[go: up one dir, main page]

Излачување (екскреција) — процес при кој се отстрануваат штетните или непотребни материи, наречени лачевини или екскрети надвор од организмот. Растенијата и животните се сосема различни во поглед на тоа како ги третираат екскретите и како ги излачуваат. Органските материи во клетката постојано се разложуваат во присуство на кислород, при што се добива јаглерод диоксид, енергија, вода и штетни материи, кои ако не се отстранат од организмот можат да предизвикаат труење. Такви материи се разни соли растворени во вода, мочна киселина, урејата, амонијакот и други. Овие материи ја сочинуваат мочта. Отстранувањето на штетните материи и водата (мочта) од организмот се вика лачење. Органите преку кои се исфрла мочта се викаат органи за излачување.

Органи за излачување кај безрбетници

уреди
  • Кај парамециумот непотребните материи што се создаваат при варењето, се исфрлаат преку целото тело, преку порите на клеточна мембрана или преку контрактилни вакуоли. Вакуолите имаат ѕвездовидна форма. Преку каналчињата на вакуолата во неа однадвор навлегува и излегува водата. На тој начин постојано се врши полнење и празнење на вакуолата, и исфрлање на непотребните материи. Поради тоа оваа вакуола е наречена уште и пулсативна вакуола.
  • Кај планаријата излачувањето се врши преку ситни собирни каналчиња кои се влеваат во два главни странични изводни канали, кои преку пори, ги излачуваат штетните материи од телото.
  • Кај прстенести црви излачувањето се врши преку мали парни цевчиња со отвори од страната на телото. Овие цевчиња се наречени левкасти цевчиња (малпигиеви). Цевчињата на почетниот дел се проширени и имаат трепки. Трепките ја тераат водата и штетните материи да влегуваат во цевчето, бидејќи треперат навнатре.
  • Кај членконогите во телесната празнина (мешето) има систем од цевки за излачување, наречени малпигиеви садови. Преку малпигиевите цевчиња мочта се влева во задното црево и заедно со изметот се исфрла надвор.
  • Мекотелите имаат органи за излачување - бубрези. Бубрезите се изградени од каналчиња кои на почетниот дел се проширени во вид на инка со трепки. Сите каналчињата завршуваат со еден заеднички отвор кој се наоѓа меѓу стапалото и трупот.

Органи за излачување кај рбетниците

уреди

Kaj ’рбетниците, штетните материи и водата се излачуваат преку систем на органи за излачување и тоа: бубрезите, мочоводите, мочен меур и изводен мочен канал.

Сите ’рбетници немаат ист систем за излачување. Кај рибите системот за излачување е претставен со парни бубрези сместени од двете страни на ’рбетот, како две издолжени ленти со темноцрвена боја. Секој бубрег преку мочоводен канал е поврзан со мочниот меур. Преку изводен мочен канал мочта се исфрла надвор низ отвор кој се наоѓа зад аналниот отвор. Органите за излачување кај водоземците, влекачите и птиците се слични како кај рибите. Кај овие групи животни, бубрезите се пократки и истите немаат мочен меур. Преку мочоводните канали мочта се исфрла во клоаката кој е проширен заден дел на цревото. Мочта заедно со изметот се исфрла надвор. Цицачите имаат најсложен систем за излачување.

Бубрегот има форма на гравче со темноцрвена боја. На вдлабнатата страна се гледаат два крвни сада и излезот на мочоводот. На надолжниот пресек на бубрегот однадвор бубрегот е потемен и има зрнеста структура. Тоа е бубрежната кора. Тие ситни зрнца се наречени нефрони или малпигиеви телца, кои се богати со крвни капилари. Малпигиевите телца продолжуваат во малпигиеви цевчиња кои се групираат и формираат од 10 до 12 бубрежни пирамиди. Бубрежните пирамиди го формираат вториот слој на бубрегот наречен бубрежна средина. Третиот слој на бубрегот е празнина со неправилна форма и жолтеникава боја, наречен бубрежно легенче.

Во нефроните телца и цевчиња се врши цедење и прочистување на крвта при што се создава мочта, која се собира во бубрежното легенче и преку мочоводите се спроведува во мочниот меур. Од мочниот меур преку изводниот мочен канал се исфрла надвор.

Мочта е жолтеникава течност со солен вкус и непријатен мирис кој доаѓа од растворениот амонијак и други штетни материи. Дел од штетните материи и водата кај цицачите се исфрла и преку кожата како пот. Потта има сличен состав како мочта.