[go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

A-hа

Од Википедија — слободната енциклопедија
a-ha
a-ha на концерт во Мадрид во 2010 (од лево кон десно: Магне Фурухолмен, Мортн Харкет, Пол Воктор-Савој)
Животописни податоци
ПотеклоОсло, Норвешка
Жанрови
Период на активност
  • 1982 ― 1994
  • 1998 ― 2010
  • 2011
  • 2015―
Издавачи
Мреж. местоa-ha.com

a-ha (честопати погрешно напишана како A-ha) ― норвешка синтпоп-група основана во Осло во 1982 година. Групата ја основале Пол Воктор-Савој (гитара и вокал), Магне Фурухолмен (клавијатури, гитара и вокал) и Мортен Харкет (главен вокал); групата се прославила кон средината на 1980-тите. Нивни најголеми хитови се: Take On Me, The Sun Always Shines on T.V., The Living Daylights, Stay on these Roads, Crying in the Rain, Summer Moved On и Foot of the Mountain.

Историја

[уреди | уреди извор]

По распаѓањето на претходната група на Воктор и Фурухолмен, Bridges, тие ја преименувале групата во The Poem. Подоцна им се приклучил Харкет и со него основале нова група. Името „a-ha“ се однесувало на ран нацрт на песна на групата. Мортен Харкет го нашол насловот во тетратка на Воктор и го предложил како име за групата.[1] Членовите на групата се согласиле дека „а-ха“ е меѓународен израз со убаво значење, а името било кратко, лесно за изговарање и необично, и затоа го прифатиле.

Откако зедно снимиле неколку демо снимки, во јануари 1983 година групата заминала за Лондон;[2] таму тие потпишале договор за снимање со издавачката куќа WEA.

a-ha својот пробив на меѓународната музичка сцена го направиле со хитот Take On Me. На групата ѝ биле потребни неколку обиди пред песната да стане успешна; првата верзија на песната од пролетта 1984 година била продадена во само околу 300 примероци ширум светот. Овој сингл (плоча со првата верзија) и макси-синглот се сметаат за барани раритети меѓу нивните обожаватели. Светскиот успех на тројцата Норвежани дошол дури по третиот обид, што се должи на посебниот музички спот со Мортен Харкет и неговата подоцнежна девојка Банти Бејли,[3] кои се појавуваат во стил на анимиран стрип и кое било емитувано од музичкиот канал MTV. Спотот ѝ помогнал на групата да стигне до прво место на американската Билборд топ-листа. Во октомври 2003 година, гледачите на музичкиот канал MTV го избрале за едно од најдобрите десет музички спота на сите времиња.

Take On Me ѝ помогнало на групата да забележи трговски успех со нивниот прв албум Hunting High and Low од 1985 година. Албумот се искачил на прво место во нивната родна Норвешка, на второ место во Обединетото Кралство и на 15-то место на американската Билборд-листа за албуми; покрај „Take On Me“ на албумот се наоѓа и нивната исто така успешна песна „The Sun Always Shines on TV“. Групата била предложена за Греми-награда за најдобар нов изведувач. Hunting High and Low продолжил добро да се продава во Обединетото Кралство и следната година и таму станал еден од најпродаваните албуми за 1986 година.[4] [5]

Со нивниот втор албум Scoundrel Days, објавен есента 1986 година, групата успеала да го надгради својот успех во многу земји. Албумот според музичките критичари е таканаречен „чист“ студиски албум. Поради големиот успех им се пружила можност да ја отпеат насловната песна за филмот со Џејмс БондЗдивот на смртта од 1987, The Living Daylights. Во мај 1988 година, го објавиле Stay on These Roads, албум кој во голема мера го следел поп-стилот од нивниот деби-албум Hunting High and Low. Во октомври 1990 година, a-ha го објавиле албумот East of the Sun, West of the Moon, со кој отстапиле од поп мелодиите од нивните први албуми. На 26 јануари 1991 година, на концертот Рок во Рио II на стадионот Маракана, групата привлекла публика од 198 000 посетители и за овој факт е наведена во Гинисовата книга на рекорди за најмногу продадени влезници на рок-концерт. Во 1994 година, откако го објавиле нивниот петти студиски албум, Memorial Beach (1993), кој не бил трговски успешен како нивните претходни албуми, групата решила привремено да прекине со музиката.[6]

Во 1998 година, по заедничкиот настап на церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир, групата одлучила да издаде нов албум. Во 2000 година a-ha го објавиле нивниот шести албум, Minor Earth Major Sky, кој повторно се нашол на прво место на топ-листите во Норвешка и во Германија. По овој албум групата ги објавила и албумите: Lifelines (2002); Analogue (2005), кој бил сертифициран со сребрен тираж во ОК;[7] и Foot of the Mountain (2009), кој бил сертифициран со сребрен тираж во ОК и стигнал до топ-5 на листите во многу европски држави.[8]

По нивната светска турнеја Ending on a High Note во 2010 година, членовите на групата се разделиле,[6] [9] но повторно се обединиле во 2015 година и го објавиле нивниот десетти студиски албум, Cast in Steel.[10] За да ја поддржат продажбата на албумот, групата започнала турнеја и притоа учествувале на фестивалот Рок во Рио каде што го прославиле јубилејот за 30-годишното постоење на групата и на фестивалот.[11]

Групата објавила единаесет студиски албуми, неколку збирки и четири албуми во живо.[12] Нивниот последен албум True North, бил објавен на 21 октомври 2022 година. За помалку од една година, во текот на 2010 година, групата заработила околу 500 милиони норвешки круни од продажбата на билети за концерт и издавањето на албум со најголеми хитови, со што станале една од 40-50-те групи со најголема заработка во светот.[13] Групата има продадено (заедно албуми и синглови) преку 100 милиони примероци албуми и синглови (заедно).[14] [15]

Дискографија

[уреди | уреди извор]

Студиски албуми

[уреди | уреди извор]
  • Hunting High and Low (1985)
  • Scoundrel Days (1986)
  • Stay on These Roads (1988)
  • East of the Sun, West of the Moon (1990)
  • Memorial Beach (1993)
  • Minor Earth Major Sky (2000)
  • Lifelines (2002)
  • Analogue (2005)
  • Foot of the Mountain (2009)
  • Cast in Steel (2015)
  • True North (2022)
  1. a-ha – Die ganze Geschichte, Seite 23
  2. a-ha – Die ganze Geschichte, Seite 23
  3. SWR3 Täglich Pop: Предлошка:Webarchiv
  4. „Best-selling albums of 1986“. BBC. Посетено на 13 May 2008.
  5. „Allmusic: A-ha (Albums)“. AllMusic. Посетено на 25 March 2011.
  6. 6,0 6,1 „A-ha to break up after 25 years“. BBC. 15 October 2009. Архивирано од изворникот на 17 October 2009. Посетено на 15 October 2009.
  7. „Certified Awards Search“. British Phonographic Industry. Архивирано од изворникот на 11 May 2011. Посетено на 25 March 2011.
  8. „MusikWoche | Universal und MM Merchandising Media veredeln A-ha mit Platin“. Mediabiz.de. 25 January 2010. Архивирано од изворникот на 2010-08-01. Посетено на 4 October 2010.
  9. Michaels, Sean (16 October 2009). „A-ha to split after 25 years“. The Guardian. London. Посетено на 23 April 2010.
  10. „Cast in Steel Tour“. 4 September 2015. Архивирано од изворникот на 6 November 2015. Посетено на 4 September 2015.
  11. „Rock in Rio e A-ha se unem na celebração de 30 anos de ambos“. O Globo. 13 May 2015. Посетено на 13 May 2015.
  12. „A-ha - Music Norway EN“. Архивирано од изворникот на 5 November 2016. Посетено на 4 February 2016.
  13. „A-ha synger inn en halv milliard (A-ha singing in half a billion)“. Dagens Næringsliv. 18 September 2010. Посетено на 23 April 2019.
  14. „a-ha - Music Norway EN“. Musicnorway.no. Архивирано од изворникот на 5 November 2016. Посетено на 4 February 2016.
  15. „A-HA - THE SUN ALWAYS SHINES ON TV - The 2015 Nobel Peace Prize Concert“. Архивирано од изворникот на 2023-06-02. Посетено на 20 October 2019.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]