[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Аутизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Аутизам
Young red-haired boy facing away from camera, stacking a seventh can atop a column of six food cans on the kitchen floor. An open pantry contains many more cans.
Повторливо местење или подредување на предметите е однесување кое некогаш е поврзано аутизам.
СпецијалностПсихијатрија, Психологија, Невропсихологија, Педагогија, behavioral analysis, Развојна психологија Уреди на Википодатоците
ЧестотаГрешка во Lua во Модул:PrevalenceData, ред 28: attempt to perform arithmetic on field 'lowerBound' (a nil value)

Аутизам — нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Сите овие знаци се манифестираат пред три годишна возраст. Аутизмот делува на обработката информации во мозокот, со тоа што го менува начинот на којшто невроните и нивните синапси се поврзуваат и организираат. Како доаѓа до оваа појава сѐ уште не е познато. Другите две нарушувања од спектарот на аутизмот (НСА) се синдромот Аспаргер, којшто не се одликува со заостанатост во когнитивниот развој и во јазикот, и ПНР-Н (первазивното нарушување во развојот - неодредено), кој се дијагностицира во случаи кога не се комплетно исполнето критериумите за другите два синдроми.

Аутизмот има цврста генетска основа, но генетскиот состав на аутизмот е сложен и не е јасно дали НСА се објаснува повеќе со ретки мутации, кои имаат огромни ефекти, или пак со мултигенски интеракции на нормалните гени. Во ретки случаи аутизмот е поврзан со фактори кои предизвикуваат вродени малформации. Постојат и многу контроверзни теории за некои причинители, коишто можат да произлезат од опкружувањето, како што се тешките метали, пестицидите или вакцините, кои се примаат во раното детство. Хипотезите за вакцините се биолошки невозможни и не се потврдени со достојни научни докази. Аутизмот се појавува кај 1-2 од 1000 луѓе. Распространетоста на НСА е 6 луѓе од 1000, со тоа што се јавува 4 пати повеќе кај машката популација отколку кај женската. Бројот на луѓе, кои се дијагностицирани дека страдаат од аутизам почна драстично да се зголемува од 1980-тите, делумно поради промените во дијагностиката. Причините за зголемениот број на случаи со аутизам се непознати.

Родителите обично ги забележуваат симптомите во првите две години. Симптомите обично се развиваат постепено, но има исклучоци кај некои деца со аутизам, кои отпрво се развиваат нормално, а потоа нивниот развој назадува. Иако преземањето мерки во поглед на воспитување или учење за спознавање на светот уште во раниот период од детството може да им помогне да станат способни да се грижат за самите себе, да комуницираат и да се социјализираат, не постои лек којшто делува 100 процентно. Не многу деца со аутизам се осамостојуваат и живеат независно по стекнувањето полнолетство, иако некои од нив стануваат успешни. Развиена е и култура на аутистите, во рамките на која што некои бараат лек, додека пак други веруваат во тоа, дека аутизмот не треба да се третира како нарушување, туку да се толерира како разлика.

Особености

[уреди | уреди извор]

Аутизмот е многу променливо нарушување во психолошкиот развој, коешто најпрво се појавува за време на многу раното детство или во малку подоцнежниот период од детството, и во главно продолжува со иста брзина на развивање, без намалување на интензитетот. Очигледните симптоми се појавуваат постепено по 6-месечна возраст, веќе можат да се потврдат од 2 до 3-годишна возраст, и имаат тенденција да продолжуваат да се појавуваат во зрелите години, но често во променета форма. Аутизмот не се утврдува со само еден симптом, туку со карактеристичната тројка од симптоми: нарушувања во способноста за социјализација, нарушувања во способноста за комуникација и ограничени интереси и повторливо однесување. Има и други чести симптоми, како необичниот начин на јадење, но тие не се пресудни при дијагностицирањето. Карактеристичните симптоми на аутизмот се појавуваат низ целиот свет, и на тој начин што аутистите не се разликуваат драстично од остатокот од населението, при што исто така нема и некоја остра линија помеѓу поблагите и потешките патолошки случаи на аутизам.

Развој на општествено ниво

Неспособноста за вклопување во општеството е тоа, по коешто се разликуваат аутизмот и сличните нарушувања од спектарот на аутизмот (НСА) од другите болести, кои се одликуваат со нарушувања во развојот. Луѓето, кои имаат аутизам, многу тешко се вклопуваат во општествтото и често ја немаат таа интуиција за другите, која што пак другите луѓе ја земаат здраво за готово. Познатата аутистка Темпл Грендин ја опиша нејзината неспособност да ја разбере општествената комуникација на неврообичните, т.е. на луѓето со нормален психички развој, како чувството коешто би го имал „антрополог, кога би отишол на Марс“.

Невообичаениот развој во поглед на вклопување во општеството станува воочлив во раното детство. Аутистичните бебиња обрнуваат помалку внимание на општествените стимуланси, поретко се смеат, поретко ги гледаат другите околу нив и поретко одговараат на нивното име. Аутистичните дечиња поочигледно отскокнуваат од општествената норма, на пример поретко имаат директен контакт, поретко се вртат на повик и поверојатно е да комуницираат со тоа што би ја движеле раката на некој друг. Аутистичните деца од 3 до 5 годишна возраст уште помалку покажуваат дека го разбираат општеството, тие им приоѓаат на други луѓе спонтано, имитираат, реагираат на емоции, комуницираат невербално и се вртат кога некој ќе ги повика. Но, сепак тие развиваат поврзаност со нивниот првичен негувател. Повеќето аутистични деца не развиваат таква поврзаност со негувателите, која ја доживуваат како заштита од општеството, за разлика од децата кои не се дијагностицирани со аутизам, но оваа разлика ја нема помеѓу обичните деца и децата со повисок степен на психички развој или понизок степен на НСА. Постарите деца и возрасните со НСА покажуваат полоши резултати на тестовите за препознавање на лица и емоции.

Токму спротивно на популарното мислење, аутистите не уживаат да бидат сами. Но често се покажува дека на аутистите им е тешко да се спријателат и да го одржат пријателството. За нив, она што покажува колку се осамени е длабината на пријателствата, а не бројот на пријатели кои ги имаат. Функционалните пријателства, како оние кои може да резултираат со покани за забави, можат да имаат огромно влијание врз квалитетот на нивниот живот.

Има многу непотврдени извештаи, а многу малку систематски истражувања во врска со агресивност и насилство кај лица со НСА. Овие малку податоци покажуваат дека кај децата со нарушувања во психичкиот развој аутизмот се поврзува со агресија, уништување на имот и гневност. За време на едно истражување во 2007 година, се испитаа родители на 67 деца со НСА, и резултатите покажаа дека околу две третини од децата имаа периоди со напади на гнев, а околу една третина имаа значително подолго минато на агресивност со напади на гнев, во споредба со деца кои немаат аутизам, а имаат пречки во јазикот. Едно истражување во Шведска од 2008 година покажа дека од лицата со 15 години, кои биле пуштени од болница и биле дијагностицирани со НСА, поголема е веројатноста дека тие, коишто вршат насилни криминални дела, да имаат други психопатолошки нарушувања, како на пример психоза.

Комуникација

Околу една третина од лицата со аутизам не развиваат доволно говорни способности за да ги задоволат потребите за дневна комуникација. Уште во првата година од животот на детето можат да се забележат необичности во комуникацијата, како задоцнет почеток на обидите за зборување/мумлање, необични гестикулации, необрнување на внимание на надворешните дразби и неогдоварање на истите, како и начини на обид за комуникација со гласови, коишто не биле научени од негувателот. Во втората и третата година од животот, аутистичните деца немаат толку чести мумлања, испуштања на гласови, зборови или комбинирање на истите, и нивните гестикулации се ретко проследени со зборови. Мала е веројатноста дека аутистичните деца ќе ги изразат нивните побарувања или дека ќе ги споделат нивните искуства, туку поголема е веројатноста тие дека тие едноставно ќе ги повтроуваат зборовите на луѓето околу нив (ехолалија) или дека погрешно ќе ги употребат личните заменки. Невербалната комуникација и гестикулациите се неопходни за да се оствари успешно разговор со аутистите, и недостатоците во способноста за правилна невербална комуникација и гестикулирање се тие, по коишто може да се препознае бебе со НСА, на пример бебето може да гледа во раката што покажува кон некој предмет, а не во посочениот предмет, и тие постојано не успеваат во обидот да покажат кон некој предмет на којшто сакаат да искоментираат или во врска со којшто сакаат да споделат некое искуство. Може да се случи аутистичните деца да имаат проблем со претворањето на симболите во јазик.

Во неколку истражувања направени врз група од аутистични деца во возраст од 8 - 15 години и група од возрасни аутисти, кои се споредуваа со соодветни контролни групи од луѓе кои немаат аутизам, се утврди дека децата аутисти ги завршија задачите за основни познавања на јазикот, кои вклучуваа задачи за фонд на зборови и за правилно пишување, исто толку добро како контролната група од деца, додека групата возрасни аутисти ги завршија задачите подобро од контролната група. Но и двете групи од аутисти дадоа полоши резултати на јазичните задачи како метафорично изразување, разбирање и изведување заклучок. Со оглед на тоа што луѓето првенствено се мерат според нивните основни јазични способности, овие истражувања покажуваат дека е голема веројатноста да тој, што зборува со аутист, го преценува неговиот капацитет и колку тој разбира од разговорот.

Повторливо однесување

Луѓето со аутизам покажуваат повеќе форми на повторливо или ограничено однесување, коешто скалата за повторливо однесување (Repetitive Behavior Scale-Revised (RBS-R)) го категоризира на следниов начин:

• Стереотипија - повторувачки движење, како плескање со раце, правење звуци, итн.

• Компулсивно однесување - однесување кое следи правила, како редење на објекти во права линија.

• Сличност - отпор кон промена, на пример инсистирање мебелот да не се преместува.

• Ритуално однесување - вклучува непроменлива шема на дневни активности, како на пример непроменето јадење или ритуал на пресоблекување. Ова е тесно поврзано со сличноста, и една независна проверка на скалата даде предлог за спојување на двата фактори.

• Ограничено однесување - однесување ограничено во поглед на точка на концентрирање, интерес или активност, како на пример преокупираност со единствена телевизиска програма, играчка или игра.

• Самоповредување – однесување коешто вклучува движења, кои ја повредуваат или можат да нанесат повреди, како на пример боцкање во око, гризење рака, удирање на глава. Едно истражување од 2007 година покажа дека во одреден период, појавата на факторот на самоповредување била присутна кај скоро 30 % од децата дијагностицирани со НСА. Ниедно посебно повторливо однесување не е специфични за аутизмот, но само аутизмот се одликува со шема на појавување и сериозност на овие однесувања.

Други симптоми

Лицата со аутизам може да имаат симптоми, кои не се поврзани со дијагнозатан но коишто пак може да имаат негативно влијание врз личноста со аутизам или врз семејството на таа личност. Околу 0,5 % до 10 % од лицата со НСА покажуваат необични способности, од способноста за запамтување на непотребни информации до исклучително ретките способности на запрепастувачките аутистични саванти. Многу лица со НСА покажуваат супериорни способности на поле на перцепција и внимавање во споредба со остатокот од населението. Преголемата осетливост е нешто што го имаат 90 % од аутистите, и некои ја сметаат за една од главните одлики на аутизмот, и покрај тоа што нема сигурни докази дека абнормалностите во поглед на осетливоста се тие, по коишто можат да се разликува аутизмот од другите нарушувања на развојот. Поголеми се разликите кај неспособноста за примање и обработување на надворешни дразби (на пример, удирање во нешта, како ѕид) отколку кај преголемата чувствителност за примање и обработување на дразби (на пример, вознемирување поради гласен звук) или кај барањето на некакво чувство (на пример, ритмични движења). Околу 60 % до 80 % од аутистите се соочуваат со неспособност за контрахирање на мускулите (хипотонија), неспособност за планирање на моторните движења, и одење на прсти. Но сепак, НСА не се поврзани со сериозни нарушувања на моторниот систем. Забележани се и необични навики во поглед на исхраната кај три четвртини од децата аутисти, и тоа до тој степен, што порано ова однесување се сметало како индикатор за поставување на дијагноза. Пребирливоста е најчестиот проблем, но има и случаи на ритуали на јадење и одбивање на храна, но ова никогаш не прераснало во неисхранетост. И покрај тоа што некои деца со аутизам имаат гастро-интестинални (ГИ) симптоми, нема доволно објавени и детални податоци за да се поддржи теоријата, дека децата со аутизам имаат повеќе или различни ГИ симптоми, отколку што е нормално. Истражувањата даваат противречни резултати, а врската помеѓу ГИ проблеми и НСА е нејасна.

Родителите на децата дијагностицирани со НСА се повеќе под стрес, отколку другите родители. Се покажало дека браќата или сестрите на децата со НСА пројавуваат поголем восхит од дијагнозираното братче или сестриче и помалку има кавги меѓу нив, за разлика од случаите каде што нема дете со дијагноза или пак има дете со Даунов синдром. Браќата и сестрите на лицата со НСА дијагноза се соочуваат со поголем ризик од лоша благосостојба и полоша врска меѓу браќата и сестрите кога ќе станат возрасни.

Аутизмот е едно од первазивните нарушувања во развојот (ПНР), коишто се одликуваат со широкоопсежни абнормалии на поле на социјализација и комуникација, како и со сериозно ограничени интереси и многу повторливо однесување. Овие симптоми не наложуваат болежливост, нежност или емотивна нестабилност.

Од петте форми на ПНР, синдромот Аспергер е најблизок до аутизмот, во поглед на знаците и можните причини, а синдромот Рет и нарушувањето на детската способност за интеграција делат неколку знаци со аутизмот, но причините им се неповрзани. Дијагнозата за ПНР - неодредено (ПНР-Н, или нетипичен аутизам) се поставува кога не се исполнуваат доволно критериуми за некое поконкретно нарушување. За разлика од аутистите, лицата со дијагноза за синдромот Аспергер немаат некое значајно задоцнување во јазичниот развој. Терминологијата на аутизмот може да биде збунувачка, со тоа што аутизмот, синдромот Аспергер и ПНР-Н често се нарекуваат нарушувања од спектарот на аутизмот, при што самиот аутизам често се нарекува аутистично нарушување или детски аутизам. НСА пак е подгрупа од поголемиот фенотип на аутизмот, кој ги опишува луѓето кои е можно да немаат НСА, но имаат особини слични на лицата со аутизам, како што е избегнувањето на директен контакт.

Манифестирањето на аутизмот покрива широк спектар, од лица со сериозни нарушувања (може да молчат цело време, со заостанат психички развој или пак затворени во свој свет и состојба, каде што цело време плескаат со рацете) до функционални лица, коишто може да имаат активен, но очигледно чуден пристап во општеството, мал број на интереси, и дрдорлив и ситничав начин на комуницирање. Понекогаш синдромот се дели на низок степен, среден степен и висок степен на аутизам (НСА, ССА и ВСА) според коефициентот на интелегенција или според тоа колку помош му е потребна на лицето во секојдневниот живот. Овие поделби не се стандардизирани и се контроверзни. Аутизмот може исто така што се подели на синдромски и несиндромски аутизам. Синдромскиот аутизам се одликува со сериозни и длабоки нарушувања на психичкиот развој, или пак со некој вроден синдром со физички симптоми, како што е туберкулозната склероза. Иако лицата со дијагноза за синдромот Аспергер се одликуваат со поголема способност за спознавање и разбирање на светот, не се јасно заедничките точки со синдромот Аспергер, ВСА и несиндромскиот аутизам.

Според некои студии, се појавил случај на дијагнозирање на аутизам кај деца како резултат на губиток на способноста за говор и социјализација, а не како резултат на неспособност за напредок во развојот на возраст од 15 до 30 месеци. Точноста на ова останува контроверзна. Можно е да пости регресивен аутизам како посебен поттип, или пак да постои континуум од однесувања помеѓу аутизмот со и без регресија.

Истрагите за причините се отежнати поради неможноста да се пронајдат значајни биолошки подпопулации и поради традиционалните противречности помеѓу психијатриската, психолошката, невролошката и педијатриската дисциплина. Поновите технологии, како функционалната магнетна резонанција и дифузивната тензорска магнетна резонанција, можат да помогнат да се препознаат биолошки важните фенотипови, коишто можат да се видат при скенирање на мозокот, за да се помогнат понатамошните неврогенетски испитувања на аутизмот. Еден пример за ова е намалената активност на делот од мозокот одговорен за визуелно препознавање, кој се поврзува со нарушена перцепција на луѓе, за разлика од предмети. Постои предлог аутизмот да се класифицира со помош на генетиката, како и според однесувањето.

Долго време се претпоставува дека има заедничка причина на генетско, когнитивно и невронско ниво за карактеристичната тројка симптоми за аутизмот. Но сепак, сè поголемо е сомневањето дека напротив се работи за сложено нарушување, чиишто суштински одлики имаат сосема различни причинители, коишто често се случуваат во исто време. Аутизмот има цврста генетска основа, но генетскиот состав на аутизмот е сложен и не е јасно дали НСА се објаснува повеќе со ретки мутации, кои имаат огромни ефекти, или пак објаснувањето се состои од мултигенски интеракции на нормалните гени. Сложеноста поизлегува од интеракцијата меѓу повеќе гени, околината и епигенетските фактори, кои не го променуваат составот на ДНК, но се наследни и влијаат врз репродукцијата на гените. Некои истражувања направени врз близнаци покажале дека коефициентот на наследност на аутизмот е 0,7, а 0,9 за поширокиот фенотип на аутизмот, и дека шансата брат или сестра на аутист да страда од аутизам исто така е околу 25 поголема од шансата кај некој што нема заболен брат или сестра. Сепак, најголем број од мутациите, кои го зголемуваат ризикот за воспоставување дијагноза за аутизам не се идентификувани. Причината не може да се пронајде во генетска мутација според Менделовите закони (на еден ген), или пак во абнормалност на еден хромозом, како што е синдромот Мартина-Бела, и ниеден од генетските синдроми поврзани со НСА не покажал експлицитно дека е причинител на НСА. Голем дел од аутистите, чиишто семејства не страдаат од аутизам, може да се резултат на настаната хромозомска аберација во гените, како спонтана бришењето или дупликација на генетски материјал за време на мејозата. Оттука, голем дел од случаите на аутизам може да ги бараат своите корени во генетските причини, кои се наследни, но не наследени - тоа значи дека мутацијата, која го предизвикала аутизмот, не е присутна во родителскиот геном.

Неколку докази покажуваат дека причинителите на аутизмот треба да се бараат во правец на нефункционалност на синапсите. Некои ретки мутации може да бидат причини за аутизмот поради тоа што предизвикуваат попречување на некои синаптички патишта, како што се мутациите поврзани со адхезијата на клетките. Истражувања за замена на гени, направени врз глувци, покажаа дека симптомите на аутизмот можат да почнат да се препознаваат во подоцнежните чекори на развој на организмот, коишто пак зависат од активноста на синапсите и од промените, кои зависат од оваа активност. Сите познати тератогени (агенти, кои предизвикуваат вродени малформации), кои се поврзани со ризик за појава на аутизам, дејствуваат само во текот на првите 8 недели по зачнувањето на зиготот, и и покрај тоа што ова не ја исклучува можноста дека аутизмот може да се појави подоцна во текот на развојот, ова се сепак силни докази за тоа, дека аутизмот се појавува многу рано во развојот. И покрај тоа што доказите за причините за аутизмот кои лежат во опкружувањето се несигурни и не се потврдени со достојни истражувања, во тек се интензивни потраги. Се покажало дека факторите на опкружувањето го причинуваат или ја влошуваат состојбата на аутизмот, или пак може да се важни за некои идни истражувања, а во нив се вбројуваат одредени видови храна, заразни болести, тешки метали, разредувачи, издувни гасови од дизел мотор, полихлорирани фенили, фталатни естри и феноли употребени во пластични производи, пестициди, броминирани заштити од оган, алкохол, пушење, консумирање на недозволени дроги, вакцини и пренатален стрес. Можно е првиот пат, кога родителите ќе станат свесни за фактот дека детето им е аутист, да биде околу времето за прво редовно вакцинирање, и ова ги издигна теориите дека вакцините или нивните средства за чување се причинителите на аутизмот. И покрај тоа што нема цврсти научни докази за да ја поддржат оваа теорија, како и фактот дека теоријата е биолошки невозможна, загриженоста на родителите во врска со аутизмот е покачена, што пак доведе до се почести случаи на избегнување на имунизацијата за време на детството и се почести случаи на епидемии на сипаници.

Механизам

[уреди | уреди извор]

Симптомите на аутизмот произлегуваат од промените на различни системи на мозокот, кои се поврзани со процесот на зреење. Не е баш јасно какосе појавува аутизмот. Неговиот механизам може да се подели на 2 дела: патопсихологијата на деловите на мозокот и процесите кои се одвиваат во него, која што е поврзана со аутизмот, и невропсихолошките врски меѓу деловите на мозокот и нивното меѓусебно однесувањата. Се покажало дека однесувањата имаат повеќебројни патопсихологии.

Патопсихологија

За разлика од многу други болести на мозокот, како што е Паркинсоновата болест, аутизмот нема еден единствен механизам на ниту едно ниво - ниту на молекуларно, ниту на клеточно, ниту на ниво на систем на организмот, и не се знае дали аутизмот всушност претставува неколку нарушувања предизвикани од мутации на неколку чести молекуларни патишта, или пак (како интелектуалната неспособност) е комбинација од повеќе нарушувања со различни механизми. Се покажало дека аутизмот е резултат на фактори за развој, коишто имаат влијание на сите функционални мозочни системи, и дека аутизмот всушност влијае само на времетраењето на мозочниот развој, а не на финалниот производ. Невроанатомските истражувања и обидите за наоѓање на врска со тератоген наложуваат дека механизмот на аутизмот вклучува промени на развојот на мозокот набрзо по неговото оформување. Оваа аномалија пак предизвикува редица од последователни патолошки процеси во мозокот, коишто се под силно влијание на факторите на опкружувањето. Веднаш по раѓањето, мозоците на аутистичните деца имаат тенденција да растат побрзо отколку што е нормално, а потоа во детството нивниот раст е нормален или релативно спор. Не е познато дали предвременото пребрзо растење на мозокот е случај кај сите аутистични деца. Меѓу хипотезите за клеточна и молекуларна основа за патолошкото предвремено пребрзо растење на мозокот се вбројуваат:

• Прекумерен број на неврони, коишто предизвикуваат локална прекумерна поврзливост во клучните делови од мозокот

• Нарушено мигрирање на невроните во раниот период од бременост

• Нарушени центри за стимулирање или спречување

• Неправилно формирање на синапсите и дендритите, на пример при модулација на неурексинскиот и невролигинскиот систем од поврзувачки клетки, или пак со лошо регулирана синтеза на синаптичката белковина. Неправилниот развој на синапсите може исто да предизвика појава на епилепсија, што може да ја објасни поврзаноста на двете состојби. Комуникацијата меѓу одбранбениот и нервниот систем почнува рано во ембрионалната фаза од животот, и дали невролошкиот развој ќе биде успешен и правилен зависи од балансираноста на реакциите на одбранбениот систем. Можно е абнормалната активност на имунитетниот систем во критични периоди за невролошкиот развој да биде дел од механизмот на некои форми на НСА. И покрај тоа што се пронајдени одредени аномалии на имунитетниот систем кај одредени подгрупи на лица со аутизам, не се знае дали овие аномалии се важни или секундарни фактори за механизмот на аутизмот. Со оглед на фактот, што автоантителата не можат да се најдат кај лица со НСА, за разлика од другите состојби, врската помеѓу нарушувањата на одбранбениот систем и аутизмот останува нејасна и контроверзна.

Врската меѓу хемискиот состав на невроните и аутизмот не е комплетно јасна. Неколку молекули се испитани и резултатите најмногу укажаа кон серотонинот и разликите во начинот на неговото пренесување, коишто се зависни од поединечната генетска комбинација. Некои податоци укажуваат на пораст на некои од хормоните за раст, додека пак други податоци тврдат дека факторите за раст се намалени. Исто така, аутизмот се поврзува и со некои вродени аномалии на метаболизмот, но ова е најверојатно случај кај помалку од 5 % од случаите.

Теоријата за аутизам поврзана со системот од рефлектирачки неврони (СРН) ја негува претпоставката дека нарушениот развој на СРН ја нарушува способноста за имитација, што пак е предизвикувач на основните одлики на аутизмот - нарушена способност за социјализација и тешкотии во комуникацијата. СРН почнува да дејствува во случај кога некое животно прави нешти или кога тоа гледа некое друго животно како прави нешто. СРН може да помогне при процесот човекот да ги разбере другите околу него, со тоа што тој човек се моделира според нивниот начин на однесување и ги отелотворува нивните дејства, намери и чувства. Неколку истражувања ја тестираа оваа хипотеза, со тоа што ги демонстрираа структурните аномалии на центрите со СРН кај лица со НСА, задоцнувањата во активацијата и пренесувањето на електричните импулси кај рефлектирачките неврони („задолжени“ за имитација) кај лица со синдромот Аспергер, кои се наоѓаат во кората на мозокот, а исто така покажаа дека има поврзаност помеѓу намалената активност на СРН и степенот на развој на аутизмот. Но сепак, аутистичните лица имаат абнормален начин на работење на мозокот во однос на пренесувањето на електричните импулси во многу други делови од мозокот, а не само во СРН, и теоријата за СРН не го објаснува способноста на аутистите совршено да имитираат некоја задача, ако таа вклучува цел или предмет.

Начините како се одразува слабото функционирање или задоцнетите реакции на мозокот, коишто биле предизвикани од НСА синдромот, се разликуваат според тоа дали мозокот врши некоја социјална или несоцијална задача. Има докази кај одредени случаи на аутизам за намалена функционалност на центарот, кој се активира кога мозокот е пасивен (будно се одмара), еден од поголемите центри на мозокот, одговорен за обработување на социјалните и емоционалните задачи на мозокот, додека пак функционалноста на центарот кога мозокот е активен, којшто е одговорен за задржување на вниманието и насочено размислување за некоја цел, е неоштетена. Кај аутистите, овие два центри временски не се спротивни, што значи дека има нарушеност во процесот на исклучување на едниот и приклучување на другиот центар, што може да е причина за нарушената способност за размислување за себеси. Едно истражување за отсликување на мозокот од 2008 година пронајде специфичен тип на сигнали во цингуларниот кортекс, којшто е различен кај лицата со НСА.

Теоријата за нефункционалност претпоставува дека аутизмот се одликува со нефункционални врски и синхронизација на невроните, кои се задолжени за задачи на високо ниво, како и со премногу процеси на ниско ниво. Доказите за ова беа најдени при истражувања за функционалната магнетна резонанција, во коишто учествуваа неколку аутисти, како и при истражување за мозочни бранови, коишто покажаа дека кај возрасните лица со НСА има појава на локална хиперактивност во кортексот, а слаба активност и поврзаност помеѓу фронталниот лобус и остатокот од кортексот. Други докази пак укажуваат на тоа, дека нефункционалните врски постојат само во рамките на двете полутопки на кортексот одделно и дека аутизмот е всушност нарушување на асоцијативниот центар на кортексот.

При истражувања засновани на електро-физиолошките одговори на мозокот на внатрешна или надворешна стимулација, краткотрајни промени на електричната активност на мозокот предизвикани како одговор на стимул, добиени се значајни докази и за разликите кај аутистите во поглед на концентрација, реагирање на звучни и визуелни стимулиации, забележување на новини, обработување на јазик и лица, како и складирање информации. На пример при истражувања за магнетна енцефалографија кај аутистични деца, се пронајдоа докази за задоцнување на одговор од мозокот, кога станува збор за обработување на звучни сигнали.

Невропсихологија

Двете најголеми категории на теории за когнитивниот развој се однесуваат на врските помеѓу мозокот и однесувањето на аутистите.

Првата категорија е сконцентрирана на теориите за способноста за разбирање на општеството. Теоријата за соживување и систематизирање зема за претпоставка дека аутистите можат да систематизираат, т.е. тие се способни да развијат внатрешни правила на функционирање во случај на решавање на задача внатре во мозокот, но не се толку добри во соживувањето, односно решавањето задачи предизвикани од други агенти. Продолжението на оваа теорија, теоријата за екстремниот машки мозок, претпоставува дека аутизмот е екстремен случај на машкиот мозок, којшто психометрички е дефиниран како мозок на лица коишто подобро систематизираат отколку што се соживуваат. Ова продолжение е контроверзно поради тоа што многу истражувања докажале дека е грешна идејата дека машките и женските бебиња различно реагираат на луѓе и предмети.

Овие теории сè донекаде поврзани со поранешниот пристап преку теоријата за мозокот, која што претпоставуваше дека аутистичното однесување потекнува од неспособноста да се препишат психички состојби на себеси или на другите. Претпоставката на теоријата за мозокот е донекаде докажана со нетипичните реакции на аутистичните деца на Сали-Ана тестот за расудување на мотивациите на другите, како и со теоријата за системот од рефлектирачки неврони, којшто опишан во патофизиолошките карти совршено ја дополнува хипотезата. Но сепак, најголемиот дел од истражувањата немаат најдено докази за нарушена способност за разбирање на основните чувства или цели на луѓето кај аутистите, наместо тоа, податоците укажуваат на фактот дека кај аутистите има нарушување кај разбирањето на посложените социјални чувства или кај сфаќањето на гледните точки на другите луѓе.

Втората категорија е сконцентрирана на обработување на несоцијални или општи информации. Се претпоставува дека нефукционалноста на екзекутивните функции делумно е резултат на недостаток од работна меморија, планирање, спречување и други видови на извршни функции. Тестирањата за извршните процеси на кората на мозокот, како што е движење на окото, укажуваат на тоа дека има подобрување од детство до адолесценција, но никогаш не е постигнато нормално ниво како кај возрасен човек. Силна страна на теоријата е можноста за предвидување на стереотипно однесување и малиот број на интереси, но две слаби точки се фактот дека е многу тешко да се измерат извршните функции и дека досега не бил пронајден недостаток на извршни функции кај малите аутистични деца.

Теоријата за недоволна централна складност претпоставува дека главното нарушување кај аутизмот е всушност неспособноста да се сфати комплетната ситуација. Една предност на оваа теорија е можноста да се предвидат посебните таленти и врвовите во изведба кај некои аутисти. Една поврзана теорија - теоријата за подобра перцепција, е повеќе сконцентрирана на супериорноста на локалната насоченост и перцептивност кај аутистите. Овие теории добро се совпаѓаат и со теоријата за нефункционални врски меѓу невроните.

Ниедна категорија не е потполна. Теориите за способност за разбирање на општеството не го објаснуваат целосно непопустливото и повторливо однесување, додека теориите за обработување на несоцијални или општи информации имаат потешкотии да ги објаснат потешкотиите со социјализација и комуникација. Доколку се направи комбинирана теорија, заснована на повеќе недостатоци, тоа може да се покаже како покорисно.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Класификација
П · Р · П
Надворешни извори


  • „Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА)“. Архивирано од изворникот на 2016-04-06. Посетено на 2015-04-02.
  • Деца со аутизам (македонски)
  • Центар за ментално Здравје и аутизам (македонски)