Фауст
Фауст или Фаустус (на латински: „среќен“) — главниот лик на класичната германска легенда. Иако е успешен научник, Фауст е незадоволен и склучува договор со ѓаволот, разменувајќи ја својата душа за бесконечно знаење и световни задоволства. Приказната за Фауст е основата на многу литературни, уметнички, филмски и музички дела.
Значењето на зборот и името е толкуван на различни начини низ вековите. Фауст и придавката „фаустовско“ често се употребуваат за ситуација во која некоја амбициозна личност го отфрла моралниот интегритет за да постигне моќ и успех: поговорката „Договор со ѓаволот“.
Фауст од првите книги, како и балади, драми, куклени претстави, е неотповикливо осуден, бидејќи претпочита човекот да го проповеда знаењето. „Тој го положи Светото писмо зад вратата и под клупата, и одбиваше да го нарекуваат доктор по теологија, туку доктор по медицина.“
Драмите и комичните куклени претстави засновани според оваа легенда биле популарни низ Германија во 16 век со претставување на Фауст и Мефистофел како ликови за вулгарна забава. Приказната станала популарна во Англија благодарение на Кристофер Марлоу (Christopher Marlowe) кој ѝ дал класичен третман во неговата претстава „Трагичната повест за животот и смртта на доктор Фаустус“. Во преработката на приказната од страна на Гете, 200 години подоцна, Фауст станува незадоволен интелектуалец кој копнее за „повеќе од обично месо и пијалак“.
Краток преглед на приказната
И покрај неговата научна успешност, на Фауст му е досадно и е разочаран. Тој решава да го побара Ѓаволот за да добие понатамошно знаење и магични моќи со кои ќе се препушти на сите задоволства и знаења на светот. Како претставник на Ѓаволот се појавува Мефистофел. Тој прави договор со Фауст: Мефистофел ќе го служи Фауст со неговите магични моќи за одреден период (години), но на крајот од тој период, Ѓаволот ќе ја земе душата на Фауст, и тој ќе биде вечно проколнат. Во првите приказни, овој период траел 24 години.
За време на договорот, Мефистофел му служи на Фауст на различни начини. Во многу верзии од приказната, посебно во драмата на Гете, Мефистофел му помага на Фауст да заведе една прекрасна и невина девојка Гречен (Gretchen), чиј живот на крајот ќе биде уништен. Сепак, невиноста на Гречен ќе ја спаси на крајот, и таа ќе отиде во рајот. Во препевот на Гете, господовата милост го спасува Фауст преку неговиот постојан стремеж - во комбинација со одбраните на Гречен кон Господ во форма на Вечната Жена.
Сепак,во првите приказни, Фауст е неотповикливо корумпиран и верува дека неговите гревови не можат да се простат и кога целиот период ќе пројде, ѓаволот го праќа во пеколот.
Ликот на Фауст во книжевноста
Првата книга за Фауст потекнува од 1587 година, а била испечатена во Франкфурт на Мајна. Во неа се опишани разни случки на Фауст што ги запишале студентите од Универзитетот во Витемберг, како: „како тој му се продал на ѓаволот... какви чудни авантури доживеал во тоа време, и на крај ја добил заслужената награда“. Збирката со доживувањата на Фауст првобитно била напишана на латински јазик (1570), а потоа била преведена на германски, под насловот „Историја за докторот Фауст“ (Historia von Doktor Fausten). Основната цел на книгата била да им се влее страв на христијаните од какво и да било прекршување на религиозните норми, а таа доживеала голем успех така што во текот на една година се појавиле дури пет изданија.[1]
Во 1599 година, Георг Видман ја објавил својата обемна книга за Фауст (671 страници in quarto) со наслов „Вистински истории за грозните и одвратните гревови и пороци, како и за многу необичните и чудните авантури на докторот Јохан Фауст“. Нејзината цел била да го пропагира лутеранското учење како одбрана од ѓаволот, така што таа е подидактична во споредба со претходната и во неа не се раскажува за научните и љубовните авантури на Фауст. Следната книга за Фауст се појавила во 1674 година, а нејзин автор бил Николаус Пфицер. Таа е значително пократка, а во неа како еден од смртните гревови на Фауст се споменува и љубовната авантура со една „прилично убава, но сиромашна девојка“. Новина во оваа книга е укажувањето на книгата за Хиоб, во која сатаната му предлага на бога да ја стави на проба верата на Хиоб, а овој мотив Гете го искористил во својот “Пролог на небото“. Имено, познато е дека во времето кога го пишувал прологот, Гете ја зел оваа книга од Вајмарската библиотека. Педесет години подоцна, во 1725 година, се појавила книгата „Човек што мисли христијански“ од анонимен автор. Таа е уште пократка од книгата на Пфицер, а во неа преовладуваат идеите од Просветителството.[2]
Во драмските дела, сижето за Фауст прв го обработил англискиот писател Кристифор Марлоу во делото „Трагичната историја на докторот Фауст“ (The tragical history of Dr. Faust) кое било премиерно прикажано во Лондон, во 1589 година. Неколку години подоцна, оваа драма била забранета, а како печатена книга се појавила во 1604 година. Во неа, Фауст е прикажан како Титан кој сака да ги скрши оковите на конвенционалното. На крајот од книгата, во еден монолог, Фауст се плаши од смртта и е готов да се покае, па дури и да ги изгори книгите со волшепства, а хорот ја предупредува публиката да го избегнува она што не го дозволува религијата. Сепак, на крајот, Марлоу го споредува Фауст со Аполон и го прикажува како слободен човек кој се стреми кон небото. На преминот од 16 во 17 век, еден англиски патувачки театар ја посетил Германија прикажувајќи ја пиесата за Фауст, која била упростена обработка на трагедијата на Марлоу. Така, познато е дека на 10 февруари 1608 година, оваа пиеса била прикажана во Грац, а во 1626 година во Дрезден. Потоа, во втората половина на 17 век, пиесата за Фауст се прикажувала низ целата Германија, и тоа во различни преработки, со цел да се задоволи вкусот на публиката, но и барањата на власта. Познато е дека една од овие верзии, Гете ја гледал во Франкфурт во 1768 година, а потоа и во Стразбур во 1770 година. Истовремено, низ Германија биле прикажувани куклени претстави кои ја обработувале легендата за Фауст, и тоа секогаш со релиогизоно-дидактичка содржина. Така, забележано е дека во 1666 година, во Линбурн била изведена една таква куклена претстава, при што таквите претстави биле чести во втората половина на 17 век, а се прикажувале и во XVIII век.[3]
Лесинг бил првиот германски писател кој се обидел да создаде драма за Фауст, но тој напишал само неколку фрагменти. Така, според нацртот на неговата трагедија, на крајот од драмата, еден ангел требало да им каже на ѓаволите: „Не славете, вие не ги победивте човештово и науката; божеството не му го даде на човекот најблагородниот нагон за да може засекогаш да го направи несреќен...“ Потоа, пред појавата на „Фауст“ на Гете, се појавиле и други дела кои го обработувале сижето за Фауст, како: „Јохан Фауст“ на Паул Вајдман (1775), „Фаустовиот живот“ на Фридрих Милер (само одделни сцени, 1776-1778), драматизацијата на темата за Фауст од Фридрих Шинк (1778-1804), „Доктор Фауст“ на Јулиус Хајнрих фон Зоден (1797), итн. Меѓутоа, ниту една од нив не претставува напредок во равојот на темата за Фауст, зашто тие го обработуваат проблемот на спасувањето на Фауст во религиозна смисла на зборот, што претставува враќање кон концепциите во книгите за Фауст од 16 век. Единствениот исклучок е романот „Животот, делата и патувањето на Фауст во пеколот“ на Фридрих Максимилијан Клингер, кој го искористува мотивот за Фауст за да даде социјална критика на тогашните општествени услови.[4]
Марловиот доктор Фаустус
Додека првиот џебен леток за Фауст кружел во Северна Германија, се појавил и во Англија каде што бил објавен англиски превод во 1592 година: Историјата на проколнатиот живот и заслужената смрт на доктор Фауст. Кристофер Марлоу го искористил ова дело како основа за неговата поамбициозна драма, Трагичната повест за животот и смртта на доктор Фаустус (објавена 1604 година).
Друга инспирација за верзијата на Марлоу е Џон Ди (1527 – 1609 година) кој практикувал форми на алхемија и наука и ја создал енокијанската магија (Enochian magic).
Фауст на Гете
Главна статија: Фауст од Гете
Најпознатото книжевно дело во кое се обработува легендата за Фауст е истоимената драма на Јохан Волфганг фон Гете во два дела. Составувањето на верзијата на Гете траело 60 години, а крајната верзија, објавена по неговата смрт, е призната како дело од голема важност во германската литература. Приказната ја обработува вербата на Фауст во неговата потрага по вистинската суштина на животот. Фрустриран од учењето и границите на неговото знаење, моќи и уживање во животот, тој го привлекува вниманието на ѓаволот (претставен преку Мефистофел) кој се согласува да му служи на Фауст сè до моментот кога тој ќе ја достигне кулминацијата на човековата среќа - момент во кој Мефистофел може да ја земе неговата душа. Фауст е задоволен со договорот и верува дека овој момент на кулминација нема да дојде.
Фауст во уметноста и во популарната култура
- „Песни за Фауста“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[5]
- „Сцена од Фауст“ — песна на рускиот поет Александар Пушкин.[6]
- „Доктор Фаустус“ (Dktr. Faustus) - песна на британската рок-група Фол од 1986 година.[7]
Наводи
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 232.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 232-233.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 233-234.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 234-235.
- ↑ Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 102.
- ↑ A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 119-123.
- ↑ Discogs, The Fall – Bend Sinister (пристапено на 8.10.2020)
Надворешни врски
- Faust Study Guide
- The Faust Tradition from Marlowe to Mann, California State University, Chico Архивирано на 6 февруари 2006 г.
- Pacts with the Devil: Faust and Precursors Архивирано на 13 јуни 2005 г.
- E-texts:
- Faust by Johann Wolfgang von Goethe на Проектот „Гутенберг“
- Tragical History of Dr. Faustus на Проектот „Гутенберг“ (Quarto of 1604)
- Tragical History of Dr. Faustus на Проектот „Гутенберг“ (Quarto of 1616)
- At Projekt Gutenberg-DE:
- Faust full text in German and English side-by-side Архивирано на 31 март 2013 г.
- Marlowe's Dr. Faustus
- Jan Svankmajer's Faust
- The Pre-Death Thoughts of Faust Архивирано на 16 ноември 2016 г. by Nikolai Berdyaev
- A wiki page about Faust Архивирано на 4 февруари 2012 г.. Includes scene by scene commentary.
- Did Coleridge translate Goethe's Faust? An article by Kelly Grovier in the Times Literary Supplement
- For a free public domain copy of the work by Goethe from Project Gutenberg
|