Жабени
- Оваа статија се однесува на битолското село Жабени. За прилепското село, видете Жабјани. За индустриската зона, видете Индустриска зона Жабени.
Жабени Жабјани | |
Воздушен поглед на селото Жабени | |
Координати 40°57′59″N 21°22′0″E / 40.96639° СГШ; 21.36667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 144 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02051 |
Надм. вис. | 585 м |
Слава | Атанасовден |
Жабени на општинската карта Атарот на Жабени во рамките на општината | |
Жабени на Ризницата |
Жабени (познато и како Жабјани) — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Во близина на селото постои голема истоимена индустриска зона.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото се поврзува со местоположбата на селото, која што е водоврична и блатна месност, па затоа секогаш имало водени жаби, по кои била именувана самата населба.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, недалеку од десната страна на патот од Битола за граничниот премин Меџитлија.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 585 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 12 километри во јужна насока.[3]
Селото е поврзано со локален асфалтен пат од две страни, од една страна патот се двои од регионалниот пат 2333, а од друга страна се двои од државниот пат А3.
Жабени е изразено полско село, сместено помеѓу патот Битола-Лерин на запад и Битола-Солун на исток. Околни села се Породин, Барешани и Меџитлија. Во минатото, водата за пиење се добивала од само еден бунар, длабок 7 метри. Во дворовите на секоја куќа има бунари длабоки 3-5 метри, но нивната вода не се користи за пиење.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бел Камен, Песоци, Тополка, Комуница, Блатиште, Стари Лозја, Чамејца, Бистричко, Горни Ливади, Ќелајца, Старо Жабјани или Селиште, Гробишта и Зуденица.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на маала. Селото е поделено на Горно, Долно и Средно Маало. Некои делови на селото се групирани по роднински куќи. Маалата се незначително оддалечени едно од друго.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Најстаро споменување на Жабени е од периодот 1650-1750 година. Североисточно од селото, на оддалеченост околу 800 метри, се наоѓаат месностите Старо Жабени или Селиште и Гробишта. По традицијата, таму постоело старото село Жабени до првата половина на XIX век, а во него имало 300 словенски куќи. Покрај селото се наоѓал патот Битола-Солун. Меѓутоа, за време на грчкото востание тоа село е уништено. Како кажуваат селаните, него го уништила албанската војска кога заминала по споменатиот пат да се бори со Грците. На месностите Старо Жабени и Гробишта, денес се наоѓаат градини и еден пчеларник, има рушевини од две цркви (Св. Атанас и Св. Архангел) и се наоѓаат остатоци од куќи.[4]
Некои преживеани мештани од тоа село по настанот го основале денешното село. Меѓу нив се родовите Наумовци, Гроздановци, Ќеријовци, Дафковци, Котовци и Лукаровци. Сите други родови во селото се доселени.[4]
Во 1912 година, кога селото било чифлигарско, во него имало 20 македонски куќи.[4]
Се наоѓало под црковно-пропагандно влијание на Цариградската патријаршија. Во регионот на селото биле активни четите на ВМОРО, а родум од селото е курирот Јосиф Петков (познат и како Јосиф Жабјанец), кој покрај тоа што е познат по своите придонеси за Организацијата, е познат и по тоа што на почетокот од 1902 бил фатен и измачуван од отоманските власти, кои го натерале да предаде многу свои соборци.
Околу 1924 година, во селото биле колонизирани Аранѓеловиќи (1 к.) од околината на Књажевац и Зечевиќи (1 к.) од Црна Гора. Тие биле иселени во Србија во 1941 година од страна на бугарските окупатори.[4]
За време на Втората светска војна во селото биле активни одреди на НОБ.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,9 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 269,1 хектар, пасиштата отпаѓаат 53,6 хектари, а на шумите само 6,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3] Денес, во близина на селото се наоѓа голем рибник.
Во минатото, селото било чифлигарско и во 1912 година во него имало 20 чифликсајбии, главно битолчани (Аџи-бег, Алид-бег, Стамболија, Сулејман Весел, Усеин-ага, Рушид Мемет, Сали-ефенди и др.). По ослободувањето од турската власт, државната власт ја поделила земја на дотогашните селани и новите доселеници, а само малкумина купиле своја земја од чифликсајбиите.[4]
Во близина на селото, на три километри од границата со Грција, е изградена индустриската зона Жабени, капитален проект за привлекување на странски инвестиции, на површина од 85 хектари, која етапно треба да прерасне во индустриски град од 225 хектари. За таа цел, од буџетот биле одвоени 1,5 милиони евра за поставување на потребната инфраструктура на зоната (електрификација, водовод, канализација, патни пристапи). Заклучно со ноември 2014 година, во индустриската зона имало откупено 48 парцели од страна на 28 странски инвеститори.[5][6]
Сè до грчкото вето за влезот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт, многубројни парцели од атарот на Жабени биле предмет на купопродажба на грчки стопанственици.[7]
Во поново време била обновена железничката линија до Кременица и со тоа била изградена посебна железничка станица кај Жабени, до која сообраќаат регионални возови од Скопје.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Жабени живееле 340 жители, од кои 240 Македонци и 100 Албанци.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Жабени се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 16 куќи.[9]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Жабени имало 200 Македонци, патријаршисти.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[11]
Бројот на населението во ова село се преполовил. Така, во 1961 година селото броело 449 жители, од кои 426 биле Македонци, а 16 жители Албанци, додека во 1994 година имало 193 жители, од кои 152 биле Албанци и 41 жител Македонец.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 178 жители, од кои 30 Македонци, 143 Албанци и 5 останати.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 144 жители, од кои 14 Македонци, 120 Албанци и 10 лица без податоци.[13]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Жабени:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 335 |
1953 | 326 | 11 | 0 | 0 | 1 | — | 338 |
1961 | 426 | 15 | 2 | 4 | 2 | — | 449 |
1971 | 475 | 69 | 0 | 5 | 5 | — | 554 |
1981 | 404 | 223 | 0 | 0 | 7 | — | 634 |
1991 | 52 | 170 | 0 | 0 | 1 | — | 223 |
1994 | 41 | 152 | 0 | 0 | 0 | — | 193 |
2002 | 30 | 143 | 0 | 0 | 5 | — | 178 |
2021 | 14 | 120 | 0 | 0 | 0 | 10 | 144 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Жабени е македонско-албанско село. Еден дел од родовите се потомци на оние кои живееле во Старо Жабени, додека другите се доселени.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:
- Македонски родови:
- Староседелци: Наумовци (2 к.), Ќеријовци (2 к.), Гроздановци (7 к.), Дафковци (7 к.), Котовци (6 к.) и Лукаровци (1 к.), сите порано живееле во старото село Жабени.
- Доселеници: Перосановци (4 к.), потекнуваат од селото Добрушево. Од таму се иселиле во селото Средно Егри, па некој предок прешол во Жабени; Димовци (10 к.), потекнуваат од предокот Наум кој се доселил од селото Породин; Дивановци (1 к.), доселени се од селото Лознани; Капларовци (1 к.), доселени се во турско време од селото Црничани; Талевци (1 к.) и Дојчиновци (3 к.), доселени се од селото Могила; Гавриловци (1 к.), потекнуваат од селото Клење во Голо Брдо. Од таму во 1913 година прешле во селото Гермијан. А во 1924 во селото Жабени. Имаат роднини во селото Лабуништа и во Белград. Во Клење се викале Пајковци; Котевци (1 к.), доселени се во 1917 година од селото Орехово; Доневци (1 к.), доселени се во 1918 година од селото Бач; Илијевци (1 к.), доселени се во 1918 година од селото Драгош; Неделкоски (1 к.), доселени се во 1924 година од селото Клење во Голо Брдо. Таму биле роднини со споменатите Гавриловци; Илијевци (1 к.), доселени се во 1925 година од селото Неокази кај Лерин; Ванѓеловци (1 к.), доселени се во 1938 година од селото Пустец во Мала Преспа. Таму имаат роднини; Димитровски (1 к.), доселени се после Втората светска војна од селото Кономлади кај Костур.
- Албански родови:
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Постари македонски иселеници има во Велушина (Камбовци), Лажец (Жабјанци), Оптичари (Павлеви) и Средно Егри (Јованови).[4]
Од селото се имаат иселено околу 400 лица, а најголем дел од нив во градовите Битола и Скопје, во селото Кравари, како и во прекуокеанските земји и Европа.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица
- Дом на културата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Жабени било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Жабени се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0148 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 156 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 161 гласач.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[17]
- Старо Село — населба од неолитско време; и
- Старо Жабени — населба од средниот век.[4]
- Цркви[18]
- Црква „Св. Атанасиј“ (селска) — главна селска црква; и
- Црква „Св. Атанасиј“ (возобновена) — возобновена селска црква надвор од селото.
- Манастири
- Жабенски манастир — манастир надвор од селото
-
Главната селска црква „Св. Атанасиј“
-
Жабенскиот манастир
-
Манастирската црква „Св. Атанасиј“
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[4]
- Атанасовден (15 мај) — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Жабени
- Јосиф Петков, познат и како Јосиф Жабјанец - револуционер на ВМОРО.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Воздушен поглед на рибникот кај Жабени
-
Фудбалско игралиште
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-08-24. Посетено на 2024-08-24.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 122. Посетено на 24 јуни 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 191-193. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ EGO: Битола ја подготвува: Индустриската зона “Жабени“
- ↑ „Во Жабени ќе се гради нов фабрички погон“, Дневник, година XVIII, број 5607, понеделник, 3 ноември 2014, стр. 8.
- ↑ Дневник: Пограничната соработка стагнира - Битола не е во агендата на грчките стопанственици
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 август 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 24 август 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 31. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.