песни претставува крупен чекор кон остварувањето на големите облици, но без враќање кон класицистичките сфаќања. Неговите поетски циклуси не се само збирови на песни со заеднички наслови, туку неговата поезија го има предвид цикличниот план уште од самиот зачеток. Со помош на поетските циклуси, тој успева органски да ја надрасте индивидуалноста на одделните песни, а карактерот на секоја песна е условен од присуството на песната пред и по неа. Така, уште за време на пишувањето, песната станува дел од целината.[6]

Наклонетоста на Попа кон поетските циклуси се забележуав уште во неговата прва збирка „Кора“, која содржи четири циклуси песни. Од нив, особено се истакнува циклусот „Список“ (српски: Списак), кој ги открива основните точки во развојот на творештвото на Попа, сите негови формални и содржински одлики и кој долго време бил синоним на неговата поезија. Циклусот наликува на наивна детска сликовница посветена на домашните животни, растенијата и секојдневните неважни предмети, но во него поетот ги открива прашањата за животот и смртта, за односот меѓу личноста и универзумот, за вечноста и минливоста и за смислата на човечкото постоење. Објектите на овие песни — мали, секојдневни суштества и предмети — стануваат центри на една мала, но исклучителна поетска космогонија. Објектите на овие песни постојат одделно, без меѓусебни допири, дури и без можност за комуникација. Тие живеат за себе и смислата на своето постоење ја наоѓаат внатре во себе. Тие можат да бидат уништени, до јадрото на нивното постоење можат да допрат само тие самите. Од тоа јадро нема излегување, зашто однадвор доаѓаат само навреди („Глуварче“, „Костен“), смртни закани („Свиња“, „Кокошка“) и несигурност („Повит“, „Виолина“), а постоењето е можно само низ одбраната од надворешните сили („Кактус“).[7]

Расчекорот меѓу внатрешниот живот на единката и нејзиното окружување е присутен уште во раните песни на Попа кои се дел од циклусот „Далеку во нас“ (1943-1944). Како краен заклучок за неможноста од доближување на внатрешниот и надворешниот свет служи стихот „Воздухот е непробоен“. Оттука, единственото можно патување е кон средиштето на нашето битие, кон длабочините на нашата личност и кон откривањето на загатката на нашето постоење. Притоа, крајната цел на сите напори е затворањето на кругот, т.е. постигнувањето на затворено совршенство. На истата линија се наоѓаат и погледите искажани во циклусот „Опсадена ведрина“ (српски: Опседнута ведрина). Така, во песната „Разговор“, симболот на кругот служи како синоним на целоста на единката и на нејзината интегралност. Кругот е заштита од надворешните сили, знак на безбедност и на делимитација. Истовремено, неговата затворена рамномерна патека околу невидливото средиште значи патување во себеси — постојаност на целта. Неговиот облик е одбрана од надворешниот хаос и доказ за сопствената независност и неповредливост. Во циклусот „Внатрешна месечина“, дури и светлината претставува затворено егзистирање, небесните тела потпаѓаат под ударот на барањата на оваа партикуларизација, а бесконечноста на светот не се отворакон надворешноста, туку кон внатрешноста на кругот.[8]

Во циклусот песни „Предели“, амбиентот го сочинуваат секојдневните предели кои наеднаш се лишени од присуството на луѓето. На тој начин, овие глетки на еден интимен микрокосмос прераснуваат во страшни метафизички пејзажи, опустошени од некаква невидена катаклизма. Отуѓеноста и празнината се присутни и во циклусот „Коска на коската“ (српски: Кост кости) во кој се опишани црнохуморните авантури на коските ои, ослободени од месото, ја играат својата стравотна игра на работ на исчезнувањето, докажувајќи ја невозможноста на егзистирањето во празнината, во полната изолација во која не постојат човечките мерки на нештата. Во циклусот „Проѕевка надсите проѕевки“ (српски: Зев над зевовима) сè се одвива под семожниот знак на огромната, бесконечна проѕевка на апсурдот и бесмислата. Тука, еден затворен космос ја покажува својата напразност низ ограниченоста на дејствата што се случуваат во него: тука делата се движат отуѓени од своите творци, а предметите се избегани од луѓето и претставуваат осамени тела во космосот на празнината и безнадежноста. Во циклусот „Белутрак“, цврстата затвореност на каменот е знак на неговата завршеност, интегралност и самостојност, но сепак, тој бара авантури и копнее за промена. Тој не може да ја промени својата природа, но постојано е незадоволен од непроменливиот ред на нештата и постојано се наоѓа во внатрешна авантура, барајќи ја смислата на своето постоење. И постапките на јунаците од циклусот „Игри“ како да се водени од желбата за разбивање на воспоставениот круг на егзистенцијата: непостоење — живот —непостоење. На крајот на овие фантасмагорични игри, играчите гинат: за да влезат во играта, тие го вложуваат својот живот како единствената своја вредност. Сите влегуваат во играта со јасен ризик, иако целта на играта не се гледа, зашто од играта не се добива ништо, туку нејзиниот крај обично е и крај на играчот. И покрај тоа што во овој циклус присуствуваме на решавањето на суштинските прашања на егзистенцијата, во ставовите на Попа нема никаква патетика. Врз стиховите за подвизите на играчите во циклусот „Игри“ постојано лежи ироничната насмевка на поетот-набљудувач. Всушност, ставот на Попа е смеса на скепса и оптимизам, предизвикување на судбината, еден хуморен инает.[9]

Значење и влијание

[уреди | уреди извор]

Уште со првиот циклус песни (1951) и со првата поетска збирка (1953), Попа предизвикал голема врева во југословенските книжевни кругови. Тогашните противници на послободните струења го обвинувале за неразбирливост, бесмисленост и за внесување тужи идеи и ставови, а неговото име биле изговарано како анатема. Истовремено, уште од самиот почеток, Попа стекнал бројни обожаватели, бранители и следбеници. Сепак, било потребно да поминат години за да стане јасно дека се работи за автентичен поет чии дела не само што претставувале новина, туку и се одликувале со длабока и мудра порака.[10] Денес, Попа се смета за еден од најголемите српски поети. Напишана со современ јазик во кој се препознаваат мелодичноста и метафоричноста на народните умотворби, со слободен и ритмички извонредно организиран стих, елиптична и идиоматска во изразот, лексички многу богата, поезијата на Васко Попа му гради траен споменик на човечкиот дух, иако секогаш се движи по самата граница на нихилизмот.[3] И Влада Урошевиќ смета дека поезијата на Попа била еден од најзабележителните мигови во вресвртот на југословенската книжевност на почетокот на 1950-тите[10] и претставува една од највозбудливите творешки авантури во српската поезија по Втората светска војна.[11]

Според Миодраг Павловиќ, Васко Попа претставува раскрсница во генерациската смена во српската поезија. Запознаен и воодушевен од работата на надреалистите, тој започнал да пишува стихови дури откако неговиот став кон надреализамот бил цврсто утврден: тој ги користи елементите на надреалистичката поетика, но нив ги потчинува на строгата дисциплина. Тој го напуштил стремежот за ефикасноста на поезијата надвор од неа самата. Попа зема врз себе тешка улога: тој говори за она за кое најчесто се молчи, ја оспорува лажната убавина и со фанатична доследност го отфрла баналното гледање на животот. Три основни теми во неговата поезија се: патетиката на слободата (најизразена во циклусот „Опседната ведрина“), патетиката на љубовта (циклусот „Далеку во нас“) и патетиката на патриотизмот („Исправена земја“, „Ќеле-Кула“ и „Сутјеска“). Поетскиот израз на Попа се одликува со концизност, т.е. основна девиза во неговата поезија е употребата на што помалку зборови. Делумно, неговата концизност произлегува од модерните поетски стремежи за епиграмски облик, но исто така е последица и на отпорот кон злоупотребата на јазикот и на одвратноста кон дикциската баналност (како Маларме). Неговата лексика дава впечаток на отвореност зашто користи различни извори (архаичен говор, уличен жаргон, класични поетски обрти, жестоки натуралистички метафори, но секој негов збор има голема одговорност. Психолошкото толкување на оваа скрупула лежи во недовербата во јазикот воопшто заради неговата неможност да стане видлива реалност. Паралелно со тоа, кај него е присутна визијата на примитивниот поетски рај, идеалниот простр во кој сите зборови се нови (слично на Дилан Томас и Пол Елијар). Исто така, во неговата поезија е присутен нагонот кон конкретност при што неговата песна настојува да стане независен организам кој се откинува како од авторот така и од читателот. Иако се чини дека Попа е скептичен кон комуникацијата и дека говори помалку отколку што би одговарало на мотивот, сепак тој не е скептичен кон своите емоции и привиденија, туку успева хемиски да го прочисти своето вдахновение и да го каже со неотповиклива сугестивност. Оттука, наспроти привидната херметичност, смислата на неговата поезија е агресивна, што речиси наликува на естрадата.[12]

Наспроти лексичкото богатство, на поезијата на Попа се одликува со синтаксичка воздржаност: тој не ги користи еластичните конструкции на современиот јазик, туку се определува за прифатените улични или фолклорни идиоми. Избегнувајќи ја реториката, тој успева да се искаже со кратки, лесно воочливи реченични пресврти. Притоа, како во формата на поетските идиоми, така и во поетските слики што ги употребува, Попа прави големи амплитуди, но истовремено тежнее кон најсурови ограничувања. Тој никогаш не се изразува на дискурзивен начин, со формулирана мисла, туку секогаш со низа од пусти слики. Меѓутоа, иако мислата не се наоѓа во текстот, нејзината улога во претходниот процес е голема. Попа е далеку од автоматското пишување, т.е. кај него нема произволни метафори и импровизации, туку зад секоја слика стои цела историја на мисловноста така што критиката често го прогласува за рефлексивен и ерудитен поет. Попа е мисловен поет кој мисли со помош на основните поими, а неговата поетска слика никогаш не ја напушта самата осовина на сознанието. Во продолжение, Попа ја надминува лирската формула, т.е. неговата поезија може да се оцени како барање нешто што би претставувало еп на нашето време.[6]

Српскиот поет Бранко Миљковиќ има напишано песна со наслов „Вовед во игри“, која е посветена на Васко Попа.[13] Исто така, и песната „Вршачка елегија“ на полскиот поет Тадеуш Ружевич е посветена на Попа.[14]

  1. 1,0 1,1 „Васко Попа (био-билиографски летопис“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 137-138.
  2. Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 97.
  3. 3,0 3,1 Aleksandar Petrov, „Vasko Popa“, во: Vasko Popa, Pesme. Beograd: Bigz, 1978, стр. 195-199.
  4. Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 97-98.
  5. Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 98.
  6. 6,0 6,1 Миодраг Павловић, „Од камена до света“, во: Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 15-20.
  7. Влада Урошевиќ, „Круговите на Васко Попа“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 124-125.
  8. Влада Урошевиќ, „Круговите на Васко Попа“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 125-128.
  9. Влада Урошевиќ, „Круговите на Васко Попа“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 130-136.
  10. 10,0 10,1 Влада Урошевиќ; „Круговите на Васко Попа“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 123.
  11. Влада Урошевиќ; „Круговите на Васко Попа“, во: Васко Попа, Поезија (избор). Скопје: Култура; Београд: Нолит, 1968, стр. 136.
  12. Миодраг Павловић, „Од камена до света“, во: Васко Попа, Непочин-поље. Београд: Просвета, 1963, стр. 9-15.
  13. Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 87-88.
  14. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 78-79.